Градење меморија

Архитектурата на поствоени споменици на Балканот може да се опише како селективна меморија во материјална форма: таа, главно, одразува еднонационална перспектива за настанот што го овековечува, а токму тоа е активниот носител на продлабочување на поделбите и забавување на процесот на помирување. До 2016 година, постоеја 2.100 регистрирани споменици подигнати во сведоштво на цивилните жртви од минатата војна во Босна и Херцеговина (БиХ), кои се архивирани во Централниот регистар на споменици.[1] Од нив, само 2,85 проценти се посветени на страдањата со кои се соочиле разните етнички и религиозни заедници, што значи дека огромното мнозинство погрешно ги прикажува настаните. Тривијализацијата на минатото, со цел колективната меморија да се обликува во согласност со владејачките политички партии, претставува процес кој во текот на изминатите дваесет и четири години ја ограничува слободата на паметењето и кој создаде лажно, половно сеќавање кај поствоените генерации, кое е засновано на етнорелигиски национализам и кое се одликува со општ пад на културата и вредностите, како и на интелектуалните и професионалните стандарди.[2] Поврзаноста на падот на овие критериуми и подемот на етнонационализмот е видлив на сите јавни простори, особено во сферата на уметноста, која е неизбежно присутна во јавноста, како и во оваа област, каде што визуелната масовна манипулација во разни форми е целосно нормализирана со текот на времето.

Архитектурата на споменици постои во форма на споменици, музеи, скулптури, фонтани, извори, мостови и галерии – овие „носители“ на колективна меморија може да бидат грандиозни комплекси или мали, мермерни камења крај патот.

Архитектурата на споменици може да означува, да слави и да потсетува на разни настани и на учесниците во истите и, како и секој друг документ на цивилизацијата, останува исправена засекогаш, без оглед на намерата, како документ на варварство[3], посветен на историски момент во кој една страна победила, изгубила или минала низ некакво искуство. Од таа причина, естетиката на овие објекти мора да се валоризира во однос на нивната неизбежна важност како симболи. Најголемиот број поствоени споменици во Босна и Херцеговина ги црпат своите визуелни мотиви од религиозниот и етнонационалниот симболизам. Колективните идентитети кои се одраз на религиозна, етничка, национална и културна припадност се, речиси, синонимно материјализирани во спомениците и, во најголем број случаи, симболите на трите главни религии во Босна и Херцеговина се очевидни во објектите со архитектура на споменици. Притоа, делата на некои се извајани така што размерот, пропорциите и материјализацијата се користат исклучително како алатка за поголема видливост на пораката што сакаат да ја пренесат, па е земен предвид општествениот  контекст, односно она што сакаат да го пренесат, без да се води сметка за просторниот контекст. Суптилноста на изразот, современиот приод кон дизајнот или одликите чија цел е да се поттикне размислување и еманципација не се карактеристика на овие споменици – наместо тоа, тие се директно во служба на етнокултурната доминација. Овие минималистички (естетски) критериуми се возможни поради инерцијата на академската заедница и опаѓањето на професионалните стандарди, како и поради непродуктивните помлади генерации, кои се образувани во систем кој е набиен со истиот етнорелигиозен национализам во кој се отелотворени денешните споменици. Единствениот критериум за изградба на овие споменици е моќта на нивната политичка порака, а оние што ги нарачуваат се политичките структури кои имаат потреба од тоа да ја пренесат таа порака. Од таа причина, постои јасна и навремена врска: тендерите, плановите и разговорите за нови споменици се интензивираат токму пред изборите.

Постојат многу конкретни примери на проблеми со архитектурата на споменици. Еден таков пример беше одобрениот план за изградба на споменик посветен на ветераните на босанската полициска единица во сараевската општина „Центар“, во вид на поразен српски тенк, на кој силите на Специјалната единица ја прославуваат победата. Местото на поставување на споменикот беше прометен и атрактивен парк, веднаш до средното училиште. Дури и со минимална валоризација на овој проект, може да се увидат неколку недостатоци. По незадоволството во јавноста, главно, поради близината до училиштето, проектот беше суспендиран, иако мотивите ниту беа евалуирани, ниту јавно презентирани на соодветен начин. Во исто време, во оваа општина се планираше изградба на споменик во вид на џиновски, 20 метри висок крин, по нарачка на Компанијата за надзор на изградба на патишта и на непозната локација, што ќе рече дека просторниот контекст бил целосно занемарен во процесот на проектирање. Уште попознат пример е Милениумскиот крст, колосален споменик на болката и страдањето на граѓаните на Мостар. Тоа е најголемата религиозна структура во Босна и Херцеговина, а нејзината локација, за разлика од оној во Сараево, била внимателно обмислена – благодарение на неговите димензии, споменикот може да се види од секој агол во градот; притоа, треба да се има на ум дека овој град е етнички најподелениот во Босна и Херцеговина, а Крстот им се обраќа само на 47 % од неговите жители.[4] Освен од аспект на архитектурата, спомениците може да ги анализираме во контекст на инвеститорите, изборот на градежната фирма и медиумската промоција. На пример, во Брчко, во центарот на овој мал град се сместени три споменици посветени на различни етнорелигиски групи. Другите, или атеистите, не ги памети никој. Потребата од инклузивност и објективност на спомениците ниту се сфаќа, ниту се спроведува. Иако се чини дека нашето општество ќе мора да почне да ја гради својата култура на паметење од почеток, вистина е дека солидните темели опстојуваат многу подолго од што политиката на периодот на транзиција можела да ги занемарува.

Големото значење на архитектурата на споменици во создавањето на колективната меморија на една заедница беше глобално признаена по Втората светска војна. Културата на територијата на поранешна Југославија, во тој период, а особено во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, резултираше со еден уникатен момент во архитектурата на споменици, кој немаше претходници и, за жал, и натаму е без наследник. Во текот на овој период, формирањето и процутот на културата во самите, конкретни социополитички и економски услови кои го овозможија тоа, доведе до создавање на целосно нови вредности преку меѓународната уметност, надминувајќи ги глобалните достигнувања и по квалитет и по територијална распространетост.

Според архитектонските теоретичари, спомениците на народноослободителната борба (НОБ) имаат вонредна уметничка вредност и претставуваат сведоштво на пробивот на модернизмот и специфичната политичка положба на Југославија. Тие споменици имаа двојна природа – тие ги слават жртвите на фашизмот и ја величаат Револуцијата. Денес, односот на заедницата кон овие споменици е во согласност со другата работа на архитектурата на споменици: многу од нив се уништени, а другите се занемарени или се сметаат за несакано наследство од страна на поствоената локална политичка сцена. Во голема мера, овие споменици се посветени на жртви од локалните места во нивна близина, па, според тоа, индиферентноста и осквернувањето испраќаат јасна порака до семејствата на жртвите.

Во подалечното минато, ги препознаваме надгробните плочи како најзначајниот дел од средновековната балканска култура на паметење. Нивната распространетост и израз се ненадминати во Европа, а односот на јавноста кон нив во континуитет се изразуваше преку права на „сопственост“ и политизација на наследството, (повторно) со етнонационални цели. За среќа, интердисциплинарната активност на еден тим стручњаци од поранешна Југославија претставуваше борба против ваквата политичка манипулација со помош на науката и со напорна работа, што резултираше со вклучување на некрополите на надгробните плочи на листата на УНЕСКО на локации на светско наследство и им обезбеди статус кој е тешко да се изманипулира со дневни политики.

Спасот на современата архитектура на споменици лежи и во етичкиот и професионалниот пристап: само со постојано преиспитување на историјата и со бескомпромисно неприфаќање на злоупотребата на овие објекти може да работиме на другите нивни вредности; Оној кој настојува да му се приближи на своето сопствено закопано минато, мора да се однесува како човек што копа.[5]


[1] Споменици во бројки: БиХ. http://www.memorijali.org/novosti.html

[2] Ловреновиќ, И., Јерговиќ, М., Босна и Херцеговина – иднината на недовршената војна, 2010

[3] Бенџамин, В. Тези за филозофијата на историјата, 1942

[4] Попис во Босна и Херцеговина, 2013 http://www.popis.gov.ba/popis2013/mapa/?lang=bos

[5] Бенџамин, В. Детството во Берлин околу 1900 година, 1950

Author:  Ена Кукиќ

Ена Кукиќ (родена 1990) е архитект и докторанд на втора година по Архитектура на споменици при Институтот за дизајн и типологија на објекти во Грац. Таа го заврши своето формално образование во родното Сараево, како и во Барселона и во Грац. Заедно со својот партнер, Динко Јелечевиќ, таа ја доби националната награда „Колегиум артистикум“ за најдобри новодојденци во 2018 година, како и наградата за Најдобра идеја во 2019 година, а нивните дела се наградувани на разни натпревари со неколку меѓународни и национални признанија. Магистерската теза на Ена од областа на архитектурата на споменици ја доби австриската награда ГАД во 2018, а беше одбрана и како финалист на Биеналето „Архпри“ во 2019 година. Нејзината работа се фокусира на справување со просторниот фрагмент на колективната меморија и во теоријата и во практиката во студиото ХоГ Архитектур, и таа е активен учесник во јавните дебати на оваа тема преку нејзините написи во неколку НВО во Босна и Херцеговина.