Институции на културна меморија – практични проблеми

Вивидно се сеќавам на мојата посета во Музејот на техниката и морепловство во Малме (Teknikens och Sjöfartens Hus) во 2017 година. Брзо по посетата, средувајќи ги впечатоците, сфатив дека авторите на поставката имале одлична идеја како да ја испорачаат својата концепција и едукативно-дидактичка порака на самиот влез и така да го „дочекаат“ посетителот. Имено, на самиот влез на поставката, по минувањето на лобито и отворањето на однадвор едноставната минималистичка врата, се отвора огромниот галериски простор – всушност првото ниво од богатата поставка на машини, автомобили, бродови, подморници… репрезентации на влијанието на индустриската револуција во историјата на Шведска. Но, во левиот агол, веднаш до влезната врата, стоеше еден елемент кој може да се забележи само со аголот на окото, додека погледот е опиен со богатата поставка на крупни објекти фронтално од гледачот. Таму, во аголот, стоеше вајарско дело од бел гипс кое претставуваше симулација на познатиот старогрчки Дискоболос (фрлач на диск) – единствен елемент кој се издвојуваше и отскокнуваше од целата механизирана, скоро steam-punk, технолошка поставка. По завршувањето на мојата тура, и по „дигестирањето“ на одлично срочениот наратив на изложбата, суптилното присуство на естетски совршеното човечко тело во атлетска формација, поставено на почетокот на изложбата, започна да ми станува јасно: овој елемент не е таму за да предизвикува естетско блаженство, туку многу повеќе предупредување: предупредувачка приказна на европскиот/италијанскиот футуризам, опасноста од идеологиите кои ги следат процесите на технолошка модернизација, прогресивноста и суровоста на индустриската револуција, мачоизмот, фашизмот и слични идеологии според кои човекот-машина треба да уништи сѐ што отстапува од неговиот модел. Кога успеав да ја одгатнам таа порака бев воодушевена од концептот на авторите, од начинот на кој музејот ја формулирал својата порака; и дефинитивно, мене како економска историчарка на 20 век, оваа поставка сѐ уште ми е една од најдобрите кои сум ги посетила, иако професијата ми налага често поминување време во најразлични институции и „куќи“ на културната меморија.   

Всушност, кога сакаме да ги анализираме начините на кои музеите, или другите „куќи“ на (ре)презентација на културна меморија, ги „пакуваат“ своите државно-национални културни производи, или начините на кои тие успешно (или економски лукаво) го поврзуваат својот основен тематски наратив со едукативно-дидактичка, и (понекогаш) истовремено туристичка нишка, добро е да се знае од општа култура дека музеите се секогаш и идеолошки и политички институции, кои на многу начини влијаат врз официјалното формирање на идеи за светот и односите во него. Овој факт, може да се позиционира институционално-авангардно, кон создавање епистемолошки и методолошки базирани концепти и наративи, просветителски настроени кон посетителите; или институционално-ретроградно позиционирани, каде културните пораки свесно или несвесно мобилизираат одредени идентитетски целини или групи од населението, лишувајќи ги од универзалност. 

Да се вратам на практичниот пример од почетокот на текстот и да додадам уште еден – локален пример. Инспирирана од Музејот на техниката во Малме, започнав да размислувам за големите и неискористени потенцијали за слична музејска репрезентација на индустриското минато во македонскиот контекст: артефакти и објекти, курирани низ современа дискурзивна рамка, кои би покажале како на една постосманлиска почва се развивала модерна работничка класа – зарем не е тоа една одлична идеја за – ем музеолошки наративен исчекор (заради поврзувањето на македонската локална историја со транснационалната и универзалната историја на 20 век), ем културна трансформација, а со тоа и конечна заштита на стари објекти значајни за локалната историја.[1]

Но, ваквите „идеални“ мисли, често ми ги пресекуваше една друга музејска анегдота, овој пат од Скопје. За време на моите студии, во 2014 година, во рамки на практичната настава имав можност подетално да ја разгледам поставката на најновиот македонски музеј, кој тогаш го носеше називот „Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на Внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим“. За овој музеј може да се најдат бројни стручни и естетски анализи, особено во контекст на националниот проект „Скопје 2014“.[2] Но, со оглед на тоа што таков вид на анализи не се предмет на мојот текст, само би сумирала дека станува збор за музеј на „мрачна атмосфера“, чија наративна насоченост е кон мобилизација на националните идентитетски целини, низ користење на високо афективни визуелни алатки. Тоа значи дека доминира прикажување на националната пожртвуваност, но истовремено и историска супериорност на нацијата.

Еден дел од поставката ми остави особен впечаток. Главните скали во ентериерот, централно позиционирани по свечениот хол, водат до балконски изведено ниво (на кое се излегува всушност и по завршетокот на турата, т.е. на излезот од поставката)[3], каде беа поставени восочните фигури на неколку историски личности, меѓу кои Владимир Ленин, Јосиф Васарионович Сталин, Адолф Хитлер, Бенито Мусолини, како и, доста неочекувано во оваа низа, но можеби во согласност со „мрачната атмосфера“ на музејот, статуа на балканската јасновитка Баба Ванѓа. За фигурите, за нивната расположеност во просторот, како и за наративната кохезија на нивната поставеност едни покрај други, немаше достапно објаснување (панели или сл. насоки), како ни појаснување за логичниот след на нивната распореденост. Според затекнатата практика во тој момент, иако без никаква намера за генерализација на состојбата, водичите не посветуваа дополнително внимание со објаснувања за овие фигури (на балконот), туку сумарно ги објаснуваа како „личности кои го одбележале 20 век“, со просто наведување на нивните имиња. Од личното искуство стекнато во музејот, фигурите на Хитлер и Мусолини во овој дел, кај помладите посетители (средношколци и студенти) предизвикуваа особен интерес за сликање и неумесни коментари и гестикулации, искажани во самиот музеј, кои укажуваат на недоволно или неуспешно ниво на историска едукација, како комуникација на пораките.

Но, она што мене ми беше особено интересно е самото присуството на Баба Ванѓа помеѓу историските личности кои ја одбележале историјата на 20 век. Една можна порака е  асоцијацијата за историјата како апстрактен и спекулативен поим и појава (Историја со голем иницијал), која се наоѓа отаде рационалноста на научното разбирање на историските процеси (кое би требало да го промовира еден музеј базиран на извори и методологија). Друга можна порака е дека овие историски личности и сиот нивни историски и симболички капитал, од регионалната и европската историја (Хитлер, Сталин, Ванчо Михајлов….) се фатален производ на „божјо провидение“, а не на економски, политички, социјални и други фактори, кои постојат, но самите се подредени на „вишите сили“. Според тоа, самата научност на историјата (како академско поле, но и како цивилизациска појава) е ништовна, бидејќи секогаш постои друга, „вистинска“, „автентична“, „скриена“, „потисната“ Историја, која може да им се „обзнани“ само на оние кои самите се „чисти“ (првенствено национално) и (идентитетски) непорочни (од Западот, соседите, предавниците, заговорниците….).  Така поставена, (не)епистемолошката позиција на овој музејски концепт е всушност легитимна и таа како да порачува: „Официјалната (западно-хегемонска или пак, комунистичко-анационална) наука нешто од нас крие и краде, па ние тука сме „вистински“ научници, бидејќи го имаме потребниот „сензибнилитет“ да ја детектираме „вистинската“ вистина, како што Баба Ванѓа има моќ на предвидување“.

Последниот, локален, пример, не ме инспирираше како шведскиот пример, но можеби поважно – ме насочи кон размислување за практичните проблеми на институциите за културна меморија. А тие се секогаш поврзани со сложениот систем на дискурзивна размена, кој поврзува стручни институционални практичари, академски критичари, чинители за одржување на меморијалните локации, важноста на соработката и отвореноста на патиштата помеѓу граѓанските организации, активистите од областа на културните иницијативи и институциите, работните услови, политичките влијанија, но и способноста на кадрите да конципираат иднина на институциите (дигитализација, локална партиципација, овозможување топла атмосфера, т.е. олеснето користење на институционалниот простор за разни културни настани за возрасни групи од 7 до 77 години итн). Можеби локалните анегдоти се добри и за влечење на заклучокот дека (не)постоењето на еманципирачки и просветени институционални наративи за репрезентација на културната меморија, зависат исклучиво од политичката и социолошката позиционираност на културата, и тоа на извршното ниво во ланецот на креирање и спроведување политики.   

Сепак, сметам дека е потребно овој формат на текст да завршува на инспиративна нота. Уште повеќе ако притоа можам и да го потврдам заклучокот од претходниот пасус. Музејот на македонската борба во периодот 2018-2021 доживеа поголема трансформација, која најмногу се забележува во два аспекти: критичко интерпретирање на сопствената поставка; и отворање на музејскиот простор кон вариетет од настани поврзани со граѓански културни иницијативи. Во овој период беше променето и името, од долгиот наслов, во пократкиот „Музеј на макеоднската борба“. Во таа насока, моментално немам информации за присуството на восочната фигура на Баба Ванѓа во ентериерот на музејот и појаснувањата за нејзиното присуство во наративната рамка. Всушност, целта на таа трансформација беше политичка: новата власт во државата по 2017 година започна да воспоставува нова национална историска нарација, која целеше кон негирање и истиснување на претходниот етнонационален модел (спроведуван од претходната државна власт), и брзински го воспоставуваше граѓанскиот прозападен модел, што исто така не беше ослободено од контроверзни настани. Без навлегување во деталите од овој процес,[4] можеби поинтерсно е да се задржиме на стратегиите за соочување на музејот со „сопстевното минато“. Во новата наративна концепција еден успешен пример за самокритичност е дополнувањето на музејските содржини со теми, повремени изложби и научно-популарни активности од областа на историјата на жените од македонското минато.[5] Додека пак, во однос на процесите на отворање на музејскиот простор кон различни групи (граѓани, надвор од почетната целна група – етничките православни Македонци), еден од најуспешните примери во насока на тоа сметам дека е изведувањето на меморијален настан посветен на холокаустот на Ромите, во организација на граѓанска организација на Роми од Скопје во 2022 година.[6]

На крајот би додала дека за успешно решавање на „практичните проблеми“ за кои зборувам во овој текст, многу би било полезно враќањето на концептот за „општествен работник“ или „научен работник“. Тоа беше едно позитивно културолошко искуство од социјалистичкиот период и во нашата земја. Под тој концепт се подразбира дека овие работници, од сферата на науката или културата, не се просто академски или институционални научници, туку нивниот труд е свртен кон надвор, надвор од кабинетската работа, со активност во заедницата, во печатот, во јавниот простор… Секако, тој процес зависи од повеќе фактори: медиумите, образованието, културните политики… што се нови „практични проблеми“, за чие достојно решавање, сепак е потребна доза авангардност кај актерите и политичарите, никако конзервативност… колку и да е тешко и колку и да е опасна рекацијата, наоружана со силни post-truth-era алатки.

 Биографска белешка на авторката:

Ивана Хаџиевска е историчарка и независна истражувачка. Магистрирала (2021) во областа на економската историја („Човечката состојба на индустриските работници во Вардарска Македонија 1918-1941“, 2021). Нејзиниот истражувачки интерес е во областа на филозофијата на историјата и политиките на сеќавање.


[1] На 23 јануари 2022 година, во сѐ уште неразјаснати околности изгоре зградата на стариот млин во Битола. Станува збор за објект стар 120 години, изграден од османлискиот индустријалец Исмаил-бег, под името „Драгор“. Во оваа зграда со типична и ретко зачувана османлиска архитектура од крајот на 19 век, понатаму бил сместен социјалистичкиот житен гигант „Жито Битола“, с  до пропаѓањето на оваа фабрика во раните 2000-ти години. Со оглед на историјатот на зградата, таа претставувала репрезент на економската и социјалната историја на градот цели два века. Слична е судбината на неколку вакви исторски објекти во Македонија.

[2] Проектот „Скопје 2014“ беше спроведуван во Македонија од страна на демохристијанската и конзервативна партија ВМРО-ДПМНЕ на власт, под раководство на тогашниот премиер Никола Груевски, во периодот 2008-2017 година

[3] Според еден новинарски напис, сцената е опишана на следниот начин: „Главните скали за посетителите водат кон втори кат, кон восочни фигури од низа светски историски ликови, а со животен век низ 19 и 20 столетие. Тука ќе ги видите Абдул Ахмед Втори и првиот руски премиер Владимир Ленин. Потоа, основачот на Албанската православна црква Фан Ноли, српскиот социјалистички политичар, новинар и професор Коста Новаковиќ, може да се забележат и фигури на Георги Димитров, Вудроу Вилсон, Маркос Вафијадис, па сè до Баба Ванѓа, Цар Борис Втори и Винстон Черчил. Ако на некој му паднат во очи мустаќите и лулето на Јосиф Сталин, друг сигурно ќе помисли дека Бенито Мусолини и Адолф Хитлер се караат со размавтани раце. Всушност, си даваат нацистички поздрав.“ Бојан Шашевски, „Репортажа: Два историски музеја лево од Вардар – два музејски света, раскош наспроти ерозија!“, МКД.мк, 29 јули 2016. Достапно онлајн: https://www.mkd.mk/makedonija/politika/dva-istoriski-muzeja-levo-od-vardar-dva-muzejski-sveta-raskosh-nasproti-erozija#1

[4] Ивана Хаџиевска. 2020. „Културни и религиски линии на раздвојување на етничките Македонци:

Симболичките поделби во два современи проекти на национална изградба“, во Ние наспроти другите: Симболички поделби во Северна Македонија, ур. Јован Близнаковски и ПетарТодоров, стр. 21-43. Скопје: Центар за истражување на национализмот и културата. Достапно онлајн: https://cinikskopje.files.wordpress.com/2020/11/e-d0bad0bdd0b8d0b3d0b0-d09dd0b8d0b5-d0bdd0b0d181d0bfd180d0bed182d0b8-d094d180d183d0b3d0b8d182d0b5-d0a6d098d09dd098d09a-2.pdf

[5] Примери: „Жената борец за слобода и македонска држава“. Изложба за македонските хероини, истакнати жени за време на Народноослободителната борба (по повод празникот за македонското националноослободителнбо востание 11 Октомври, во 2022 година); Мултидимензијалниот проект „Неколку нијанси женски приказни/Project Several Shades of Women’s Stories“, кој се состои од истражување и објавување едукативни видеа за истакнати жени во македонската историја, а може да се погледне на официјалниот youtube канал на музејот: https://www.youtube.com/channel/UCn6q7IJheJyFRhePlkFmyhg

[6] Радио МОФ.мк „Изведба на шест драмски дијалози „Нацистички остатоци“ во музејот на макеоднската борба“, 23 август 2022. Достапно онлајн: https://www.radiomof.mk/izvedba-na-shest-dramski-monolozi-nacistichki-ostatoci-vo-muzejot-na-makedonskata-borba/