Развојот на концептот на транзиционата правда претставува еден од најдраматичните настани во правно-политиколошката наука. Ретко може да најдеме друг концепт или теорија во правно-политиколoшката наука, кој успеал да се развие со таква брзина како што тоа е случајот со концептот на транзиционата правда. За помалку од 60 години, концептот на транзиционата правда успеа да прерасне од исклучок во правило. Определeни зачетоци на концептот на транзиционата правда може да најдеме и во Антиката, но сепак, судењата во Нинберг и Токио, по Втората светска војна, се сметаат за почетната точка на концептот за транзиционата правда. По завршувањето на Втората светска војна, падот на режимите во Јужна Америка, Шпанија, Португалија, како и падот на комунизмот во Централна, Источна и Југоисточна Европа, конфликтите во Африка и секако, падот на Југославија и конфликтите , кои произлегоа од нејзиниот распад, отворија доволен простор овој концепт драстично да се развие во последните 60 години.
Сепак, теоретичарите, кои се занимаваат со овој концепт и покрај таквиот негов подем се уште имаат проблем да пронајдат општо прифатлива дефиниција. Често може да се сретнат обидете концептот на транзиционата правда да биде објаснувам преку набројување на неговите основни механизми (кривични судења, амнестии, комисии за вистина, лустрација и програми за репарации). Во академските кругови постојат дефиниции, кои транзиционата правда ја дефинираат како правен одговор на сторените злосторства за време на репресивни режими. Покрај овие дефиниции, исто така, постојат дефиниции кои транзиционата правда ја дефинираат низ призма на соочување со повреди на човекови права, кои се резултат на воен конфликт. Во последно време почнува да доминира дефиницијата на Меѓународниот центар за транзициона правда, која вели дека под транзиционата правда се подразбира решителноста на едно општество при транзиција од конфликт или репресивен режим кон мир, демократија и владеење на правото, да се соочи со минатото во кое биле направени сериозни и систематски повреди на човекови права. Од сето горенаведено лесно може да дојдеме до заклучок дека концептот на транзиционата правда се користи во периоди на транзиција во пост-конфликтни и пост-репресивни општества, односно, во периоди кога овие општества транзитираат кон мир, демократија и владеење на право. Основниот мотив зад овој концепт е дека едно општество мора да се соочи со своето минато во кое биле сторени системски и сериозни повреди на човекови права со цел да изгради мир, стабилна демократија и владеење на право. Токму затоа при дефинирањето на концептот на транзиционата правда најчесто се тргнува од позицијата дека концептот на транзиционата правда и неговите цели се позитивна и добра работа. Меѓутоа, треба да имаме во предвид дека постојат и теоретичари, кои на овој концепт гледаат негативно сметајќи дека концептот транзиционата правда во својата основа е ретроактивна правда и не придонесува ниту за побрза транзиција кон мир и демократија ниту, пак, за задоволување на правдата туку може да преставува опасност за кревките општества бидејќи ги внесува во дополнителни поделби и конфликти. Опасност, која може да биде злоупотребена за политичко-партиски цели и дополнителни кршења на човекови права.
Сепак, најголем дел од теоретичарите сметаат дека концептот на транзициона правда позитивно придонесува кон процесот на демократска консолидација бидејќи придонесува кон промоција и заштита на стабилноста, мирот и демократијата во пост-конфликтните и пост-репресивните општества. Ваквите теоретски тврдења во последните неколку години се повеќе почнуваат да добиваат и потврда преку спроведување на статистички истражувања и податоци. Ваквите статистички истражувања говорат дека механизмите на транзиционата правда или имаат позитивен ефект или, пак, немаат ниту позитивен ниту негативен ефект врз процесот на демократска консолидација во едно транзиционо општество.
Местото на транзиционата правда во македонското општество
Вратата за примената на концептот на транзициона правда во македонското општество беше и се уште е широко отворена бидејќи македонското општество покрај искуство со воениот конфликт од 2001 година, исто така, имаше искуство и со тоталитарен режим во периодот од 1945 до 1991 година. И додека во македонското општество често се говори за соочување со проблематичното минато кое е резултат на воениот конфликт од 2001 година, потребата за соочување со проблематичното минато кое е резултат на комунистичкиот режим во периодот од 1945 до 1991 година многу малку се истакнува. Од состојба кога ова прашање целосно беше игнорирано во текот на 90-тите години на XX-от век, македонското општество во периодот од 1998 до 2006 година направи определени обиди за актуелизирање на оваа тема, за на крајот, по 2006 година темата за соочување со комунистичкото минато целосно да биде злоупотребена за одмазда и политичко-партиски цели преку имплементирање на скандалозен процес на лустрација и злоупотреба на судбината на жртвите на комунистичкиот режим (Скопје 2014) за партиски поени и економски коруптивни мотиви. Според тоа, односот на македонското општество кон проблематичното комунистичко минато може да го поделиме во три поголеми периоди.
Прв период (1991-1998 година), односно период во кој може да согледаме целосно игнорирање на потребата за соочување со проблематичното комунистичко минато на македонското општество.
Втор период (1998-2006 година), односно период во кој, македонското општество се обидува да спроведе определени чекори во борбата со своето комунистичко минато, но истото го прави премногу меко и недоволно.
Трет период (2006-2017 година), односно период во кој, процесот на соочување со комунистичкото минато во македонското општество се злоупотребува за партиско-политички цели, одмазда и реваншизам.
Марко Кртолица работи како доцент на Катедрата за уставно право и политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на политички студии. По дипломирањето се запишал на магистерските студии по Европски интеграции и регионализам организирани од Универзитетот Карл Франценс во Грац и Автономниот универзитет од Барселона. Своите магистерски студии ги завршил во 2010 година и со тоа станал магистер по европски студии. Во текот на 2012 година, Марко Кртолица се запишал на докторските студии по политички систем на Правниот факултет ,,Јустинијан Први“ во Скопје. Докторирал во 2019 година на тема: ,,Транзиционата правда и нејзината примена во соочувањето со комунистичкото минато во Европа”.