Не можеме суштински да зборуваме за медиумите и предизвикот за справување со минатото во Србија, без претходно да одговориме на неколку прашања: Дали минатото е навистина завршено? Дали нашата сегашност не е всушност нашето минато, затскриено со тенок превез? Можат ли општеството и медиумите, правилно да се справат со минатото доколку сериозно не се позанимаваат со сегашноста, како резултат на систематската неспособност да ги согледаат процесите и настаните од пообјективна гледна точка?
Овие прашања се прилично апстрактни, па, ајде да ги одговориме поконкретно. Неоспорно е дека во последните седум или осум години Србија ја водат истите луѓе кои беа истакнати актери во потпомагање на војната, како и на националистичката политика на 1990-тите. Истите политички партии кои беа на власт тогаш, сѐ уште се на власт – дури и сега, иако имињата на партите се променети. Овие политички партии и нивните раководства, од време на време, тврдат дека се промениле од своите „почетоци“. Сепак, овие зашеќерени тврдења ретко кога се всушност вистина.
Како тогаш треба медиумите да известуваат за реалноста (било да е тоа за „минатото“ или за „сегашноста“) во земја каде што сѐ што се случува се врти во круг и ништо никогаш не завршува или исчезнува, особено работите кои навистина треба да исчезнат, како самите воени подбуцнувачи, во улога на протагонисти, и нивните политики?
Се чини дека медиумите се заглавени и се вртат во круг, исто како и политичарите. Новинарите кои беа критички настроени кон агресивната националистичка политика на деведесеттите, сега ги критикуваат последиците и постојаните поддржувачи на таквите политики. Сепак, овие новинари се мала група. Само мал број медиуми се подготвени да објават критички анализи од овој вид, вклучувајќи еден дневен весник и два или три неделни списанија, една кабелска ТВ-станица, неколку веб-поратали, и за жал нема ниту една радиостаница (најдобрата беше затворена многу одамна), кои се всушност единствените вистински медиумски новини кои ги имаме, во споредба со деведесеттите години. Бројот на критички настроени новинари е приближно ист како и во текот на 1990-тите. Се разбира, некои од тие новинари се уморија или се откажаа, а некои дури преминаа на другата страна, другите нови, помлади новинари ги пополнија нивните места. Значи, сѐ на сѐ, каде сте биле – никаде, што сте направиле – ништо. Само мал дел од новинарите се подготвени и спремни критички да ги анализираат и да се справат со сегашноста и со минатото во Србија. Тие се само еден остров во океанот.
Кој тогаш го сочинува океанот? Од една страна, тука се државата и крипто-државните конгломерати, печатените медиуми и јавните сервиси кои постојат со децении. Тие се подготвени да им служат на господарот и политичкото раководство во тој момент, а тие се особено добро обучени за следење на наредби од луѓето кои ги убедиле да заборават на нивниот кредибилитет и принципи во деведесеттите години. Тие, повремено, ги повторуваат истите престапи, дваесет години подоцна. Од друга страна, зголемениот број на блескави, мутирани таблоиди, кои објавуваат евтини, сензационалистички приказни и изгледат како весниците кои бесплатно се дистрибуираат во средствата за јавен превоз на Западот, придонесуваат кон сѐ поголемата монструозност на новинарската професија во Србија. Тука, се прави секојдневно ажурирање на „непријателите“ и „хејтерите“ на Србија, претседателот и слично.
Споменатите конгломерати кои ѝ служат на српската држава го заситуваат поголемиот дел од медиумскиот пејзаж на Србија. Тие создаваат моќна илузија на реалноста која држи голем дел од населението во Србија во заробеништво и во голема мера влијае на јавното мислење. Па така, повеќето граѓани на Србија веќе немаат пристап до информации кои не биле пренесени преку филтерот на изопачена реалност на медиумите потчинети на режимот. Со текот на времето, ова станува повеќе од политички проблем: станува, и е, здравствен проблем на јавноста.
Ова прашање најинтензивно се манифестиран во портретирањето на медиумите на т.н. „регионални односи“, односно односите на Србија со соседите, особено оние кои некогаш биле дел од поранешна Југославија. Кога станува збор за причините, позадината и последиците од распадот на поранешна Југославија, денес доминантниот наратив во поголемиот дел од српските медиуми е речиси идентичен со наративот од деведесеттите години. Според оваа приказна, Србија речиси и да нема одговорност, сите други побрзаа да се отцепат од Југославија, распарчувајќи ја, па вината лежи исклучиво кај другите; Хрватите се или отворени или латентни усташи; Бошњаците се исламски фундаменталисти и/или одметнати Србите, а Албанците се, па, … Албанци. Има многу малку простор во српските медиуми за окривување на српската страна или за тврдење дека Србија е виновна за страдањето или поделбите кои го опседнуваат регионот.
За да се обезбеди „идеолошки континуитет“ со деведесеттите години, многу од оние кои беа пионери на воената пропагандна машинерија на Слободан Милошевиќ, сега ги водат највлијателните медиуми во земјата. На пример, главниот и одговорен уредник на дневниот весник со голем тираж, кој во суштина е во државна сопственост, весникот Вечерње новости, всушност беше на чело на државната телевизиска мрежа позната по својата брутална воена пропаганда во деведесеттите години.
Во таква средина, како да се инсистира на отворено и искрено соочување со минатото? Што може да се постигне? Лесно е да се даде песимистички одговор на тоа прашање, земајќи предвид дека држава под водство на Вучиќ има непресушен извор на нихилизам. Сепак, критички настроените и професионални новинари кои ги преживеаја деведесеттите години и последниве децении, оние кои не го избираа полесниот пат, нема да се откажат така лесно. Нашата работа е да дадеме сѐ од себе. Дури и ако работите се менуваат со бавно темпо на макро ниво, сепак постои причина за надеж. Фактот дека политичката елита за која ние пишуваме не може да ја сокрие желбата да не избрише, значи дека ние навистина правиме разлика. Не е важно колку се тие вешти во маскирање на нивното минато, нема да спијат мирно сè додека ние сме тука да ги потсетуваме што биле, што направиле, и што се сега.
Теофил Панчиќ е роден во Скопје во 1965 година. Тој е новинар, колумнист, критичар и уредник на Културната редакција на белградскиот неделник „Време“ и коментатор во Радио Слободна Европа. Објавил дваесет и една книга со есеи, колумни, критики и раскази. Има пишаувано за многу релевантни медиуми во регионот, вклучувајќи ги „Feral Tribune“, „Peščanik“, „Naša borba“, „Autonomija“, „BH Dani“, „Dnevnik“ (Ljubljana), „Globus“, и „Jutarnji list“. Моментално живее во Нови Сад.
Фото: Мартин Адлер убиен во Могадишу, Крис Хондрос, Getty Images (2006)