Процесот на транзициска правда и справување со минатото трае повеќе од дваесет и шест години. Сепак, се чини дека веродостојни информации за војната и за процесот на помирување меѓу земјите од регионот не им се достапни на младите во Србија. Соговорниците на Балкански перспективи се согласуваат дека институциите,заедно со медиумите, кои се главно пристрасни и на страната на доминантниот државен наратив кога известуваат за овие теми,сносат голема одговорност
Јелена Божиќ е млада новинарка. Справувањето со минатото често се појавува како клучна тема во нејзината работа. Таа вели дека нејзиниот професионален интерес за процесот на транзициската правда почнал да расте кога сфатила дека луѓето во нејзината околина имаат чувства на гнев, грижа, страв, па дури и омраза – чувства што таа не може да го разбере.
„Тоа беше моментот кога сфатив дека ако ние, кои сега сме живи, и кои сакаме да имаме мирен соживот, не направиме ништо за решавање на конфликтот и справување со минатото, тогаш никој нема да го стори тоа. Сфатив дека е невозможно да се промени минатото, но дека можеме и мораме да ја промениме иднината. За да се случи тоа, прво треба да се справиме со минатото“, нагласува Божиќ, додавајќи дека училиштата не ги учат децата за воената историја, а особено не за процесот на помирување.
Социологот Милош Перовиќ смета дека доминантниот наратив кога станува збор за справувањето со минатото во Србија е дека српското општество нема потреба да се занимава со минатото.
„Доминантниот наратив кога станува збор за справување со минатото во Србија (ако под тоа подразбираме справување со злосторствата извршени во името на „српската нација“ и „одбраната на српскиот народ“ во војните во поранешна Југославија) е дека справувањето со минатото не е неопходно. Србија, освен за кратко во првата деценија на овој век, целосно го игнорираше прашањето за сопствената одговорност за штетите направени за време на војната во поранешна Југославија“, вели Милош Перовиќ.
И покрај обемната архива на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, која содржи докази и факти за војната во Југославија, учебниците по историја во Србија и во другите земји во регионот не се во согласност со фактите утврдени од Трибуналот. Наместо тоа, се чини дека учебниците по историја ги отсликуваат доминантните наративи на општествата во регионот кои ги учат децата и младите невистини за минатото на нивните земји.
Главниот уредник на порталот „Фејк њуз трагач“, Стефан Јањиќ, смета дека информациите поврзани со 90-тите достапни во српските медиуми се „исклучително емотивни и пристрасни, дистрибуирани без посебен напор за подобро разбирање на минатото.”
„Дискусиите се сведуваат на неколку болни прашања, неколку воени злосторства и воени злосторници, па дури и тогаш нема искрена желба барем да се расветлат тие фрагменти, туку се одвива процес на толкување на историјата – според зборовите на Хрвоје Класиќ – исто како во супермаркет, каде што селективно ги избираме продуктите што нам ни се потребни, докажувајќи ја нашата посакувана теорија“, вели Јањиќ.
Милош Перовиќ вели дека нема прецизни податоци кога станува збор за достапноста на информации за младите во поглед на справувањето со минатото, но се чини дека достапноста на тие информации не е од корист за режимот во Србија.
„Сигурен сум дека не е во интерес на актуелниот режим во Србија да ги направи кредибилните факти за овие настани подостапни, бидејќи сегашниот режим го сочинуваат оние кои се одговорни за војната, и во идеолошка и во лична смисла,“ изјави Перовиќ.
Проектот „Дигитални генерации во борбата против опасните наративи во регионот“ на Независното здружение на новинари од Војводина и Здружението „Заборавени деца на војната“ имаше за цел да поттикне размена на информации и соработка помеѓу младите новинари од Србија и младите активисти од Босна и Херцеговина, кои работеа заедно на создавање медиумски содржини за процесот на справување со минатото и помирување во регионот.
Една од координаторите на проектот, Наташа Иванежа, вели дека постои надеж дека генерацијата млади која пораснала користејќи интернет е многу поподготвена да бара нови факти и да ги преиспитува веќе дадените, и покрај постојната индоктринација.
„Она што мислам дека е многу добро и оптимистичко е дека дури и ако се на некој начин индоктринирани од одредени наративи, тие се подготвени да ја слушнат другата страна; тие се подготвени да ги преиспитаат нивните верувања и длабоко вкоренети ставови. Секако, зборувам од моето искуство на работење само со одредени групи млади луѓе, па се поставува прашањето како им е на младите кои немаат можност да ја слушнат другата страна и чии извори на информации се пред сѐ училиштата и некои мејнстрим медиуми“, објаснува Иванежа.
Јелена Божиќ вели дека младите новинари кои се занимаваат со овие теми ја делат истата желба за општествени промени и имаат емпатија. Сепак, според нејзиното мислење, младите новинари често се откажуваат од овие теми затоа што тие често со себе носат безбедносен ризик.
Само за потсетување, графити со содржина на омраза се појавија кон крајот на 2020 година на зградата во која живее новинарот Динко Грухоњиќ. Тој посвети голем дел од својата новинарска кариера на транзициската правда и спротивставените националистички наративи. Всушност, тоа беше јасен знак дека оние чија работа е посветена на справувањето со военото минато од 90-тите не се добредојдени во јавниот дискурс на српското општество.
„Мислам дека проблемот е што работата на овие теми секогаш носи ризик. Секогаш ќе има некој што ќе каже дека сте на едната или на другата страна, дека сте предавник, а бевме сведоци на многу напади на новинари кои работеа на овие прашања, па младите новинари често ја избегнуваат темата за справување со минатото. Сигурна сум дека доколку навистина постоеја системи кои всушност се грижат за безбедноста на новинарите и доколку се посветеше повеќе внимание на оваа тема во текот на образованието, младите новинари ќе беа повеќе заинтересирани. Едноставно кажано – ако не требаше да размислуваат за тоа дали ќе бидат претепани или одвлечени во некој мрачен агол, затоа што напишале дека Ратко Младиќ е криминалец, а не херој, на пример“, вели Јелена Божиќ.
Наташа Иванежа нагласува дека е неопходно на младите да им се овозможи да посетуваат места кои се клучни за разбирање на историјата на нашите народи, но и да им се даде поддршка полесно да обработат сѐ што ќе научат.
„Она што се покажа како важно за нас е да организираме еден вид терапија со нашите млади учесници по посетата на Меморијалниот центар. Им беше даден безбеден простор да ги изразат своите чувства и размислувања за она што го доживеале таму, што значеше многу и за нив лично и за целата група бидејќи ги поврзуваше на подлабоко ниво“, вели Иванежа, додавајќи дека многу од нив продолжиле да ја следат темата за справување со минатото, било преку нивната новинарска работа или преку некој друг вид општествен ангажман.
Стефан Јањиќ смета дека публиката подобро реагира на сведоштва отколку на резимирани факти, па создавањето на такви содржини би можело да биде попривлечно за јавноста.
„Ако фокусот на содржината е, на пример, проценет број жени силувани за време на војната, многумина ќе изразат сомневања во точноста на тие податоци или ќе реагираат со цинични емотикони или можеби ќе остават навредлив коментар. Меѓутоа, ако пред себе имате сведоштво на жена која преживеала насилство, перспективата се менува: вие веќе не гледате статистички податоци, туку нечија вистинска болка“, објаснува Јањиќ, додавајќи дека „таков пристап бара многу храброст од преживеаните да се појават во јавноста и да ја раскажат својата приказна, свесни дека ќе има десетици бесчувствителни и злобни коментари по повод тоа видео или статија“.
Јелена Божиќ вели дека недостигаат содржини кои би им објасниле на младите зошто оваа тема ги засега и нив. Таа нагласува дека „приспособувањето на содржините на младата публика не значи банализирање на содржините, туку приспособување на темата во контекстот во кој моментално живеат младите“.
„Важно е на младите да им се објасни како минатото влијае на моментот во кој се наоѓаме. Важно е да се изрази на начин што е разбирлив за младите, користејќи форми што ги следат младите. Секогаш е добро кога сакаме да допреме до помладата публика, да ја вклучиме, да ја охрабруваме да размислува и да ги преиспита своите ставови, но исто така клучно е да не ги потценуваме“, заклучува Божиќ зборувајќи за Балкански перспективи.
Медиумите, граѓанското општество, институциите и сенките на сите оние кои не успеале во напорите за помирување, сега, без двоумење го препуштаат товарот од минатото на младите, бидејќи „младите се иднината“. Значи, можеби е време сите оние кои размислуваат, кои го оценуваат и анализираат минатото да го постават прашањето: што треба да направиме за да го спречиме? Време е всушност да ги прашаме младите: како да тргнеме напред од оваа рутина во која сме заглавени речиси триесет години?
Можеби, доколку еднаш ги запрашаме младите наместо да им ги сервираме соодветните, очекувани одговори, ќе го најдеме одговорот на прашањето која е нивната визија за мирна иднина. Младите сакаат да ја слушнат приказната за Сараево, градот чии булевари беа гранатирани и чии граѓани имаат најтопли насмевки. Сакаат да слушнат за Сребреница и Приедор, тивките градови кои сè уште стојат како сведоци на човечкиот срам. Сакаат да знаат за минатото на земјите кои некогаш стоеле обединети. Еден ден, овие млади луѓе гордо ќе кажат дека живеат во мир, мир што го замислувавме со децении. Затоа нека учествуваат во процесот на помирување што сега го предводите Вие, бидејќи тие ќе го наследат. Прашајте ги младите како сакаат да слушнат за минатото, бидејќи тие ќе продолжат да се справуваат со него.
Дивна Прусац моментално студира на Европската регионална магистерска програма по демократија и човекови права во Југоисточна Европа. Таа сака да ја продолжи својата кариера во насока на градењето на мирот бидејќи силно верува дека помирувањето и справувањето со минатото се од најголема важност за процесот на демократизација во регионот. Покрај дипломата како оделенски наставник, дипломирала и новинарство и работи како новинар веќе три години. Нејзината новинарска работа најмногу е фокусирана на прашања кои се однесуваат на транзициската правда и справување со минатото во регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на известувањето за правата на жените кои претрпеле сексуално насилство за време на југословенската војна.