Само краток поглед на достапните податоци во врска со антивоеното движење за време на распадот на Југославија, помеѓу 1991 – 1999 година, ќе нѐ натера да заклучиме дека, во најголем дел, тоа било иницирано и спроведено од жените.
Во поддршка на ова тврдење, вреди да се истакнат жените кои заслужуваат да бидат именувани, не само како антивоени активисти, туку и како оние кои биле – а некои и сè уште се – водачи на граѓанските организации кои во 90-тите години на минатиот век го градеа антивоеното движење. Во овој текст, накратко ќе именуваме неколку жени кои формираа антивоен отпор во Србија:
Весна Пешиќ[1], во тоа време веќе истакната јавна личност, беше коосновач на Центарот за антивоена акција во 1991 година; Сташа Зајовиќ[2] беше коосновач на Жени во црно во 1991 година, и што е уште поважно, до денес останува нивниот spiritus movens; Наташа Кандиќ[3] го основаше Центарот за хуманитарно право за документирање на воени злосторства во 1992 година, а во 2008 година ја иницираше Регионалната комисија за утврдување факти за воените злосторства (РЕКОМ); Лепа Млаѓеновиќ[4], по повеќе од една деценија неуморен активизам во 1993 година стана коосновач на Автономниот центар за жени за борба против насилството врз жените; во 1994 година, Соња Бисерко[5] го основаше Хелсиншкиот комитет за човекови права; на 1 јануари 1995 година Борка Павичевиќ[6] симболично ја организираше првата деконтаминација и со тоа се иницираа огромен број активности на Центарот за културна деконтаминација; во 1995 година Јелена Шантиќ[7] ја формира Група 484 за помош на толкавиот број бегалски семејства и повеќе; Билјана Ковачевиќ Вучо[8], по активното учество во Центарот за антивоена акција и во Хелсиншкиот комитет за човекови права, во 1997 година го иницира Адвокатскиот комитет за човекови права (ЈУКОМ).
Она што е важно, за што сигурно би инсистирале и именуваните жени тука, е дека движењето не само што вклучуваше, туку и многу се потпираше и на многу други жени чии имиња сè уште треба да испливаат на површина. Од друга страна, имаше жени кои не ги водеа организациите, но играа значајни улоги во многуте антивоени иницијативи од 90-тите години на минатиот век, како активистки, новинарки, писателки, теоретичарки, историчарки, да именувам неколку: Билјана Јовановиќ[9], Жарана Папиќ[10], Светлана Слапчак[11], Латинка Перовиќ[12], Оливера Милосавлевиќ[13], Дубравка Стојановиќ[14], Мирјана Миочиновиќ[15]… Други жени, кои иако не беа на лидерски позиции, оставија свој карактеристичен белег во антивоениот активизам. Еден таков случај е Неда Божиновиќ, партизанка од Втората светска војна, која на 70-годишна возраст им се придружи на Жени во црно за активно да учествува во антивоените и антимилитаристичките протести.
Оваа генерација на жени го посветија својот активизам на спротивставување на политиката на српската влада чија цел беше започнување на војна. Тие застанаа и без страв и жестоко се спротивставија на национализмот, милитаризмот, војната, воениот рок, како и на воените злосторства, масовните силувања, концентрационите логори и етничкото чистење. Сите овие жени дадоа сѐ од себе за да ги минимизираат и намалат ефектите од овие политики на злото. Она што исто така беше заедничко за сите нивни активности е нивното одбивање да бидат ограничени со какви било граници на земјите наследнички на Југославија. Напротив, овие граници беа предизвик со кој се соочија, и покрај воените операции, целосно посветени на своите цели. Додека ги преминуваа границите, тие склучија сојузи со активистки од Хрватска, Босна, Косово и од Црна Гора.
Во некои случаи, покрај јасните антинационалистички и антимилитаристички ставови, нивниот активизам беше цврсто втемелен и во феминистичката перспектива – Сташа Зајовиќ, Лепа Млаѓеновиќ, Жарана Папиќ, Светлана Слапчак. Сите овие жени се оние кои треба да бидат препознаени како лица кои создале паралелна историја во 90-тите, иако секоја на свој начин. Ова е особено важно за оние кои повеќе не се со нас и чие несомнено важно наследство треба дополнително да се истражи и забележи: Борка, Јелена, Билјана, Жарана, Неда, Оливера …
Објаснувањето за тоа зошто жените играле клучна улога во антивоеното движење во 90-тите може да се заснова на познатиот стереотип – кој е теоретски невалиден, колку што е и политички опасен – дека жените „по природа“ се грижливи миротворци. Ова нѐ води во есенцијалистичка стапица. Или, за поткрепување на објаснувањето би била потребна сложена, длабока социјална и политичка анализа зависна од контекстот, анализа што допрва треба да се разработува. Еве, можеме само да понудиме груб преглед за да може ова објаснување подоцна да се расплетува. Прегледот прво би ја следел општата насока на процесот на социјализација на жените, и второ, би било многу важно понатаму да се развива конкретна анализа на условите што ја обликуваа таа социјализација во периодот на одредена рамка на реалниот социјализам во Југославија. Тоа беше периодот кога, веднаш по Втората светска војна, жените во Југославија беа вклучени во образовниот процес en masse, стекнаа економска зависност, започнаа да ја совладуваат политичката писменост, и добија шанса да одлучуваат за сопствените тела.
Потоа, генерацијата на нивните ќерки се соочи не само со распадот на Југославија, туку и со формирањето на земјите наследнички во бруталните војни во 90-тите години, додека тие се собираа околу антивоеното движење. Иако останува фактот дека жените беа тие што го организираа и одржуваа ова движење, имаше и други значајни иницијативи, кои не беа предводени само од жени, туку каде што жените учествуваа, како што е Белградскиот круг.
Еден од клучните настани што го илустрираше континуитетот на антивоеното движење од 90-тите години на минатиот век, неговата југословенска рамка и неговиот белег на генерациите, се прелеа во следните децении и наредниот век. Сите нивни активности беа кристализирани во Женскиот суд што се одржа во Сараево во мај 2015 година. Беше организиран од Жени во црно, низ комплексен процес кој траеше неколку години, и се темелеше на сведоштвата на жените за злосторствата што ги преживеале во 90-тите години на минатиот век. Тоа сега останува наследство на оваа генерација на активистки против војната.
Три децении по започнувањето на првата војна – во Словенија, наместо да се соочи со одговорноста за војните во кои Србија активно учествуваше, пошироката јавност ги дознава, односно ги разјаснува настаните уште помалку. Новите генерации растат, а образовниот систем и медиумите континуирано презентираат извртени факти и националистички наративи. Кога читаме или слушаме активисти од 90-тите години на минатиот век, можеме да разбереме дека отпорот кон национализмот и војната бил токму процесот преку кој тие станале активни граѓани. Дополнително, активистите и истражувачите, претежно од граѓанското општество, продолжуваат да ја истражуваат, документираат и потсетуваат јавноста на воените злосторства, и што е уште поважно, на поширокиот контекст што доведе до војните. Многу од овие активисти и истражувачи се жени кои припаѓаат на различни генерации.
Даша Духачек е една од ко-основачите на Центарот за женски студии во Белград. Таа е основач и долгорочен директор на магистерската програма за родови и женски студии на Универзитетот во Белград и ко-директор на курсот Феминистичка критичка анализа на Интер-Универзитетскиот центар (ИУЦ) во Дубровник. Предавала на Универзитети и дома и во странство, водела истражувачки програми и организирала голем број на меѓународни и локални конференции. Таа е активист на движењето „Жени во црно“ и била активен учесник на женскиот суд. Нејзини полиња на истражување се феминистичката политичка теорија и филозофија, особено прашања од одговорност и политичката теорија на Хана Арент.
Наѓа Духачек е феминистичка едукаторка, истражувачка и активистка. Таа има завршено студии на Југоисточна Европа на Американскиот универзитет во Бугарија и има заедничка магистерска диплома по студии за жени и родови студии (програма ГЕММА) на Универзитетот во Гранада и Институтот „Studiorum Humanitatis“ од Љубљана. Од 2016 година, таа е образовен координатор во Центарот за женски студии во Белград. Меѓу другите публикации, таа била коавтор на „Партизани до домаќинки: претставување на жените во југословенското кино“ со Маријана Стојчиќ.
[1] https://www.danas.rs/ljudi/vesna-pesic-vecita-buntovnica/
[2] http://zeneucrnom.org/sr/cv-stasa-zajovic
[3] http://www.hlc-rdc.org/?page_id=14390
[4] https://www.boell.de/en/navigation/awards-short-biography-lepa-mladjenovic-16215.html
[5] https://www.gresham.ac.uk/professors-and-speakers/sonja-biserko/
[6] https://pescanik.net/borka-pavicevic-1947-2019-skica-za-biografiju/
[7] http://fjs.org.rs/biografija/
[8] http://www.hlc-rdc.org/?p=13061
[9] https://www.danas.rs/nedelja/biljana-jovanovic-buntovnica-s-razlogom/
[10] https://www.zenskestudie.edu.rs/biblioteka/legat-zarane-papic
[11] https://www.laguna.rs/a1437_autor_svetlana_slapsak_laguna.html
[12] http://www.gariwo.org/bs/stranice/latinka-perovic
[13] http://www.f.bg.ac.rs/cv/MIOL_252.pdf
[14] https://yuhistorija.com/serbian/autori_stojanovic.html
[15] https://www.lupiga.com/intervjui/mirjana-miocinovic-ne-dopustam-da-se-neko-nedolican-koristi-imenom-danila-kisa-kao-svojom-zastavom