Децата треба да изразат желба да учат во разновидна средина, затоа ние треба да ги подржуваме и да стремиме кон зајакнувањето на мулти-етничките училишта, не само во Македонија туку насекаде, аргументира Кристина Атовска.
Во насока на креирање одговорно мултиетничко општество, образованието како социјализациски фактор треба да биде приоритет во креирањето политики. Во држава како Македонија потребата од интегрирано образование е нужна. Меѓусебното разбирање, како и надминувањето и прифаќањето на разликите е наметната потреба. Во таа насока, образованието ја игра клучна улога во креирањето на мирно општество. Во само неколку училишта во земјава се направени услови и функционираат мултиетнички паралелки, едно од нив е основното училиште Петар Здравковски Пенко, во кое се учи на македонски, албански и турски јазик.
Професорката Хатиџе Топали од ОУ Петар Здравковски Пенко вели дека ефектот од заедничкото учење на меѓусебните разлики е подобро разбирање на сегашноста. Освен тоа заедничкото учење во пракса значи и заедничко креирање на иднината, односно на општеството во целост. На прашањето како се изучува историјата, односно дали содржините во учебниците придонесуваат кон соочување со минатото во насока на разбирање на различностите и нивно прифаќање, професорката Топали вели дека она што се изучува во учебниците ниту одблиску не е доволно.
Освен формалното образование и она што се учи на часовите, важно е и да се обрне внимание на тоа какви меѓусебни односи градат децата надвор од училиштето. Како тие се однесуваат на одморите или по часовите, говори многу за придобивките од мултиетничкото образование. Професорката Топали вели дека во нивното тројазично училиште, учениците немале проблеми меѓусебе. „За време на одморите, учениците постојано се заедно, се дружат и разговараат за она што се случува на часовите. Сепак, останува потребата да работиме на односите за да се дружат повеќе и по часовите“ – вели Топали.
„Придобивките од учење во мултиетничко училиште се дружење, позитивна клима на училиштето, запознавање со различните култури и традиции. Јас мислам дега оваа многу помага за соочување, односно разбирање на минатото“ – вели професорката Топали.
Учениците немаат целосен (и адвекатен на нивните години) приказ за она што се случувало во минатото, но ниту системот не е прилагоден во насока на адвекатно разбирање на историјата, сметаат голем дел од професорите. Минатиов период беше особено тежок за образованието, се наоѓаа дискриминаторски грешки во содржините, се повлекуваа учебници… Сепак, допрва ќе се прават ревизии на содржините. Не можеме да го занемариме фактот дека нашето образование потфрли во однос на градењето толерантно општество, токму затоа приоритет треба да бидат рефоримите во образованието. Општествените вредности и норми се учат од најрана возраст што ја наметнува потребата од се повеќе мултетнички училишта. Мултиетничките програми треба да почнат да се применуваат не само во основното, туку и во средното образование, сметаат и професорите кои ги посетивме од еднојазичните учиишта. Она што може да се забележи од однесувањето на учениците од еднојазичните училишта е отсуството на толеранција. Професорите од овие училишта исто така велат дека треба значително да се подобрат содржините во учебниците, во насока на подобро разбирање и надминување на разликите на сите етнички заедници. Познавање на јазиците уште повеќе би ја зацврстело пријателската врска помеѓу децата од најрана возраст, сметаат голем дел од професорите кои посочуваат дека децата имаат желба да учат за различностите.
Мултиетничките училишта во земјава ги има во мал број, а токму тие се успешниот пример кој треба да биде имплементиран во голем број образовни установи.
Кристина Атовска е новинарка од Македонија, која својата кариера ја започнува веднаш по дипломирањето. Вработена во Телевизија 24, каде покрај од политички, економски и кризни настани известува и за работничките права во земајва преку изворите во синдикатите. Во меѓувреме неуморно се залага за правата на новинарите и медиумските слободи, дури и пред да биде избркана од своето прво работно место поради колумна со критика за поранешна министерка.