Интелектуалните елити беа клучен фактор во конституирањето на националната свест и идеологијата на политичкиот национализам во Европа во 19 век. Постојат многу докази за главната улога која ја имале интелектуалците, пред сè историчарите, и при генерирање и при ширење на националистичките идеологии и доктрини на „младите“ европски народи. Ним им била доделена благородна задача да создадат, воспостават и зацврстат имагинативно чувство на историско единство на одредена етничка група. Основата за легитимација која ја користеа за извршување на национална хомогенизација беше минатото. Минатото било искористено и модифицирано во славен, епски и херојски наратив за вечноста и величината на нивниот сопствен етникум. Начинот на кој историјата го (ре)конструираше националното минато носеше лесно препознатлива политичка и идеолошка функција. Тоа му служеше на процесот на создавање на национални држави и нивно силно себепотврдување. Минатото кое треба да се запамети е она кое ја фали, ја велича и ја овековечува сопствената нација. На историографијата се гледаше и таа се развиваше како инструмент на европските национализми, односно како предмет на националистичките идеологии. Токму поради оваа причина, славниот историчар Ерик Хобсбаум напишал дека „национализмот бара премногу верување во она што очигледно не е така“. Сепак, главните текови на европските историографии и другите хуманистички науки, во глобала, се ослободија од големиот товар на искористување на науката за националистички и политички цели. Меѓутоа, во периферните и недоволно развиените општества, како што се оние на Балканот, историографијата сè уште не е ослободена од прагматичната функција на градење и хомогенизирање на националниот идентитет или дисеминирање на идеологијата на национализмот.
Имајќи го предвид сето ова, се поставува прашањето како се случило во општествата на Западен Балкан воените злосторници и масовните убијци да станат жртви и/или херои? Каква е таа политичка клима која создаде ситуација во која, наместо да се осудуваат масовните воени злосторства, српските мејнстрим интелектуални и политички елити ги осудуваат, ги жигосуваат и морално ги дискредитираат домашните или меѓународните институции и поединци кои се залагаат за казнување на одговорните? Како е можно оние што се занимаваат со деконструкција на насилните методи и злосторства како средства за постигнување на националистички цели, да станале угнетени наместо инспиратори и извршители на злосторства? Историографијата на Србија не ја заврши „својата“ Втора светска војна. Таа е арена на ревизии, рехабилитации и релативизирање на минатото за утилитарни политички и националистички цели. Сепак, во последниве години, војните што Србија ги започна против нејзините соседи за време на процесот на распаѓање на југословенската држава во последната деценија на 20 век, станаа централна точка на толкувачкото бојно поле.
Историскиот ревизионизам е само еден аспект на националистичката идеологија – еден од нејзините структурни столбови, затоа што минатото или сликата за минатото обезбедува легитимна основа за модерноста. Во 1993 година, во екот на војните кои беа започнати за да се постигнат старите заветни идеи и експанзионистичките амбиции на остатоците од Југославија, Српската академија на науките и уметностите (САНУ) го заврши и објави својот капитален проект 100 најистакнати Срби. Верни на својата идеолошка ориентација и политичка концепција, уредниците на оваа антологија користеа срамен изговор за да го исклучат од книгата Коча Поповиќ, ослободител на Белград, основач на југословенската дипломатија и потпретседател на Југославија. Не пропуштија да вклучат и некритичка биографија на фашистичкиот премиер на окупационата влада, Милан Недиќ. Оваа јасно идеолошка концепција и содржина, која требаше да го демонстрира „постоењето“ и вековната непроменливост на таканареченото национално битисување, исто така содржи митологизирана биографија за епископот на Српската православна црква Николај Велимировиќ, кој беше канонизиран една деценија подоцна. Во хагиографскиот текст, оптоварен со рационално познавање на минатото и ослободен од критичката мисла, Николај Велимировиќ се велича за фактот дека, според неговите зборови, се молел до крајот на животот за Дража Михајловиќ, Милан Недиќ и Димитрије Jотиќ: „Од личните преписки на владиката, очигледно е дека до крајот на својот живот, тој се молеше за Дража, Милан и Димитрије“, како што рече самиот. И токму во овој цитат, кој е краток и не е многу сложен, се кристализираат сите клучни точки на политиката на историскиот ревизионизам во Србија, како аспект на идеологијата на национализмот. Тројцата претставници на колаборационистите се споменуваат рамо до рамо. Овој цитат припаѓа на десничарскиот и антисемитски епископ околу чија личност беше постигнат национален консензус на самиот почеток на епохата на војните во 90-тите; Велимировиќ и неговиот цитат се претставени позитивно во книгата создадена од академиците на САНУ и епископите на Српската православна црква, а антологијата беше објавена во екот на вооружените конфликти во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Сите актери – оние за кои се молеа, оној што се молеше, како и оние кои го величаа за таа молитва – се поврзани со радикален антикомунизам, антијугословенско чувство, антизападно чувство, фаворизирање на колаборационистите и агресивниот национализам, произлезен од воената политика за чијашто цел требаше да служи споменатата антологија. За сите овие, цитираната реченица открива неменлива карактеристика на националистичката временска припадност, на поврзаноста на претходниците и предците, на битката започната од мртвите, која живите имаат должност да ја продолжат. Така произлезе и идеолошкиот и личен континуитет на концепцијата која ги зафати сите сегменти на општеството во обид да стане вечна и без алтернатива. Науката го отстапи местото на митската ирационалност. Насилството врз историската наука стана нормализирано. Историскиот ревизионизам од 90-тите триумфираше. Национализмот ја доби својата идеолошка платформа.
Врските помеѓу политичката легитимност и културата на сеќавање се повеќекратни. Во времето на транзициските 2000-ти, под влијание на распространетата националистичка идеологија, српското општество не познаваше концепти или историски појави. Нивното учење беше игнорирано и тие се подразбираа. Поради тоа, феномените на фашизмот и антифашизмот беа банализирани и испразнети од секакво вистинско значење или содржина. Под такви околности, стана можно да се манипулира со нив во обид да се конструира нов идентитет и „нова“ историја. Наспроти реалната, испитана и научно проверена слика за минатото, „новата“ историја знае за „две антифашистички движења“, за „националниот антифашизам“ на четниците, за „патриотската влада“ на Милан Недиќ, за „совесниот Кристијан Jотиќ“ итн. Сепак, не треба да се потхранува илузијата дека: национализмот не ги рехабилитираше четничките колаборационисти заради историска правда или вистина, а уште помалку заради четниците и нивниот командант, туку првенствено за да овозможи нивната идеологија да живее. Кога Дража Михајловиќ напишал во Насоките за неговите команданти Ѓорѓе Лашиќ и Павле Ѓуришиќ (20 декември 1941 година): „создавање на Голема Србија“, „чистење на државната територија од сите национални малцинства и ненационални елементи“, „чистење на Санџак од муслиманско население и Босна од муслиманското и хрватското население“ итн., тешко дека има некој кој не препознава непрекинат идеолошки континуитет изразен преку непроменети цели на таа идеологија до современото време, сè до војните од 1991 до 1995 година. Имајќи го тоа предвид, од 90-тите години до денес, историскиот ревизионизам е една од клучните платформи за десничарски национал-популисти и легитимизирање на насилството како модел за дејствување на значителни сегменти на населението.
Сепак, и овие трендови се радикализираат. Со враќањето на воените протагонисти на власт во Србија (2012 година), а на особено агресивен начин од 2015 година, и годишнината од геноцидот во Сребреница, српската јавност ја стави во втор план темата за Втората светска војна. Новото историско бојно поле е толкувањето на војните во 90-тите години на минатиот век. Во исто време, атрофираниот правен систем на Србија капитулираше во постапката за гонење на злосторства извршени за време на овие војни, поради што ниту историографијата ниту јавниот дискурс како целина немаат упориште или каква било неопходна вредносна рамка за нови или различни толкувања. Уште посомнителна е политичката волја неопходна овие наоди да бидат вградени во јавниот дискурс и да го оневозможат негирањето на злосторствата. Сè што е направено во регионот досега, што не е безначајно, е предмет на систематско негирање или игнорирање во Србија. Објавена е книгата Страдањето на децата од Сараево. Целата војна во Босна и Херцеговина е детално опишана во Босанската книга на мртвите. Уште во 2011 година, во Белград беше објавена и промовирана Косовската книга на спомени. Затоа, фактите се познати, и во најголем дел испитани, но и јавноста и историографијата молчат за нив.
Поради вакуумот создаден по повлекувањето на САД и во дел на ЕУ, ситуацијата во Западен Балкан сега е посложена отколку што беше претходно, веднаш по завршувањето на војните во 90-тите. Србија вложува големи напори во градењето на нов, хомоген српски идентитет. Односно, зајакнување на експанзионистичкиот национализам насочен, пред сè на Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, бидејќи нивната државност се толкува како привремена и времена. Затоа, српските интелектуални и политички елити ги зајакнуваат и охрабруваат ревизионистичките и реваншистичките аспирации во регионот. Историографијата игра активна улога во ваквите напори. Пропагандните историски толкувања на војните (1941–1945 и 1991–1999) во Србија веќе постигнаа значителен дел од нивните цели, ако не во форма на целосно конституиран хомоген српски идентитет во регионот, тогаш со неспорниот факт дека секој обид за рационално и документирано толкување на југословенската историја од 20 век е релативизиран и, a priori, се оспорува како антисрпски. Поради ова, битката за толкување на војните во 90-тите години ќе биде, според зборовите на големиот француски историчар Лусиен Февр, битка за историјата, битка за рационално и критичко размислување во општеството, бидејќи само рационалното и критичко размислување може да ја прекине политиката и практиката на идеологијата за создавање на големи држави (мегали идеа), експанзионизам, етничко чистење, насилство и геноцид во постјугословенскиот регион.
Миливој Бешлин е историчар, научен соработник на Институтот за филозофија и социјална теорија, на Универзитетот во Белград и предавач на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора.