Жалба на пресудата против Холандија за убиствата во Сребреница

http://www.balkaninsight.com/

Жртвите на војната во БиХ ќе поднесат жалба во Хаг, со која ќе побараат Холандија да биде прогласена за одговорна за смртта на сите Бошњаци од Сребреница, кои беа убиени во јули 1995 година.Денис Џидиќ, БИРН, Сараево

Здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“ во четврток ќе поднесе жалба на пресудата од 2014 година, со која Холандија беше прогласена за виновна за смртта на околу 300 Бошњаци, по падот на Сребреница.

Во јули 2014 година, Окружниот суд во Хаг утврди дека Холандија е виновна бидејќи не заштитила 300 Бошњаци, откако Сребреница на 11 јули 1995 година паднала во рацете на војската на Република Српска (ВРС), и донесе одлука Холандија да плати отштета.

Адвокатот на здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“, Марко Геритсен, за БИРН изјави дека очекува во жалбената постапка Холандија да биде прогласена за виновна за смртта на сите Бошњаци, кои биле убиени во и околу Сребреница по 11 јули 1995 година.

„Важно е да се утврди одговорноста на холандската држава. Всушност, имаме докази што потврдуваат дека силите на Обединетите нации сакале холандските војници да останат и да ги заштитат Бошњаците од Сребреница, но претставници на Министерството за одбрана на Холандија им наредиле на своите војници да излезат од таа енклава“, вели Геритсен.

На сослушувањето во четврток, жалба ќе поднесе и Министерството за одбрана на Холандија.

Откако српските сили ја зазеле Сребреница, многу бошњачки мажи и момчиња, се обиделе да избегаат низ шумите, додека одреден број заминале кон базата во Поточари, каде што бил стациониран холандскиот баталјон (познат како „Дачбат“).

Неколку стотици луѓе успеале да влезат во базата, но холандските војници им рекле дека ќе бидат безбедни и надвор од неа. Тие потоа ги предале во рацете на ВРС, која ги убила.

Според пресудата, холандските власти, ноќта на 12, или наутро на 13 јули, „знаеле или требало да знаат“ дека постои можност Бошњаците да бидат убиени, поради што беа прогласени за виновни за смртта на околу 300 луѓе кои потоа биле предадени во рацете на ВРС.

Холандија, со истата пресуда, беше ослободена од одговорноста за смртта на Бошњаците кои претходно им биле предадени на српските полицајци и војници.

Геритсен за БИРН изјави дека ќе поднесе документ, во кој холандскиот министер за одбрана, на 11 јули наведува дека стравува за безбедноста на Бошњаците.

„Затоа, Холандија сноси одговорност за смртта на сите предадени Бошњаци“, вели Геритсен.

Според него, холандските власти биле загрижени само за безбедноста на своите војници, а поради брзото заминување на Холанѓаните и предавањето на Бошњаците „дошло до големо страдање на цивилите“.

Мунира Субашиќ претседател на „Мајките на Сребреница и Жепа“, изрази надеж дека Холандија ќе биде прогласена за виновна за смртта на „секој човек и секое дете“.

„Не може на една мајка да ѝ се каже дека за смртта на нејзиното дете некој е виновен, а на друга не. Ќе се бориме за правдата и вистината до последниот ден“, рече Субашиќ.