Во Босна и Херцеговина, првиот чекор кон градење на подобра иднина е чекорот кој нè води назад кон минатото. Потребно е сите да се навратат и да се соочат со настаните од минатото кои ги окарактеризирале, и како поединци и како дел од колективот. Новинарите, конкретно, треба да трагаат и да ја утврдат вистината околу минатите настани, со цел на светот да му ги презентираат прецизните наративи од минатото.
Темата на справување со минатото во Босна и Херцеговина, како и во поширокиот регион, е каменот кој се турка во тешка сизифовска борба за да се стигне до врвот. И покрај сите наши напори, тој лесно може да ни се лизне од рацете, да се стркала надолу и да исчезне. Не постојат доволно искрени обиди, дури и од млади новинари, за да се разбере дека ова е тема со која треба да се занимаваме. Товарот што го носиме ќе стане полесен доколку се соочиме со минатото.
Првиот чекор е секогаш еден од најтешките, но и најсуштинските – особено во локалните заедници, во нашата т.н. удобна зона. Тешко е да се каже дека во вашиот град другите етнички групи беа жртви, а камоли да кажете дека и самите припаѓате или се идентификувате со нив. Ако локалните заедници ја преземат тешката работа за справување со минатото меѓу спротивставените групи, промените ќе бидат видливи и на државно ниво.
Потребата за признавање на сите жртви на ист начин, односно како невини луѓе кои го загубиле својот живот во Балканските војни, без разлика на нивната етничка или верска припадност, расте сè повеќе со секој изминат ден. Во општество со поделени наративи, национализам и реторика која сее страв за можноста од постојана војна, и во медиумите и во политиката, потребно е во оваа професија наречена новинарство, новинарите да го зачуваат својот интегритет.
Едно здраво и функционално општество треба да има основа во политиките на инклузивна меморија и во реконструкција на минатото врз основа на факти, а не на еднострано толкување на историјата. Анида Сокол, новинар и истражувач за „Медијацентар“ (Mediacenter), нè предупредува за ова:
„За жал, нашето општество е изградено врз контрадикторни и еднострани етнонационални политики на меморија, во која секоја етнонационална група ги чествува само своите жртви и воени херои, што сегашните етнонационални политички партии го користат со цел да ја легитимираат својата моќ“.
Свесна за важноста на справувањето со историските факти и во знак на сеќавање на сите жртви, таа додава дека медиумите играат многу значајна улога во обликувањето на наративите.
„Медиумите може да понудат простор за инклузивни, граѓански политики на меморија. За жал, во Босна и Херцеговина медиумите се во служба на владејачките елити кои, исто така го реконструираат минатото врз основа на конфликтни и еднострани етнонационални дискурси. Сепак, преку конструктивно новинарство и образовни програми, медиумите можат да помогнат во изградбата на мирот и помирувањето“, вели Анида.
Таа додава дека не се соочила со никаква критика во врска со нејзината работа или темите со кои се занимавала, поради една разочарувачка причина.
„Колумните кои критички го третираат медиумското покривање на скорешното минатото не се од интерес на јавноста и се занемаруваат во јавниот домен“, искрено кажува Анида.
Заклучува дека е навистина важно да се преиспитува историјата на локално ниво, но локалните медиуми, за жал, пристрасно ги покриваат таквите теми.
„Според истражувањето спроведено досега, локалните медиуми селективно пристапуваат кон военото минато и ги објавуваат, главно, вестите за одбележување само на нивните жртви. Ова дополнително создава јаз меѓу граѓаните, а особено влијае на повратниците во овие заедници. Локалните медиуми им служат на владејачките партии и известуваат на селективен и едностран начин“, заклучува Анида.
Сепак, таквата изјава не треба да нѐ обесхрабри сите нас, новинарите, да продолжиме со нашите напори за фрлање светлина на темите поврзани со нашето најблиско минато, кои, покрај тоа што се исклучително чувствителни, се многу важни за мирниот развој на нашето општество.
Медиумите треба да ја играат улогата на социјален аларм. Треба да ги истакнуваат опасноста, проблемите и предизвиците кои произлегуваат од неточните или еднострани приказни за минатото. Во нивните локални заедници, новинарите треба да бидат луѓето кои не заземаат страни, кои се подготвени да ги слушнат различните наративи, и кои го признаваат фактот дека невини луѓе од сите страни страшно страдаа. Ние мора да истраеме во откривањето на вистината за овие луѓе, со цел ништо слично никогаш повторно да не се случи.
Сара Велага е родена на 28 април, 1994 година во Бања Лука, а пораснала во Јајце. Дипломирала комуникации и односи со јавност на Колеџот за комуникации „Капа Фи“. Велага е новинарка и писателка, која има освоено награди за нејзините приказни: „Ничии деца“, „Богатство под покривот“ и „Големите болки бараат големи души“. Велага е активистка, феминистка, и во моментов работи за списанието „Бука“, списанието за млади „Карике“, и на збирката раскази „Оние кои остануваат“, како индивидуален проект поддржан од ИМЕП. Живее и работи во Бања Лука.
Photo: Mirjana Ribić