Транспарентноста на институциите во Битола се коригира кон подобро. Некои имаат портпароли, одржуваат пресови, добар дел од надлежните се достапни на телефонските повици од новинарите. Но, битката која сега им престои на новинарите е бараната информација да се добие брзо, уште истиот ден, бидејќи ова е време на електронски медиуми, и најважно е одговорот да биде целосен. Во тој поглед, и институциите и новинарите имаат уште многу заедничка работа.
Ова се дел од размислувањата на новинарите од Битола, град на југот од Република Северна Македонија, кој по Скопје се смета за еден од најважните упоришта на журнализмот во државата. Тука, и покрај тешките времиња за медиумите, успеаја да опстојат една телевизија, радио, пет весници, три портали и седум дописништва. Битола дала над 250 медиумски работници, а во моментов ги има педесетина.
Новинарите не се алатка за власта да владее
„За нас, важно е да разберат одговорните на институциите, без оглед на политичката партија од каде доаѓаат дека новинарите не се маша за манипулации или една од нивните алатки на владеење. Да бидат отворени, транспарентни и отчетни“, вели Анета Блажевска која веќе 22 години работи како новинар.
Во интервјуата спроведени со пет искусни новинари од Битола, кои со новинарство се занимаваат повеќе од две децении, оценуваат дека институциите сега за време на власта предводена од СДСМ (во последните три години) се потранспарентни за разлика од времето на ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016). Но, дека уште треба да се работи.
„Не знам дали постои сличен пример кај нас или во опкружувањето, во 21 век, за време на претходната локална власт во Битола, кога градоначалник беше Владимир Талески, јас не бев повикувана на прес конференции во Општината, ниту на останатите негови активности. Претпоставувам дека незгодните прашања, за кои градоначалникот и директно ме шиканираше со разни забелешки кога ќе ги поставев, беа причина за таквиот однос“, вели новинарката Емилија Мисирлиевска, дописничка на ТВ Телма.
Слично е и искуството на Блажевска со претходната локална власт. „Ме дистанцираа од сите настани на Општината повеќе од три години, заради мојот објективен и критички пристап кон работите и случувањата“, вели таа. За сегашната власт додава дека и покрај комуникацијата со некои портпароли се случува да не добие одговор на поставено прашање, со недели и месеци. „Едноставно за тоа што им одговара не ви пишуваат“, додава таа. Стевче Митревски, долгогодишен дописник на МТВ како класичен пример за нетранспарентен однос од претходната власт го посочува ЈП „Нискоградба“ кое избегнувало да му одговори на прашањата за работењето иако се финансира со пари од граѓаните. Мартин Николовски од Битола, студент по новинарство во Анкара, Турција, кој веќе работел во неколку медиуми во земјава, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги пред неколку години барал информација од јавен карактер и не ја добил, а годинава му била испратена за два дена.
ТВ „Тера“ од секоја институција од која побарале одговор, го добиле. Но, уредникот Стево Башуровски, искусен новинар, вели друго прашање е дали е тој целосен.
„Сегашната власт се обидува да ја подобри транспаретноста. Прашање е колку тие
податоци можат да најдат примена во време кога медиумите повеќе се занимаваат со тоа кој колку фстаци изел на државна сметка и од тоа се прави сапунска серија. Има подобрување во добивањето одговори, но кај јавноста се има впечаток дека се става
акцент на ситни политички финти, отколку на суштински промени“, вели Башуровски.
На незгодни прашања, секоја власт реагира исто-незгодно
Кога се во прашање незгодните прашања, новинарите се согласуваат дека политичарите од која власт и да се, реагираат исто, незгодно. Само едни се повоздржани, други побурни. Блажевска вели „или се лутат или одговараат со ароганција“. Мисирлиевска вели дека сите функционери незгодните прашања ги доживуваат лично. Новинарот Митревски дополнува: „Ако во моментот не реагираат, по настанот се информираат од кој медиум е новинарот“, а Башуровски: „Ако нештото не им оди во прилог, тогаш се обидуваат да ја свртат темата на своја воденица“. Николовски, пак, вели дека новинарите се кошмар за носителите на јавна функција, но за разлика од претходно кога беа јавно омаловажувани за поставување на незгодни прашања, денес надлежните одговараат на прашањата.
Новинарите од Битола многу потешко добиваат информации од институциите во главниот град, за разлика од колегите кои што работат во Скопје. Во Битола има над триесетина институции, дел општински, дел под капа на министерства, а само шест имаат портпароли. Децентрализацијата се спроведува со години, а институциите уште се централизирани. Кога новинарите ќе им се обратат за информација, ги препраќаат во Скопје. Од 16 министерства на своите интернет страници само МВР има објавено имиња на 17 портпароли и нивни мобилни телефони. Во останататите министерства најчесто одделението за односи со јавност има назначени лица за слободен пристап до информации, кои не се портпароли. Објавени се фиксни телефонски броеви и мејл адреси, а комуникацијата преку централа денес тешко се одвива.
Од триесетина институции во градот , само шест со портпароли
Комуникацијата е олеснета со Општина Битола, Рударско-енергетски комбинат, Сектор за внатрешни работи, Универизитет „Св. Климет Охридски“ и Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ и Центар за култура зашто таму има портпароли. Во интервјуата направени со нив, тие велат дека главна заложба им е вистината да не се премолчи.
„Вистината е единствениот начин за соочување со реалноста. Никогаш не ја премолчувам информацијата“, нагласува Методија Куновски, портпарол на РЕК „Битола“, каде долги години комуникацијата беше централизирана за разлика од сега. И портпаролката на Општина Битола, Емилија Сарафска, вели дека нема бегање од незгодни информации и прашања. „Секогаш, одредена информација може да не е во интерес на институцијата. Но, во секој случај, транспарентноста и вистинитоста на информацијата дадена во тој момент е подобра од секоја лага “, вели Сарафска.
Портпаролите имаат работно време во институциите, но тоа не важи за новинарите.
„Како институција МВР на новинарско прашање било да е телефонски побарано, на мејл, фејсбук или вибер, веднаш праќаме одговор, тековниот ден, за најкратко време доколку во барањето не се опфатени повеќе статистички податоци, кои во истиот момент неможеме да ги добиеме, но се трудиме за неколку часа или најдоцна наредниот ден“, вели Сања Стаматова , портпарол на СВР.
Портпаролите велат денес преовладуваат дезинформации и спинови. Куновски објаснува дека интересот за РЕК „Битола“ во јавноста, секогаш бил на високо ниво, но различните интереси во сложените општествено – економско – политички односи, не може и не треба да го диктираат дискурсот. Сарафска вели дека се случило новинарите да побараат одредено толкување, без да кажат дека токму тоа ќе го употребаат како наслов, кој алудира на нешто сосем друго. Ѝ се случило на новинари од Скопје да им каже дека градоначалничката нема термин во наредните два дена да ги прими, а тие да направат стенд ап пред Општина и да ја искритикуваат дека не ги примила.
Но, и новинарите и портпаролите признаваат дека целта им е заедничка, точно и проверено информирање на јавноста, па соработуваат за подобрување на состојбите. Освен на работните места, и во слободно време се дружат зашто како што велат сите излегле од новинарството каде лебот има девет корки (тешко се заработува).
Анализата е дело на новинарот Жанета Здравковска од Битола, која со новинарство се занимава дваесет години. Кариерата ја започна како новинар во локалните телевизии „Орбис“ и „Меди“, а потоа продолжи да работи како дописник за националните весници „Дневник“, „Вест“, „Утрински весник“ и „Радио Слобода Европа“. Сега е агажирана како новинар во локалниот портал Апла.мк и дописник на националниот портал Сакам дакажам.мк. Координатор е на Здружението на новинари за Битола и Прилеп и добитник на повеќе новинарски награди.