Блиски но непознати

Фотографија: Fahri Hiseni

Секогаш е тешко да се коментираат меѓуетничките односи во едно општество, особено кога се коментираат од балканска призма. Една од причините е историскиот контекст на државите што се дел од овој полуостров. Ако се осврнеме на далечното минато, во денешно време меѓу народите среќаваме различни апетити за ,,големата држава” која некогаш ја имале, и секако балканските соседи се виновни што денес таа идеа не им се реализира. Да го оставиме настрана далечното минато, блиската иднина не’ соочува со други шокантни настани, зборот ми е за војните и конфликтите меѓу различните етнички групи. Групи кои се дел од овие простори и постојано со години живееле во овие предели. Комбинирајќи ги овие две историски гледишта, неизбежно е ние како општество денес да не се соочуваме со нанесените последици. Исто така, овде вреди да се истакне избегнувањето на еден процес што во овој случај требаше да се спроведува во секоја балканска држава инволвирана во војни и конфликти. Зборувам за процесот на транзиција на правдата за која не се најде воља за истата да може да се спроведува. На пример, во нашата држава, пред не повеќе од 20 години имаше внатрешен конфликт меѓу два етникума (македонски и албански). До денес, за овој конфликт немаме епилог, имаме ограничени познавања од тоа што навистина се случило, 20 години нема стратегија како да се третира и лечи овој конфликт, но е оставено на слободно толкување од страна на народот, каде секој донесува заклучоци од своја гледна точка.

Ќе се обидам во текот на овој текст, на што пообјективен начин да ја прикажам големата слика за односите помеѓу двете најсензитивни етнички групи во Северна Македонија.

 Врз основа на резултатите од истражувањето ,,Меѓуетнички односи во Македонија” реализирано од македонскиот ценатар за меѓународна соработка, наоѓаме еден резултат кој во дневните политики не го добива потребното внимание. Цитирам:  Поголемиот број од граѓаните во земјава оценуваат дека меѓуетничките односи се од лична полза (78,4%) и во полза на Македонија (86,3%)[1]. Од овој резултат може да се констатира дека постои желба и воља кај граѓаните да се запознаат меѓу себе, да се отстранат пречките кои биле наметнати со години, да се зајакне меѓусебната комуникација и соработка, и да се зајакне меѓусебната доверба и почит. Во оваа насока потребна е поголема и посериозна посветеност од страна на власта. Моментално, најголеми промотори на меѓуетничките вредности во нашето општество се цивилните организации, меѓународните организации, странските фондации, но недоволно и самата држава. Застрамувачки за нас треба да бидат случаите каде еден млад од 15-20 годишна возраст, за прв пат комуницира со со негов врсник од друга етничка припадност, во една од обуките организирана од цивилните организации. Ова остава да се подразбере дека воспитно-едукативниот систем не поттикнува доволна соработка меѓу учениците и училиштата, ако се додаде овде и пристапот на еден голем број наставници по историја во основното образование, кои кога требаше да се учи за историјата на Македонија, таа тема се прескокнуваше, или обратно, учениците што следат настава на македонски јазик, се занемаруваат темите за албанската историја. Причината за кои што овие теми не се предаваат од страна на наставникот е дека такви содржини не се потребни!

Ќе споделам и еден резултат од претходното истражување кое ми ги потврдува горенаведените критики;

44,9 % од анкетираните од македонска етничка припадност изјавиле дека имаат предрасуди кон Албанците  и 26,5% од анкетираните од албанска етничка припадност изјавиле дека имаат предрасуди кон Македонците. Исто така, 45.4% од анкетираните Албанци немаат доверба кај македонскиот народ, додека од друга страна 43,3% од анкетираните Македонци немаат доверба кај албанскиот народ.[2]

Значи, реалната моментална слика е дека има предрасуди меѓу народите и постои недоверба меѓу нив. Најпозитевен дел од актуелната состојба е постоење на воља кај народот за да се направи чекор напред, за да се надминат негативностите, па затоа овој процес бара сериозен пристап од засегнатите страни.

Ние младите сме генерација која предрасудите и убедувањата сме ги наследиле воглавно од нашите родители и електронските медиуми. Особено медиумите често знаат да ни ги зацврстат предрасудите со сензационални наслови. Затоа, ако образовниот систем, локалната самоуправа, цивилните организации, и другите државни институции не нудат интегративна стратегија, заеднички програми за едукација и соработка, онлајн кампањи за подигнување на свеста, или не организираат различни интерактивни активности каде ќе можеме како млади да се запознаеме еден со друг и да научиме еден за друг, тогаш нашите предрасуди и убедувања ќе ги носиме со себе со години.

Образовните институции се главните кои треба да поттикнат промена во размислувањата и отстранување на предрасудите и ксенофобијата кај младите. За да се пристигне кај потребните резултати каде во една школска генерација учениците нема да се делат по етничка припадност, но напротив, ќе се зацврсти нивната врска, потребен е колективен ангажман на училишниот персонал на државно ниво и подршка од цивилниот сектор, локалната самоуправа, родителите и другите институции.

Од примерите што можат да се покажат како позитивна практика се заедничките наставни часови, каде еден наставен час се води во повеќе јазици и паралелно го следат ученици од различни етникуми како и заедничките активности реализирани од страна на ученици од партнер училишта.

Се надевам дека оваа иницијатива ќе има постојана подршка и зголемување на капацитетите за да се опфатат сите училишта во заеднички активности.

За жал и за среќа над 50% од населението во нашата земја се корисници на социјални мрежи. За некои, овие платформи се користат како подиум каде со или без нивниот идентитет имаат можност да споделат содржини со говор на омраза, да објавуваат провокативни карти и фотографии, да ги навредуваат другите националности со коментари како и многу други негативни појави.

Позитивната страна на оваа платформа е сензибилизација на младите со мировни пораки и натписи, овозможување простор за да се понуди решение за проблемите и недостатоците што ги имаме како општество, споделување на позитивни приказни кои можат да влијаат во подигнување на граѓанската свест, како и други можности што ќе вродат плод.

Свесни сме дека овој проблем бара повеќегодишно третирање и дека е процес што не може да заврши од денес за утре, но секое одложување и доцнење за решавање на ова прашање, го отежнува уште повеќе дијалогот и соработката меѓу заедниците во иднина.

Нашата можност за создавање сплотеност во целиот овој културен диверзитет што го имаме во општеството е наша најдобра вредност што може да им ја понудиме на другите.

Фахри Хисени е дипломиран правник на државниот Универзитет на Тетово. Осум години е мировен активист за човекови права и меѓуетничка интеграција кај младите. Тој е проектен асистент на Проектот „Меѓуетничка интеграција на младите во образованието“ и придонесува кон подобрување на интеретничката кохезија помеѓу младите преку градење и култвирање на демократски и граѓански вредности и однесувања. 


[1] https://mcms.mk/en/news-and-publicity/mcic-in-the-media/1131-megjuetnickite-odnosi-se-podobruvaat.html

[2] https://mcms.mk/en/news-and-publicity/mcic-in-the-media/1131-megjuetnickite-odnosi-se-podobruvaat.html