Лажните вести ги имало, ги има и ќе ги има. Не се нешто ново, постојат од кога што постојат и вистинските вести. Но нови се начините и методите на кои што тие се продуцираат и шират. Современите комуникациски вештини, напреднатата технологија, бумот на социјалните мрежи и континуираниот пораст на бројот на нивните корисници ја засили продукцијата и масовното ширење на лажни вести.
Не можноста за контрола на онлајн медиумскиот простор во комбинација со демократски загарантираното право на слободно изразување максимално искористено на социјалните мрежи, прави плодна почва за одгледување и зреење на лажни вести, а потоа и за берење на ефектите кои тие ги постигнуваат во кревки но и силни демократии.
Но иако тие постојат и се продуцираат од секогаш, стручната јавност го дигна својот глас по две светски ситуации на кои малкумина се надеваа и им предвидуваа таков исход – Брегзит и победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Овие две случувања кои се случија во 2016 година го вклучија црвениот аларм во потрага по решение на проблемот. Но решението не е лесно и едноставно и до сега само се гребе по неговата површина без суштинска промена.
Македонија – фабрика за лажни вести
Терминот лажни вести и пропаганда не е нов и непознат во Македонија. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски беа отворени десетици медиуми, најчесто портали, кои продуцираа илјадници лажни вести и на големо ширеа пропаганда во корист на тогашната владејачка партија. Борбата против тие лажни вести беше недоволно силна за таа машинерија, со сомнителен странски капитал, која имаше големо влијание на јавното мислење речиси една деценија.
Сепак светската популарност, во негативен контекст, на Македонија и ја донесе Велес. По втор пат. Првиот пат Велес беше популарен во деведесеттите години со Франкфуртската мафија.
Вториот пат цела светска јавност дозна за Велес во 2016 година кога градот доби име „фабрика за лажни вести“.
Стотици веб-страници со лажни вести и пропаганда во корист на Доналд Трамп, тогашен кандидат на Републиканската партија за претседателски кандидат, беа креирани во малиот град со 40.000 жители на половина час возење од главниот град Скопје.
Име слично како на некој познат медиум (најчесто американски), украдени неавторизирани фотографии, текст напишан на професионален англиски јазик и најважното ударни и сензационалистички наслови беа (и се) рецептот за лажна вест која може да привлече многу внимание и најважно од се кликови.
Кликовите се особено важни во оваа приказна. Секој клик значи пари, но истовремено секој клик значи зголемување на читаноста односно дезинформирањето на јавноста.
Во април 2016 година, кога на никој ни на крај памет не му беше дека Доналд Трамп ќе биде лидер на САД, дојдов до сознание дека неколку веб-страници кои шират пропаганда во корист на Трамп се регистрирани во Македонија, поточно во градот Велес. Со мало истражување на интернет, дојдов до податоците на дел од веб-страниците регистрирани во Велес, меѓу кои беа и имињата на оние што ги регистрирале, нивните телефонски броеви и адреси на живеење.
Водена од чиста љубопитност зошто некој би пишувал позитивно за Трамп а негативно за неговата противкандидатка Хилари Клинтон, а се наоѓа илјадници километри далеку од политичката ситуација во САД, решив да ги побарам сопствениците на порталите и да ги прашам која е нивната мотивација за водење на такви страници.
Кога им се јавив беа расположени за зборување. Ми кажаа дека мотивацијата им е од чисто финансиска природа и ми објаснија како преку Google AdSense (платформа за рекламирање на сајтови преку рекламите на Гугл) може да се заработат пари ако доволно луѓе кликнат на линковите кои водат до нивните страници.
Тоа беше прв и единствен пат, некој од индустријата за лажни вести во Велес да говори со целосното име и презиме.
Но ситуацијата целосно се промени откако Трамп, за многумина неочекувано, победи на изборите и стана претседател на една од најмоќните држави во светот. Веднаш по неговата победа, очите на целата јавност беа вперени во Велес.
Светски познати медиуми, телевизии, весници, портали, онлајн магазини почнаа да пристигнуваат во Македонија неколку дена по победата на Трамп. Нешто што во Македонија се нема случено по воениот конфликт во 2001 година. Такво медиумско внимание не предизвика ни потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција за решавање на тридеценискиот спор со името.
Сите поставувајќи ги истите две прашања. Зошто некој во Велес би работел во корист на Трамп и дали овие веб-страници му помогнаа на Трамп да победи.
Одговорите на овие две прашања се уште не се целосно познати иако се поминати три години од тие претседателски избори, а САД се подготвуваат за следните избори веќе идната година.
Одговорите не ги добија ни светски познатите медиуми, а некои од нив, во потрагата по вистината и самите генерираа лажни вести. Зошто? Затоа што дел од објавувачите на лажни вести буквално ги лажеа. Секогаш говорејќи анонимно и без докази за кажаното, на медиумите беше оставено да проценат дали им се кажува вистина, полувистина, вистина помешана со лажни факти или целосна лага. А можеше да се најде од се по малку. Згора на се, некои од изворите бараа (и добиваа) пари за анонимно да ја раскажат приказната. А во новинарството добро е познато етичкото правило дека „изворот не смее да се плаќа“. Една од причините е што ако го платиш, тогаш никогаш ама апсолутно никогаш не можеш да бидеш сигурен дека ти ја кажува вистината или ти го кажува она што сакаш да го слушнеш затоа што си го платил.
Па така во Велес ќе ви раскажат приказна за британска телевизиска екипа која во брзината да добие одговор кој ќе биде прв и ексклузивен, сними велешанец кој им раскажа за неговата работа со лажните вести, а всушност тој воопшто не работел на таков сајт.
Иако никој не може со сигурност да го измери влијанието што го имале овие сајтови на победата на Трамп, доволно говори фактот дека од едни од најчитаните вести за Трамп во предизборниот период биле креирани и објавени од Велес, а една од најчитаните и најсподелуваните е онаа „Папата го поддржа Трамп за претседател“. Лажна секако.
Она што е сигурно познато е дека една поголема група на велешани добро заработија од овој бизнис. Дел од нив, кои освен што пишуваа лажни вести, креираа и Фејсбук групи кои достигнуваа до неколку милиони следбеници на кои ги споделуваа овие лажни вести, во „златната доба“ заработуваа по неколку илјади долари на ден. Па така млада личност на 19 годишна возраст може да си дозволи да купи кафуле во Велес, скапи коли и мотори, луксузни патувања и слично.
Откако победи Трамп, повторно ги контактирав велешаните кои говореа со име и презиме првиот пат. Но ситуацијата овој пат беше целосно различна. Беа нервозни, не сакаат да зборуваат, ме обвинија дека сум им го расипала бизнисот и дека изгубиле многу пари.
Кое е и дали постои решение?
Фејсбук и Гугл, откако целата јавност прстот го впери во нив, почнаа да преземаат мерки. Платформата за рекламирање Google AdSense ги прекина рекламите на тие страни (со што запре заработувачката) а Фејсбук блокираше и укина многу лажни профили и групи во кои се ширеа лажни вести (што влијаеше на посетеноста на тие страници). Но и тоа решение е привремено. Секогаш може да се направат нови и профили и групи, и иако Фејсбук вели дека работи на алгоритми кои ќе го решат проблемот, решението за сега е само едно – медиумска писменост.
Само медиумски писмени граѓани и во САД и во Македонија и било каде во светот, нема да поверуваат во бомбастични текстови со сензационалистички наслови, коментаторски и еднострано напишани без извори и докази. Ќе знаат да ги препознаат мамките кои што се прават само за да се наведе читателот да кликне на одреден текст и ќе ги препознаат начините со кои се врши целно манипулирање на јавното мислење.
Но тој процес е долг и не е едноставен. А се додека не се стигне до таа цел, не треба да се чудиме ако ни се случи некој нов „Брегзит“, ново изненадување како Трамп или децениско владеење на авторитарни режими насекаде во светот.
Автор: Симона Атанасова е дипломиран новинар со повеќегодишно искуство во медиуми и невладини организации. Како новинар работела во дневниот весник Нова Македонија и во новинската агенција Мета. Пишува едукативни текстови за медиумска писменост и рецензии на КриТинк и Сервис за проверка на факти од медиумите. Моментално работи како комуникациски офицер во Институт за демократија „Социетас Цивилис“.