Со цврсто уверување дека новинарството како сила на одговорен, професионален и етички јавен говор има потенцијал за создавање демократско и отворено општество, во оваа статија ќе изразам неколку лични размислувања за тоа зошто новинарството го доживувам како мировна мисија, особено во постконфликтно општество како што е Босна и Херцеговина, во кое – под влијание на националистичката политика – постојат најмалку три типа на јавност одделно, што радикално го стеснува просторот за заеднички дијалог и размена на искуства. Во оваа мисија гласот на младите новинари е неопходен сегмент во сеопфатната борба за општествено исцелување.
Луѓето кои дејствуваат јавно и чиј јавен говор потенцијално може да влијае на различни нивоа на општеството имаат посебна одговорност во застапувањето и промовирањето на мирни решенија во општествата оптоварени со војна. Наместо јавното мислење да им се остави на националистичките гласноговорници на омраза, паметна препорака би била сесрдно да се отворат јавните простори за образованите млади луѓе неоптоварени со омраза и на тој начин да се придонесе за подигнување на стандардите уништени од индивидуалните националистички интереси на партиските идеологии кои не се способни да артикулираат визија за подобро демократско општество, притоа негирајќи ги индивидуалните или колективните особености кои со векови живееле како украс и капитал со симболична вредност длабоко вткаени во Босна и Херцеговина. Една земја за сите нејзини луѓе. Сите оние кои мечтаат за подобра иднина во рамките на нејзината историско-географска магија. Наместо патетично да правиме скица за „подобра иднина“, да се запрашаме дали тоа е навистина возможно. И, ако е, што можеме да направиме за тоа во моментов? За почеток, да ја вратиме довербата во потенцијалот на нашата сопствена младина, во моќта на младешката енергија која може, со сиот свој пркос, да ги урне ѕидовите на поделеноста; ѕидови изградени за да се спречи меѓусебната размена на позитивни вредности, знаења, добри вибрации и искуства преку кои би можеле да учат едни од други за емпатијата и хуманоста, човечката ранливост и минливост. За животот и смртта. Напорната работа. Соништата. Идеите. Амбициите и неуспесите. Занесот и повреденоста. Оние човечки искуства кои го прават секој човек она што е, автентични во сето она што го преживеале и опстанале, а сепак – суштински и егзистенцијално – се слични еден на друг. Зарем тоа не е основата на која би можеле, обединети во љубовта кон она што е во сржта на сите нас, да го изградиме општеството на Босна и Херцеговина засновано на позитивни вредности? Општество во кое ќе станеме свесни за идејата дека војната е најголемото зло што човечкиот ум може да го произведе. Затоа е важно да ја научиме нашата лекција за вештината и потребата да се бара прошка, за културата на меморија изградена врз разбирањето на страдањето и болката; и да ветиме дека никогаш повеќе нема да ја повториме таквата болка, никогаш повеќе нема да дозволиме некој да го изгуби домот или саканата личност.
Новинарството е силна моќ и затоа е злоупотребувано и историски и во денешно време. Поради својата моќ да допре до луѓето, отсекогаш било привлечно за негативните влијанија, за обидите за впишување мали или големи – идеолошки импликации, поради интереси, но со лоши намери во суштината на својата содржина. Ова, сепак, можеме и треба да го промениме. Заради нашите животи и животите на оние кои ќе дојдат по нас. Тоа го правиме со силата на единствениот општествен и новинарски ангажман, сигурни дека општество на позитивни вредности нема алтернатива. Да се одважиме и храбро да исчекориме напред и надвор од духовните и интелектуалните пештери во кои се обидуваат да нè натераат да влеземе и за кои нè убедуваат колку ни е удобно во нив, колку нашите животи се повредни, подобри, поскапи и позначајни во овие темни салони каде се создава злото и одмаздата. Но, дали тоа само по себе не е парадокс? Градењето мир е највредната активност на Босна и Херцеговина по деструктивната војна. По годините облеани во крв и солзи, геноцид и барање постхумни останки на членови на семејствата. И токму поради тоа, новинарското перо во рацете на еден млад човек од Босна и Херцеговина, збогатено со желбата за мир, конечно би можело да биде најсветиот предмет во кој ќе верува јавноста, желна за подобро утре. Новинарите се горди сојузници на сите добронамерни граѓани; тие се во служба на јавноста, вистината, разликите и развојот. Новинарите се во првите редови на слободата на мислење, бранејќи го достоинството на работниците. Тие се трошка надеж во темната шума на националистичката политика на Босна и Херцеговина, во која понекогаш можеме да се изгубиме вовлечени во инструментализираниот наратив на другите како непријатели. А стравот од промени е најголемиот непријател на сите нас. Страв од промена на лошите навики. Страв од промена на нашата перспектива.
Новинарската младина на Босна и Херцеговина, која наскоро ќе стане највлијателната струја, има важна задача да ги прекине врските со лошите практики на своите претходници, да ги погледне позитивните примери на новинарството во Босна и Херцеговина и – преку нивните искуства – да го отвори патот за нов бран на општествено ангажирано, пацифистичко, критичко размислување и младешко новинарство. Потенцијалот за ставање крај на хаотичната јавна слика за минатото и ревизионизмот е во рацете на младите новинари кои ќе дадат пример, користејќи фактичко и објективно медиумско известување, кое ќе ја разбие етнонационалистичката матрица и со тоа ќе помогне во институционалното справување со минатото на нашата земја и во градењето мир.
Само заедно, ние, младите новинари од целата земја, можеме гордо да чекориме кон иднината и да се радуваме на плодовите на изговорените зборови како засадени семиња.
Никола Вучиќ е новинар, ТВ водител и истражувач. Уредник и водител на телевизиската емисија „Изван оквира“ на каналот Н1 во БиХ. Студиите за компаративна книжевност ги завршил на Филозофскиот факултет во Сараево, бранејќи ја својата дисертација за перспективите на регионалните книжевни компаративни студии на прекуграничната лингвистика. За време на својата новинарска работа бил одговорен за голем број проекти од областа на човековите права и родовата еднаквост, градењето мир и култура на сеќавање. Соработува со локални и меѓународни граѓански организации. Во фокусот на академското поле на активност ја истражува современата култура, идентитетските политики и општествените практики и објавува трудови и публикации во различни медиуми и списанија, вклучувајќи го и хрватското списание Књижевна република, на оваа тема. Автор е на „Критиката за токсичен маскулинизам“, објавена во 2021 година од страна на германската организација Фондација Фридрих Еберт на босански/српски/хрватски и на англиски јазик.