Премногу гласност, премалку разбирање во Северна Македонија

По едно предавање, додека луѓето полека си заминуваа, ми пријде жена што дотогаш беше тивка. Само рече: „Колку повеќе читам, толку помалку ми е јасно што навистина се случува“.

Во таа реченица има повеќе вистина отколку во многу подолги анализи за медиумите и довербата на јавноста. Не затоа што е драматична, туку затоа што е прецизна. Кажува нешто суштинско за времето во кое живееме. Не страдаме од недостиг на информации, туку од недостиг на ред, тежина и смисла меѓу нив. Не ни недостигаат гласови, туку разбирање.

Во Северна Македонија ова не е само медиумска тема. Тоа е прашање за квалитетот на јавниот простор. Во земја што предолго живее со недоверба, брзи мобилизации, чувствителни идентитетски прашања и дигитални реакции коишто се побрзи од размислувањето, медиумите не се само огледало. Тие се еден од начините на кои општеството учи што да смета за важно, кому да верува, кого да игнорира и од кого да се плаши. Во општества што носат недоразјаснети слоеви од блиското минато, јавниот јазик никогаш не е само прашање на стил. Од него често зависи дали разликите ќе останат подносливи или повторно ќе станат политички запаливи.

Простор без мерка

Проблемот денес не е во тоа што јавноста знае премалку. Проблемот е во тоа што премногу нешта ѝ се сервираат одеднаш, на ист тон и со иста претензија на итност. Политичар, портал, анонимен профил, партиско соопштение, „експерт“ за сè и сешто и по некој наслов скроен за кликови, сето тоа влегува во истиот кадар, како да има иста тежина.

Информацијата полека престанува да биде средство за ориентација и станува средство за преоптоварување. Наместо да помогне да се разбере, таа води кон замор, цинизам или автоматско навивање. Јавниот простор сè почесто личи на место каде што сите имаат микрофон, а речиси никој не чувствува обврска да внесе ред во кажаното.

Токму таму почнува вистинската работа на медиумите. Не како механички преносители на туѓи пораки, туку како место каде што некој ќе одвои важно од споредно, факт од наратив, објаснување од пропаганда. Медиумот што само го зголемува досегот на туѓата агенда, не ја информира јавноста. Само го зголемува метежот. А во општества што лесно преминуваат од недоверба во мобилизација, метежот никогаш не е само комуникациски проблем. Тој лесно станува политичка и општествена штета.

Ова кај нас има и своја историја. Медиумскиот пејзаж по независноста брзо се плурализираше, но истовремено и се распарчи. Големиот број медиуми, слабиот пазар и долготрајните политичко-бизнис врски, создадоа средина во која бројноста не значеше и квалитет. Подоцна, државното рекламирање во медиумите само ја зацврсти таа логика. Кога јавните пари почнуваат да ја наградуваат подобноста, новинарството лесно се лизга од информирање кон мобилизација.

Разгласување на стравот

Најголемата штета не се случува само поради очигледната пропаганда. Таа се случува и кога медиумите ќе се откажат од потешкиот дел од својата работа. Кога ќе престанат да проверуваат, да споредуваат, да прашуваат кому му користи некоја порака и што остава зад себе. Кога ќе се задоволат со голо пренесување туѓи изјави, без дистанца, без дополнителен увид и без чувство за последица.

Тогаш новинарството тивко се сведува на логистика, на пренос на пораки и дистрибуирање туѓи агенди, со привид на професионална неутралност.

Во земја како Северна Македонија, каде што 2001 не е само година, туку потсетник на вооружениот конфликт и на последиците што останаа по него, тоа особено се чувствува кога во јавниот простор повторно се отвораат чувствителни прашања за меѓуетничките односи. Охридскиот рамковен договор, потпишан за да стави крај на конфликтот и да постави рамка за порамноправно политичко и општествено учество, требаше да биде и основа за повеќе разбирање, а не за нови линии на недоверба. Но, начинот на кој со години се комуницираше за тие прашања, честопати недоволно јасно, недоволно инклузивно и без вистинска двонасочна комуникација со јавноста, остави простор тие теми да продолжат да живеат повеќе како политички симболи отколку како добро објаснети општествени процеси. Токму затоа, кога и денес повторно ќе се отворат, брзо излегува на површина колку малку навистина научивме да комуницираме за чувствителни прашања со мерка, контекст и свест за заедничкиот живот. Наместо објаснување, неретко добиваме скратени политички формули, а наместо разбирање на сложеноста, медиумски рамки што лесно се лизгаат кон етничко читање на секоја тема.

Во таков амбиент, недостигот на објективност не се препознава само во отворено навивање за една страна. Тој се крие и во уредувачките избори, во тоа што ќе се нагласи, што ќе се оттурне на маргините, кому ќе му се даде глас и чиј страв ќе се издигне до ниво на доминантна јавна слика. Токму таму најмногу се чувствува и отсуството на она новинарство што не распалува, туку разјаснува, известување што не ги зацврстува таборите, туку отвора простор да се види и другиот. Кога медиумите не ја познаваат или не ја живеат таа логика, секое чувствително прашање повторно станува лесно запаливо. Така, темите што бараат внимателна, јасна и одговорна јавна комуникација, не се отвораат за навистина да се разберат, туку остануваат заглавени во недоволно објаснување, во постојана недоверба и во можност повторно да бидат искористени за политички цели. А општество што предолго ги држи ваквите прашања во таква состојба, тешко гради доверба, дури и кога зборува за стабилност.

Притоа, зборовите не исчезнуваат брзо. Тие остануваат во воздухот подолго од самата вест и почнуваат да ја менуваат температурата на јавниот простор. Од нив зависи дали несогласувањето ќе се претвори во уште поголема оддалеченост или во нешто што може да се издржи без распад на довербата.

Оние што не влегуваат во кадарот

Проблемот не е само во тоа што се зборува премногу и прегласно. Проблемот е и во тоа што некои теми, искуства и луѓе речиси никогаш не влегуваат во полето на внимание.

Маргинализираните групи кај нас ретко се појавуваат во центарот на јавната дебата како рамноправни носители на став, интерес и политичко право. Кога се спомeнуваат, тоа често е како декор, како краткотрајна „чувствителна“ тема или како можност некој друг да ја демонстрира сопствената морална доблест. Ретко како луѓе со свое, неспорно, место во разговорот.

Тоа не е само прашање на застапеност, туку е и прашање на демократска зрелост. Јавен простор што не знае како да ги внесе тивките, оттурнатите и запоставените гласови во центарот на разговорот, порано или подоцна, останува заробен во сопствената тесна слика за општеството.

Кога медиумите не ја коригираат таа логика, туку ја повторуваат, тие не само што ја пропуштаат својата работа, туку и помагаат јавниот простор да стане потесен отколку што смее да биде.

Пораката не е исто што и комуникацијата

Тука доаѓаме до една од најупорните заблуди на нашето време, а тоа е дека комуникацијата е успешна ако е видлива, брза и добро спакувана. Но, не е така.

Пораката може да биде уредна, добро спакувана, а сепак суштински погрешна. Вистинската стратешка комуникација не се мери само по досегот, туку и по трагите што ги остава зад себе. Дали објаснува или само прикрива? Дали смирува или дополнително раздразнува? Дали вклучува или оттурнува? Дали отвора можност за разговор или ја затвора уште во првата реченица?

Во чувствителни општества институциите не можат да си дозволат да комуницираат само кога ќе избие криза. Не можат објаснувањето да го третираат како споредна работа, а недоразбирањето како нешто што однапред се прифаќа. Кога некоја одлука, закон или чувствително прашање не е објаснето со јасен, промислен и инклузивен јазик, се отвора простор за многу претпоставки, навреди, половични толкувања и туѓи политички интереси.

Добрата јавна комуникација не треба да личи на мегафон, туку на добро поставен мост, при што разликите не се укинуваат, туку не се дозволува да бидат причина за омраза и нетрпеливост. 

Истото важи за медиумите, институциите и политичките актери. Во општества што лесно се префрлуваат од разговор во мобилизација, добрата комуникација не е козметика, туку темел на јавниот живот.

Регион на висок тон

Ова не е само наша приказна. Регионот одамна ја научи оваа, лоша лекција. Кризата лесно станува политички амбиент, а вревата нејзиниот јазик. Кога јавниот простор ќе се навикне на постојана раздразнетост, дури и најразумниот разговор почнува да звучи како слабост.

Балканот одамна ја знае оваа замка. Знае дека секое затишје не значи и разбирање. Но, знае и дека секоја гласна дебата не е знак на здрава демократија. Понекогаш најголемата илузија е токму во гласноста, во впечатокот дека општеството зборува многу, а всушност сè потешко доаѓа до нешто што личи на заедничка смисла.

Токму затоа ова не треба да се сведе на уште една локална поплака за медиумите. Прашањето е многу подлабоко, а тоа е како да не се изгуби способноста за разговор во општества што предолго се хранат од врева, од постојана криза и од исцрпеност што веќе почна да се доживува како нормална состојба.

Јасноста како јавен интерес

Не мислам дека ни недостигаат канали. Никогаш не сме имале повеќе. Ниту, пак, дека ни недостигаат ставови. И нив ги имаме во изобилство.

Она што ни недостига е нешто многу потешко за создавање и многу полесно за уништување – комуникациска зрелост.

Недостигаат медиуми што нема автоматски да попуштаат пред притисокот за брзина и гласност и редакции што нема секоја тема да ја сведуваат на конфликт. Недостига и јавен сервис што нема само пасивно да ги следи поделбите, туку ќе внесува професионална мерка и стабилност. Недостигаат институции што ќе го сфатат објаснувањето како своја основна обврска. А најмногу недостига почит кон јавноста, не како кон маса што треба да се придвижи во посакуван правец, туку како кон граѓани што имаат право на јасност, контекст и достоинствен однос.

Жената што ја споменав на почетокот не побара многу. Не побара медиуми без став, туку нешто сосема разумно: по сè што гледа и чита, да ѝ биде појасно, а не помалку јасно.

Можеби токму тоа е наједноставниот тест за зрелиот јавен простор. Да не нè остава само вознемирени, туку и да ни биде малку појасно. Да не води само до реакција, туку и до разбирање. Да не биде само гласен, туку и одговорен.

Општествата не се трошат само кога ќе замолчат. Се трошат и тогаш кога зборуваат без мерка, без одговорност и без волја да го разберат другиот. Во таков јавен простор и минатото и сегашноста продолжуваат да работат против можноста за заеднички живот.

Автор: д-р Марина Тунева