Л А Б И Ј А
1991 година е. Уште не сум родена. Моите родители сѐ уште не се во брак. Косово минува низ голем историски и општествен распад. Косовските Албанци се исклучени од јавниот живот. Здравството, образованието и културата се префрлени во приватни простори. Сега, косовските Албанци мора да ги преиспитаат дури и нивните места за рандевуа, места за состаноци за радост и славење, тага и смртни бдеења. Длабоките човечки искуства од размената кои често се земаат здраво за готово сега мора да се мерат и да се џвакаат долго. Се поставуваат темелите на општеството на кое ќе му треба време повторно да го цени јавниот простор. Автономијата е потисната. Сегрегацијата е јасна. Моите родители беа живи и свесни низ некои од овие големи социјални попречувања. Овој пат ќе има војна.
Од оваа гледна точка, тешко ми е да поверувам дека обичен човек се подготвува за војна. Обичен човек никогаш не верува дека ќе се случи војна – дури и кога бомбите паѓаат од небо (според Славенка Дракулиќ). „Драга е душата“ – е фраза што често ја слушав додека растев. Во такви историски моменти, каде што социјалното исклучување на група се случува толку отворено од страна на надворешен непријател, луѓето кои се исклучени и угнетени се обидуваат да најдат ситни простори на слобода помеѓу. Животот продолжува да се случува, дури и во услови на ужас и страв. Луѓето се заљубуваат, се радуваат, луѓето се раѓаат и умираат дури и сред ужас и страв. Битката за опстанок не е линеарна – таа има облик и на жалост и радост, на танц, па дури и на размена на музички албуми. Затоа што во такви денови, секој ден, сите преживуваат, дури и оние кои не се свесни до кој степен има потенцијал да ескалира политичката ситуација. Луѓето наоѓаат начин. Секој на свој начин.
Во 1991 година, Шкумбин Криезиу беше студент на Правниот факултет и млад изведувач на забавна музика. Со исклучувањето на Албанците од јавниот живот сè требаше да се премисли. Некогаш прославен и наградуван пејач, сега тој и неговото семејство требаше да најдат свој начин на преживување. „Лабија“ беше обликот на опстанокот на Шкумбин и неговото семејство. „Лабија“, која стана икона во животите на луѓето во Косово во 90-тите и во животите на оние кои пораснаа веднаш по војната во ‘99 година во Косово.
Икона во смисла дека музиката, филмот и празничните изданија произведени и дистрибуирани од „Labia“ беа неколкуте „нормални“ размени во тие ненормални времиња и како такви, воспоставија референтна точка што не може да се надмине во денешно време додека се обидуваме да создадеме слика на ТВ продукцијата и забавната индустрија во земјава. „Лабија“ е продукциска куќа основана во Косово во 1991 година, во текот на мрачните години во 90-тите „Лабија“ произведуваше и дистрибуираше музика од различни жанрови, филмови и новогодишни празнични изданија, со музика и скици. „Лабија“ имаше три продавници во Приштина и дистрибутивна мрежа во Косово и во странство.
ГРЕШКА – ДЕФЕКТ НА ЛЕНТАТА
Има нешто, како „дефект на лентата“, што ме мачи додека ретроспективно ги гледам видеата произведени од „Лабија“ во 90-тите. Се чини дека тие спомени не се мои, како приказна на која не припаѓам. Но, јас бев дел од тоа. И знам дека многу млади луѓе од оваа земја беа дел од неа. “Хајде ме Шуплаке“од Ла Фазан е продукција целосно базирана на материјалите што тогаш би ги виделе преку продукциите на „Лабија“. „Хајде ме шуплаке“ не ми е нешто ново, ми предизвикува нешто во спомените што ми е познато. Затоа не можам да го сметам за ништо друго освен потреба на младински бенд да го поседува тој дел од нивната приказна. Да се сместат себеси во таа приказна каде што чувствуваме дека не припаѓаме.
Ја доживеав радоста на размената на видео касетите што ги наследивме од пред војната и станавме дел од семејните колекции во предвоените години. Живописни се битките што ние како деца ги водевме со возрасните да не слушаме песни, туку да ги гледаме скечовите. И многу добро се сеќавам на радоста кога еден од моите братучеди го имаше вториот, првиот или третиот дел од некое издание. „Јас го имам број 1, го имаш ли ти број 2“ не беше само размената, туку целото искуство на договарањето да се позајми касетата, да одиме да го избереме „делот што недостасува“ еден од друг и да се вратиме дома возбудени, да се собереме пред телевизорот за да го гледаме делот што недостасува. Со економската и социјалната ситуација веднаш по војната која беше повеќе од предизвик, претпоставувам дека би било премногу да очекуваме едно просечно семејство од тоа време да биде подготвено да ги потроши парите на забава, пари кои им се повеќе од потребни, за да купат три дела од видео лентите од тоа време.
Нешто од магијата на моето детство се измива кога Шкумбин во денешно време ми кажува дека поделбата на празничните изданија на „Лабија“ на три касети била прагматична и економска одлука бидејќи наместо да се продаде една видеокасета по пазарна цена, би се продавале три такви и производството на касети, што во тоа време беше реткост и мораше да се прави во фабриките во Србија и Хрватска, беше полесно кога филмот беше пократок. Сепак, неверојатно ми е познато чувството на разочарување.
Пораснав во земја каде што историјата се учи преку крајности и сè што е измеѓу, просторите каде всушност престојуваат човечката чувствителност и искуство, мора да поминат низ филтри на валидација да излезат на површина.
Не сакам да кажам дека е трагично да не се зборува или да се признае придонесот на една продукциска куќа која, сепак, имаше суштинско деловна природа, но трагично е што не успеавме да создадеме пријателска средина за да ги препознаеме и прифатиме човечките искуства, кои се таму, им се случуваат на многу луѓе надвор од потврдените историски кутии. И пред сè, треба да ги користиме како показатели токму за тоа – длабоко човечко искуство и чувствителност – што овде е слабо документирано.
„Лабија“ продуцираше нешто од сè во време кога шансите на луѓето да бидат изложени на културно и уметнички идентификувачки фигури беа ограничени, и во време кога изборот беше ограничен, бидејќи можностите за размена и изложеност, кои веќе беа оскудни, беа целосно негирани. Сепак, животот продолжи за луѓето, тие продолжија да имаат преференции за фолк, поп, рап, рокенрол музика, да организираат забави и собири, да гледаат филмови кои комуницираа со нивните искуства и пред сè, луѓето продолжија да имаат потреба да се смеат, можеби повеќе од кога било. И луѓето се смееја! Толку се смееја и продолжуваат да се смеат и денес со празничните изданија на „Лабија“ во 90-тите. Често кога седиме собрани околу маса кажуваме некој збор што е кажан во скечовите на „Лабија“. Често пееме песни од тие времиња кои сепак не се далеку. Всушност, за да се пристапи до спомените од тоа време, искуствата од тоа време, неизбежно е внимателно да се анализира „Лабија“.
НАМОТАНО НАПРЕД – 2023 година
2023 година е. Седам пред мојот компјутер од 2020 година и според денешните стандарди на технолошка потрошувачка и производство, ова е „застарен“ производ. Напредував навистина брзо од размена на видео касети на ДВД и ЦД-а сè до вештачката интелигенција. Пократко живеев во периодот на кога постоеше возбуда за размената на видео касети и подолго време во периодот кога не треба да искачуваш планини за да пристапиш до информации.
Денес Косово нема печатен весник. Затоа, верувам дека сум добро разбрана кога мислев дека е речиси невозможно кога Шкумбин ми кажа дека најголемиот маркетинг за продукциите на „Лабија“ во 90-тите се случувал во малите маркетиншки простори на печатените весници од тоа време, кои не биле евтини! Пораснав толку брзо низ сите овие технолошки достигнувања што се чувствувам како да не можам да апсорбирам сè одеднаш.
Сега, во моите постојани напори да го „поправам дефектот на лентата“ седејќи пред мојот компјутер, со внимание ги слушам песните на Арменд Реџепагиќ, Аделина Исмаили, Виолета Реџепагиќ и многу други кои станаа дел од нашето сегашно секојдневие. “Betohem në këngë“ (1998) на Арменд Реџепагиќ ме тера тотално хумано да посакам да бидам на местото на некого, кому во 1998 година, кога слободата е толку жесток сон, му се пее „Ми требаш како слобода“.
Можеби општеството тогаш не беше подготвено да се соочи со текстови како оние во „Mos me ndal “од Аделина Исмаили или целиот албум „Вивиен“ на Виолета Реџепагиќ. Но, вака се создаваат општествата, понекогаш со брзина на светлината, бидејќи понекогаш животот се случува на најнесоодветните места, како што би рекол Џејмс Болдвин.
Во денешно време, овие песни зборуваат поинаку за тоа време и за сегашноста. Овие песни во денешно време ги славиме не само како доказ за минатото туку и како нешто што е „лепак за лентата“ особено за нашите генерации кои не припаѓаат ниту на тоа, ниту на ова време. Значи, ни помага да ги пополниме празнините создадени од поларизацијата на историјата што направи „помалите“ приказни да бидат незабележани и нè натера често да се чувствуваме како нашите приказни од „сивата зона“ да не се достојни да бидат сопственост затоа што чувствувавме како да мораа да се натпреваруваат со екстремните поларитети на историјата на хероите и предавниците, на кои не мора да припаѓаме сите.
Продукцијата „Лабија“ ја запознав преку новогодишните празнични изданија, кои се нераскинлив дел од семејните спомени и повторно ја открив подоцна, кога личностите и песните што ги запознав преку „Лабија“ станаа икони на отпорот на нашето време, како Аделина Исмаили, чии песни ги слушам речиси на секоја парада на гордоста во денешно Косово. А, „Лабија“ можеби поставила одредени естетски основи за кои би можеле да разговараме и да ги превреднуваме, но не можеме да ја игнорираме документацијата и инклузивниот карактер на работата што е направена во тоа време на голем мрак.
На крајот од нашиот разговор, Шкумбин ми кажува дека војната се водела на два фронта: во одржувањето на животот на душата и преку отпорот на вооружените сили. За среќа, луѓето преживеаја дури и со пеење. И за среќа имаше песни и скечеви. „Во темни времиња / ќе има ли и песна? / Да, ќе има и песна. / За темните времиња“, велеше Бертолт Брехт.
Дали денес ни треба продукција и забавна индустрија чија мисија е да ја чува душата наместо да ја збогатува? Дали треба да ја потврдиме потрошувачката на уметничка продукција врз основа на критериумите дали таа ќе не насмее или не? Ова се отворени прашања за дискусија и размислување. Велам да, ајде да консумираме уметност за да се чувствуваме добро и да се смееме, но да се погрижиме и да ја препознаеме големата вистина меѓу нас дека општествените процеси со кои се соочуваат денешните општества, бараат уметничка продукција што ги пресекува маѓепсаните кругови на зоните на удобност, за соочување и поттикнување реакција, организација и свесност за поприфатливи, инклузивни и отворени општества.
*Оваа статија првично е напишана на албански јазик
Аурела Кадриу е социолог, истражувач и културен менаџер. Нејзините студии се фокусирани на меморијата и современата историја на Косово и земјите од поранешна Југославија. Нејзините студии поврзани со културата, меморијата, јавниот простор, родот и социо-урбанизмот се објавени во дигитални архиви, како и во форма на книги, статии, филмови и изложби. Таа моментално работи во Центар Мултимедија – независна културна организација која се фокусира на современиот театар и литература.