Музеолошкиот пејзаж на Косово
За време на војната во Косово во 1998-1999 година имаше сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право меѓу Ослободителната војска на Косово (ОВК) и српските и југословенските полициски и воени сили: масакри, убиства, присилни исчезнувања, силувања, произволни затворања, демолирање на куќи, здравствени домови, фабрики, верски објекти (цркви, џамии,текиња), историски споменици, насилни протерувања (во и надвор од Косово), грабежи и сл. За жал, речиси ниту еден важен споменик кој беше уништен за време на војната 1998-1999 година не е реконструиран. Дури и оние што беа сочувани не беа ниту конзервирани, ниту трансформирани во музеј. За жал, обидите да се претстави овој важен период од нашата историја во музеите резултираше со непрофесионално и необјективно претставување.
Истражувањето, документацијата, музеолошките и методолошките приоди на овој период и придружните наративи во врска со војната и нејзините влијанија врз Косово беа направени на крајно површен начин, а следствено, застапеноста на наративите, групите и заедниците е целосно оскудна, текстовите се површно изготвени, без да бидат прегледани, уредени, лекторирани или коригирани. Понатаму, текстовите се главно само на албански, многу ретко на српски или на англиски јазик. Иако кога содржината на текстовите на албански јазик не е соодветна, нема зошто да се очекува дека преводите на англиски и на српски јазик би биле соодветни. Собирањето и изборот на фотографии, видеоматеријал и артефакти беше направено толку избрзано, а да не зборуваме за дизајнот што се чини дека е направен од почетници ентузијасти.
И двете најголеми заедници во Косово – Албанците и Србите – и двете земји вклучени во војната во Косово во 1998-1999 година – Косово и Србија – ги прикажуваат само прекршувањата на меѓународното хуманитарно право од другата страна, дури и преувеличувајќи ги и употребувајќи говор на омраза. Така, различните страни не само што не го негуваат духот на помирување кај помладите генерации, туку дополнително го продлабочуваат непријателството. Ниту еден од музеите во Косово, ниту на централно ниту на локално ниво, при претставувањето на злосторствата за време на војната во Косово во 1998-1999 година, не ги одбележува жртвите на војната во Косово без етничка припадност, јазик, религија, пол, политичка ориентација или слично. Начинот на кој овие настани се прикажани не оддава почит на жртвите на војната во Косово за време на 1998-199 година и не служи ниту како едукативно-информативна алатка за идните генерации, ниту пак, како информативна алатка за новинарите, дипломатите, политичарите, научниците и туристите.
Студија на случај: Семејниот музеј Бериша во Сува Река (Сухарека)
Откако набљудувачите на ОБСЕ ја напуштија Сува Река (Сухарека) на 20 март 1999 година, а особено по бомбардирањето на НАТО против југословенските полициски и воени сили на 24 март 1999 година, вторите го интензивираа насилството врз албанските цивили. Така, напладне на 26 март 1999 година, југословенските полициски сили ја опколија куќата на Неџат и Фатон Бериша, каде што претходно неколку дена престојуваше ОБСЕ; ги изведоа сите членови на семејството надвор и убија пет мажи и една жена пред куќата. Тие ги принудија другите да си заминат, но кога стигнаа до трговскиот центар, на десетици метри оддалеченост од куќите на Бериша, околу 40 членови на овие семејства, главно жени и деца беа внесени во кафетеријата „Калабрија“.
Потоа, припадниците на српската полиција ги испразнија митралезите во бараж врз цивилите во кафетеријата. Полицајците си заминаа, но малку подоцна се вратија, најверојатно поради тоа што ги слушнале гласовите на некои од повредените, па фрлиле рачни бомби. Подоцна решиле да ги натоварат телата на камион. Три лица меѓу убиените се преправале дека се мртви. Некаде на половина пат до Призрен, тројцата ранети – Шихрете Бериша, а подоцна и нејзината снаа Вјолца и нејзиниот шестгодишен син Грамоз скокнале од камионот. Жителите во областа каде што биле пронајдени им понудиле лекарска помош и се грижеле за нив, а неколку недели подоцна им помогнале да преминат во Албанија.
Полициските сили ги закопале телата на луѓето кои беа масакрирани во кафетеријата „Калабрија“ на полигонот за гаѓање на ЈНА, во околината на Призрен, познат како Крони и попит (Попска чешма). Сепак, во почетокот на април 1999 година, работниците на претпријатието за чистење „Хигиена“ од Призрен, по наредба на МВР, ги ексхумираше и ги транспортираше до масовна гробница во Батајница, Србија, од каде во 2001 година дел од нив биле ексхумирани.
Според податоците на ФХП, на 26 март 1999 година, српските полициски сили во Сува Река (Сухарека) убиле вкупно 49 лица од семејството Бериша. Од убиените 24 се машки, а 25 се женски; 15 се помлади од 16 години, а најмладиот од сите е Ерон Бериша, кој имал една година; тројца се постари од 65 години, а најстарата Хатиџе Бериша имала 99 години. Сите Албанци. До денес, 20 лица од масакрираните на семејството Бериша се во списокот на исчезнати.
Шихрете Бериша, една од тројцата преживеани, сведочеше против претседателот на СФЈ, Слободан Милошевиќ во МКТЈ, а подоцна и против главните српски и југословенски политички, воени и полициски водачи. МКТЈ во една пресуда утврди дека ниту еден од егзекутираните од тој масакр не бил вооружен или учествувал во вооружениот конфликт, и дека единствената причина за убиството е затоа што биле Албанци од Косово.
Ретко место за сеќавање во Косово
Не знам ниту еден друг простор каде што биле извршени воени злосторства или злосторства против човештвото на Косово во 1998-1999 година, кои биле зачувани и ставени под заштита или грижа на локални или централни државни органи. За среќа, зградата на кафетеријата „Калабрија“е зачувана како некогаш, со сите белези кои сведочат за масакрот врз семејството Бериша, а е ставена во сопственост на Општина Сува Река (Сухарека), која пред неколку години ја претвори во музеј. Неодамна, благодарение на финансиската поддршка од страна на компанијата „Голден игл“, на 20-годишнината од овој масакр, просторот беше конзервиран.
Имињата на сите убиени се напишани во Музејот на мачениците на семејството Бериша во Сува Река(Сухарека). Таму се поставени артефакти, главно облека на масакрираните, пронајдени во нивните гробови во Косово и Србија, како и фотографии главно направени од членовите на семејството за време на ексхумациите и повторното погребување. Иако е направено многу за да се заштити објектот и сите ознаки во него и да се стави целиот простор во сопственост и конзервација на општината, останува уште многу да се направи.
За комплетирање на музејот, би било добро Општина Сува Река (Сухарека) и Министерството за култура, млади и спорт, во соработка со семејството Бериша, да доделат тим составен од истражители на воени злосторства, историчари, адвокати, психолози, архитекти, дизајнери, фотографи и така натаму, кој ќе има задача да ги собере сите фотографии поврзани со овој масакр од локалните, регионалните и меѓународните фотографи; како и видеоматеријали од косовските, српските и меѓународните телевизии; написи објавени во локалните, регионалните и меѓународните весници; извештаи од невладини организации за човекови права во земјата, регионот и во светот, и одлуките на судските органи на Трибуналот за воени злосторства во Србија и Меѓународниот кривичен трибунал за Југославија во Хаг.
Масакрот врз семејството Бериша во кафетеријата „Калабрија“ во Сува Река (Сухарека) е речиси единствениот за кој има одлуки на органите на правдата во Белград и во Хаг, од каде податоците треба да се презентираат во еден ваков музеј. Во февруари 2009 година, МКТЈ без основано сомневање утврди дека Сретен Лукиќ, командант на српската полиција во Косово, во периодот 1998-1999 година, бил одговорен и за масакрот во Сува Река (Сухарека), и го осуди на 20 години. Исто така, во февруари 2011 година, МКТЈ утврди дека Властимир Ѓорѓевиќ, началник на Одделот за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи на Србија, е виновен за убиство на косовски Албанци, меѓу кои се и убиените во Сува Река (Сухарека), и затоа го осуди на 27 години затвор. Понатаму, на 25 април 2006 година, обвинителот за воени злосторства во Србија поднесе обвинение против осум српски полицајци за овој масакр. По три години судење, Трибуналот за воени злосторства во Белград прогласи за виновни четворица од обвинетите, и го осуди на 20 години српскиот полициски командант во Сува Река (Сухарека), Радојко Репановиќ и тројцата српски полицајци Слаѓан Чукариќ, Мирослав Петковиќ и Милорад Нишавиќ на 20, 15 и 13 години.
Ваквите податоци создаваат услови за сеопфатна нарација за масакрот во кафетеријата „Калабрија“ во Сува Река (Сухарека) на 26 март 1999 година. Овој наратив треба да биде придружен со фотографии, видео и артефакти, сите курирани со многу грижа и професионалност. Дополнително, целиот текст, освен на албански и на англиски, треба да биде достапен и на српски јазик. Не само затоа што српскиот е законски официјален јазик во Косово, туку и затоа што посетителите Срби од Косово и Србија на овој музеј ќе дознаат што се случило на овој простор.
Шкелзен Гаши студирал политички науки на Универзитетот во Приштина, а демократија и човекови права на заедничката студиска програма на универзитетите во Болоња и Сараево, каде што и магистрирал. Автор е на бројни публикации (книги и статии). Во 2010 година ја објави неовластената биографија на Адем Демачи (достапна на англиски јазик). Демачи помина 28 години во југословенските затвори. Неодамна, тој објави бројни написи за презентацијата на историјата на Косово во учебниците по историја во Косово, Албанија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија. Во моментов пишува биографија за Ибрахим Ругова, водачот на Албанците во Косово од 1989-2006 година.