Моето согледување за односот помеѓу косовските кина, јавните простори, ангажманот на заедницата и справувањето со минатото се заснова на моето континуирано искуство со процесот на заживување на поранешно кино и градење на современа културна институција вклучена во експериментални и уметнички форми на истражување на визуелната и материјална историја. Појдовната точка беше наследената кино зграда која служи делумно како архива, а која немаше напишана историја, па дури и одреден датум на отворање. Неговата историзација започна во 2014 година. Тимот за кампањи на Иницијативата за заштита на кино „Лумбарди“, потпомогнат од локални експерти за наследство, ја поднесе номинацијата со која киното стана културно наследство и ја запре неговата приватизација и последователно рушење.
Соработката со заедницата и релевантните засегнати страни низ годините резултираше во потребата и можноста да се проучат архивите и да се контекстуализира киното Лумбарди и во рамките на модерната историја на Призрен и во развојот на киното во Косово. Истражувачот за филм и медиуми, Бенги Музбег, заедно со социологот Тевфик Рада, кој опширно ги проучувал архивите на Кино „Бистрица“ и Кино „Рилиндја“, како и други архиви и извори го сториле тоа вешто. Во процесот собраа знаење кое ќе биде презентирано како изложба и публикација во 2021 и 2022 година. Таквото знаење ќе ги води и понатамошните истражувања. Резултатите од оваа соработка и нивното истражување го обликуваа моето општо знаење за развојот на филмот во Косово и предводеа некои од идеите и согледувањата во овој текст.
Кинематографската историја на Косово
Првите извештаи за проекциите на филмови во Косово датираат од 1911 година. Според весникот Мале Године објавен во Белград, патувачко кино од Цетиње прикажало филм во Хангарот во Пеќ. Се споменува воено кино од ерата на Австро-унгарската империја во Косово, наречено Фелдкино, пред Првата светска војна. Исто така, има упатувања на кратки филмови и документарци снимени во земјата во тие години. По Првата светска војна, во 1939 година Кралството Југославија донесе закон за регулирање на оваа нова индустрија, со кој се воспостави „Југословенски просветни филм“- прва институција од ваков вид во регионот, која произведе голем број документарни и пропагандни материјали на Косово во 30-тите години. Паузата што дојде со Втората светска војна и италијанската окупација резултираше во уништување или губење на голем дел од овие визуелни документи, додека повоениот период го посведочи почетокот на нова ера и за оваа индустрија.
Производството на филмови во Југославија започна во 1949 година преку продукциски субјекти во Белград, како Авала филм и Славија филм. Првата институција за производство и дистрибуција на филмови, „Центарот за култура и пропаганда на автономниот регион на Косово и Метохија“ е основана во Приштина во 1960 година. Таа продолжи да произведува филмови и документарни филмови, вклучувајќи го и првиот филм на албански јазик, сè додека не престана со работа во 1970 година, по основањето на „Косовафилм“ во 1969 година. Сепак, кинефикацијата на земјата – или градежниот бран на јавните кина – веќе започна по војната, со забрзано темпо во текот на 50-тите години. Изјавите на политичарите од тоа време ја истакнаа важноста на кината не само за забава, туку и за едукативни цели. Кино салите станаа центри на проектот за модернизација на државата и општеството.
Косовските кина како масовен феномен
Изградени со колективни акции и со учество на локални претпријатија и граѓани, киносалите го донесоа светот во малите градови на Косово, кои минуваа низ забрзана трансформација. Национализацијата и експропријацијата на приватниот имот отстапи место за изградба на нови јавни згради, вклучително и кина. Таков беше случајот со куќата и градината на семејството Петковиќ во Призрен, каде што беше отворено Кино „Бистрица“ („Лумбарди“) во 1952 година. Во својата седумдесетта година, тоа е најстарото активно кино на Косово. Доколку ги тргнеме настрана особеностите, неговата историја ја претставува судбината на многу кина низ целата земја. До 80-тите години од минатиот век, киносалите беа простори за масовни искуства, прикажувајќи широк спектар од партизански филмови и филмови од југословенската кинематографија до боречки вештини и западни филмови, до Боливудски и Холивудски блокбастери, дури и повремени уметнички филмови. По падот на интересот на публиката со појавата на нови форми на гледање филмови, особено VHS и пошироко достапните телевизиски сетови во 80-тите, политичката ситуација и ембаргото, преминот кон порнографија и состојбата на војната во 90-тите, затворањето на „Косовафилм“ и многу други појави, киното падна на дното. Истовремено, ова создаде вакуум во кој граѓаните, професионалците и ентузијастите требаше да преземат одговорност и да обезбедат или да бараат алтернативи.
Косовското кино по војната
Во повоен Косово и Призрен, немаше подготвеност да се реши проблемот со кината или обид да се најдат нови системи за нивно заживување и функционирање. Заради економската неодржливост, претпријатието Кино „Бистрица“ престана со работа во почетокот на 2000 година, со што Призрен стана град без кино. Од друга страна, „Лумбарди“ стана напуштен простор во кој живеа неговите поранешни работници и кој повремено беше домаќин на локален фестивал или концерт. Во споредба со 42 кина што работеа во 1975 година и 34 во 1983 година, во 2000 година Косово имаше само едно: Кино „АБЦ“ во Приштина, сè до 2013 година, кога започнаа (повторно) да се појавуваат стари и нови кина.
По затворањето на Кино „Бистрица“, граѓаните сакаа да го вратат киното во Призрен, град со традиција на посетување на кино и со генерации на кинефили. Ова барање беше презентирано во форма на филмскиот фестивал – ДокуФест – кој го прикажа својот прв филм во Кино Бахче (кино во отворена градина) на 9 септември 2002 година. Ова се повторуваше секоја година на овој растечки фестивал. Во 2007 година, градоначалникот на Призрен одговори со потпишување на одлука за рушење на Кино „Лумбарди“, за да се отвори место за паркинг или трговски центар.
Ова поттикна протест за време на 6-тото издание на ДокуФест. Кампањата собра 8.000 потписи, кои го запреа процесот, заштитувајќи го киното. Во 2012-2014 година работеше како неформален бар, привлекувајќи го повторно вниманието на властите. Во јули 2014 година, администраторот на имотот, Агенцијата за приватизација на Косово, објави своја ликвидација и приватизација. Ова поттикна уште еден ланец реакции од организаторите на фестивалот, локалната и меѓународната заедница. На свеченото отворање на ДокуФест тие организираа протестен чин, проследен со медиумска кампања и дебати. 58 непрофитни организации се обединија под капата на „Иницијативата за заштита на киното „Лумбарди“, координирана од ДокуФест и невладината организација ЕЦ Ма Ндрише. Тие успеаја да го номинираат киното за заштитено наследство. Во 2015 година, Фондацијата Лумбарди беше основана за да ги следи другите долгорочни барања на заедницата и да го активира киното. Ова доведе до постепено подобрување на градењето и развој на програми што ја вратија функцијата на киното. Тоа, исто така, предизвика интерес за истражување на историјата на Кино Лумбарди и киното на Косово во 20-тиот век.
Моментална важност на киното во Косово
Постојат две подеднакво важни паралелни случувања за сегашноста и иднината на киното во Косово. Прво, по деценијата на 90-тите години на снимање со VHS технологијата, Косово започна полека да развива сцена на филмаџии и филмски фестивали. Ова го отвори патот за меѓународно вмрежување, создаде можности за образование и развој на филмски работници и (ко)продукции што се појавија во 2010-тите. Тие досега учествувале на големи меѓународни филмски фестивали и добиле многу вредни награди. Таквиот успех создаде позитивни мислења за зголемувањето на инвестициите во културата и за улогата на уметноста во портретирање на реалностите и сложените искуства на едно општество.
Второ, независните културни организации од Пеќ, Призрен и Приштина воспоставија филмски фестивали, кои придонесоа за развој на бранот на филмаџии и филмска култура на Косово. Во 2013 година, овие организации го изградија Кино „Европа“ (над демолираниот Кино „Радник“) во Призрен. Тие ги активираа Кино „Јусуф Гервала“ во Пеќ во 2014 година, Кино Лумбарди во Призрен во 2015 година и Кино „Армата“ во Приштина во 2018 година. Сите овие кино сали беа изградени во периодот од 50-тите и 70-тите години на минатиот век. Во 2020 година започна иницијатива за активирање на Кино „Ринија“ во Приштина. Министерството за култура, исто така, изрази намера да активира мрежа на кино сали во Косово и да инвестира во заживување на нивната инфраструктура.
Косовското кино како локација за справување со минатото
Кино салите одат рака под рака со појавата на други културни и социјални простори во косовските градови од облиците на партнерство помеѓу организациите, општините и другите власти и со појавата на специфичните проблеми. Постои неодложна потреба да се регулира финансиската и правната инфраструктура и со помош на искуството да се дизајнира моделот за управување и развој на музеи, кино сали и други културни простори.
Појавата и активирањето на овие простори ги обедини закопаната историја и новата генерација активисти и професионалци. Тоа исто така предизвика дијалог помеѓу генерациите кои се сеќаваат на минатиот живот на овие институции и оние кои се желни да научат за нив и да ги направат просторите употребливи. Исто така, на овој начин се обезбедуваат функционални модели за управување и одржување на местата на културното наследство и јавната инфраструктура преку пристапот од долу кон горе, истовремено охрабрувајќи го признавањето и зачувувањето на модернистичкото наследство или создавањето на дигитален Архив на усна историја. Овие простори станаа места за контакт со историјата на една зграда и на одреден период, места за дискутирање и посета на нивните истории и наследства, но исто така и живи места за настапи, проекции, собири и разговори, или платформи за отпор против неконтролираниот урбан развој и за учество на визионерството, менаџирањето и употребата на јавната инфраструктура.
Некои студии во врска Кино „Лумбарди“, „Рилиндја“, Кино „Јусуф Гервала“ и Кино „Ринија“, заедно со работата на истражувачката заедница преку поединци и организации што спроведуваат или поддржуваат истражување, фрлија светлина врз големиот потенцијал на теми од културната историја што помага да се разберат развојот и промените од минатото, па се до недостатокот на архиви и добро организирани и достапни извори на знаење за истражувачите или јавноста.
И покрај тоа што има позитивни случувања и зголемена соработка помеѓу актерите, за поголемо влијание се потребни долгорочни инвестиции. Капацитетите треба да се градат преку институти, програми за образование и поддршка и меѓународна соработка. За обновување и ревитализација на избраните места на меморија, како и дигитализација и отворање на разни ресурси за пристап до јавноста ќе биде потребно време. Сепак, овие услови се неопходни за просторите да функционираат, за разновидни програми и формати да бидат понудени на публиката на подолг временски период, за да се создаде подобро разбирање на искуствата од 20 век и да се генерираат плуралистички, инклузивни и достапни архиви и наративи.
Арес Шпорта е ко-основач и директор на Фондацијата Лумбарди. Тој го води заживувањето и институционалниот развој на кино Лумбарди. Шпорта е магистер по културен менаџмент од универзитетот Билги во Истанбул со фокус на партиципативните модели на културно управување на локално ниво. Тој има напишано текстови, изготвено стратегии и служено во бројни одбори, комитети и совети поврзани со културната и урбаната политика, граѓанско-јавната соработка и развојот на граѓанското општество. Шпорта е претседател на Платформата Кооператива, регионална платформа за култура во Југоисточна Европа. Тој е и Претседател на Мрежата на културни организации во Призрен и член на Советодавниот одбор на Паркот за иновации и технологија во Призрен.