Различните медиуми за пренесување пораки, како телевизија, театар, музика, играат важна улога за подигнување на плуралноста и толеранцијата, истовремено и за надминување на стереотипите и етноцентричните наративи во популарната култура. Со уметничката и културна понуда може да се создадат врски меѓу луѓето, да се разобличат предрасудите од минатото – вредности кои потоа се пренесуваат од локалните заедници и на национално ниво, како заеднички принцип.
Прв пример кој доаѓа на памет е ТВ серијата „Наше маало“, која се емитуваше од 1999 до 2004 година. Таа ќе остане како еден од поуспешните проекти, особено што поттикнуваше соживот и меѓуетничко разбирање низ пет сезони, со вкупно 40 епизоди кои го исполнија секојдневитето со авантурите на големите-мали деца – Бени, Ице, Џејлан, Зана, Мали и Дарко и останатите ликови, кои преку ТВ екраните ги учеа луѓето да ги ценат квалитетите на различностите, а не потеклото или религијата.
„Идејата беше да направиме нешто за разрешување на конфликти меѓу младите. Имавме добри насоки и од првите копродуценти на ‘Наше маало’, кои се пионери на детската телевизија во светот – Children’s Television Workshop, креаторите на ‘Sesame street’. Се случи и добар семинар со креативци од цела Македонија, вклучувајќи го и Горан Стефановски, чија оригинална идеја беше зградата ’Кармен’ да зборува. Па, стартувавме играна серија за деца со многу добар квалитет“, раскажува продуцентот Иво Антов од продукцијата ,,Наше маало”.
Имале добро разработен план за сезоните. Некои епизоди се фокусираа на запознавање на обичаите на етнукумите, други се фокусираа на основните човечки конфликти. На пример, ја адаптираа приказната со украдениот гердан и погрешно обвинетиот човек на Ги де Мопасан, учејќи ги децата да не стигматизираат сиромашни врсници дека тие се „крадци“ и сл.
„Сето тоа беше наменето за едукација и општо разбирање. Многу се забавувавме, а на целата таа генерација, гледам дека и самите актери влијаеја во своите околини. Цела генерација порасна со ‘Наше маало’ и тие луѓе се, сепак, формирани на поубав начин од овие што растат во ера на хејт и антихејт, воук и антивоук, кенсел и антикенсел, каде се истакнуваат поларитетите, а не заедничките работи“, нагласува Антов.
Според Антов, серијата „Наше маало“ била слика и прилика за разни маала во Македонија. Секој имал некој комшија или другар што бил од „онаа“ националност.
„Скопје отсекогаш бил мешан, мултикултурен град. Вриел од сите националности, јазици, култури, се славеле сите празници. Ние знаевме како да живееме така, но со време како да заборавивме. Поентата на медиумот во денешно време би била да ги научи битијата на консументите на она што го заборавиле. Тоа би била порака до сите оние што креираат политики, но и тие што ги реализираат“, потенцира Антов.
Освен телевизијата, важна улога игра и театарот. Режисерката Драгана Гунин, која покрај на македонски, поставува претстави и на албански и на турски јазик, смета дека театарот има сензитивен и темелен пристап кон секоја тема воопшто, па оттука и кон предрасудите и стереотипите. Кога работи на претстава предрасудите не ги презентира како такви, туку ги деконструира пред себе и во себе.
„Гледам колку јас ги имам во мене, и ги разгледувам и преработувам преку нова идеја. Не сакам да наметнувам свои каприци и фрустрации пред публиката. Театарот може да ‘сруши’ нешто само ако оној кој работи на тоа, ја ‘руши’ предрасудата во себе… или ако не можам, тогаш да бидам искрена и да тргнувам со идејата дека во моментот ова е мојата позиција и да видам што можам да направам. Ама во никој случај да не наметнувам став. Тоа може да биде опасно, затоа што сцената е моќна “, раскажува таатарската режисерка.
Гунин во 2022 година во независна продукција ја постави претставата „Заминувања/Largime“ во Албанскиот театар во Скопје на македонски и на албански јазик. Претходно, во 2018 година ја режираше „Ана и Хана/Anna ve Hanna“ , која се одигра во Турскиот театар – Скопје на турски јазик, а претставите „Терапија“ и „Регионална мрежа“ беа премиерно изведени во Нови Сад и во Загреб, и двете на српски јазик.
Во однос на одѕивот на публиката кога треба да гледа претстави на јазик кој не го разбира, Гунин смета дека состојбата е подобрена од претходно. Постои превод, вели таа, но поентата на театарот е да искомуницира со публиката на подлабоко ниво.
„Поентата на тој што го работи театарот е да ја направи претставата разбирлива дури и кога јазикот не го разбираат сите. Кога работев со млади, во свое драмско студио, намерно во претставите користевме по некој збор/израз од други јазици. Кога си публика, а не работник во театар, сигурно не е лесно да гледаш претстава од три часа на јазик кој не го разбираш. Затоа преводот е клучен, иако на последните изведби од технички причини, го немам. Сепак, иако не сум во делот кој следи статистика, на мои претстави има публика дури и кога претставата не ѝ е на мајчиниот јазик“, забележува таа.
Еден од примерите за тоа како популарната култура нѐ зближува е и преку музиката. Во Македонија вакви мултијазични примери, меѓу другото, поставуваат и албанско-македонскиот рок-бенд од Скопје „Бла Бла Бла“, формиран во 1988 година, потоа пејачот Арбен Бени Шаќири со неговиот бенд, но и тетовскиот состав „Кепурдат“.
Инди-рок групата „Кепурдат“, формирана на крајот на 2013 година, има настапувано во најразлични средини, во бројни градови низ Македонија, но и во Србија, Косово, Албанија и Швајцарија, и велат дека секаде се чувствувале одлично.
„Публиката секогаш ја цени нашата музика и атмосферата која ја споделуваме. Не е до јазикот кој го зборувате, туку до енергијата и позитивноста што ги давате. Искрено можеме да кажеме дека не недостигало почит кон една етнички мешана група како нас. Значи, ние не го гледаме тоа како дупка или пречка“, велат „Кепурдат“.
Уметноста, во случајов музиката, секако може да зближи различни групи луѓе. „Музиката е магија, мир и задоволство за душа“, децидни се тетовчаните.
Автори: Бојан Шашевски, Ангела Бошкоска, Мартин Колоски