„Неидентификувани“ прикажан на Универзитетот во Сараево

http://www.balkaninsight.com/

На Правниот факултет и на Факултетот за политички науки во Сараево, беше прикажан документарниот филм на БИРН, „ Неидентификувани“, во кој се зборува за српските борци, кои се одговорни за некои од најбруталните злосторства за време на војната во Косово во 1999 година.

Ајла Гежо БИРН Сараево

 „Неидентификувани“, кој зборува за нападите врз косовските села во близина на Пеќ во 1999 година и ги именува лицата одговорни за прикривање на злосторствата, во вторникот и во средата, им беше прикажан на студентите кои студираат комуникологија, безбедност, новинарство и право.

„Мојата идеја беше дека кога ќе го чујат и видат овој филм, во Белград, Нови Сад и Крагуевац нема да можат да кажат дека во Косово не се случиле злосторства“, рече преку видео порака, Марија Ристиќ, автор на филмот.

Филмот „ Неидентификувани “, е резултат на двегодишно истражување. Тој ги враќа гледачите во 1999 година, во селата Љубениќ, Ќушка, Пављан и Захач, во близина на Пеќ, Косово, каде што српски борци убиле повеќе од 118 албански цивили.

Нивните останки биле или запалени или скриени. Дел од останките, во 2001 година, биле пронајдени во масовни гробници во полицискиот центар за обука, Батајница, во близина на Белград.

Во Белград, за овие злосторства, им се суди на 11 бивши припадници на српските сили.

Во февруари 2014 година, девет од нив беа осудени на вкупно 106 години затвор, но белградскиот Апелациски суд, минатиот март ја поништи пресудата, оценувајќи дека таа е „неразбирлива и контрадикторна“ и го врати случајот на повторно судење.

Митхат Измирлија, професор на Правниот факултет во Сараево, по проекцијата изјави дека филмот „Неидентификувани“ е одличен пример за општествено ангажирано новинарство.

„Ова е одличен начин како и медиумите можат да работат во служба на утврдување на вистината за одредени настани и да им ја донесат вистината на жртвите и на јавноста“, рече Измирлија.

Професорката на Факултетот за политички науки, Лејла Турчило, рече дека е многу важно, младите новинари, во текот на школувањето, да добијат можност да се запознаат со истражувачки трудови.

„Ова се приказни што студентите не ги сретнуваат во теоријата. Наша цел е да им се даде практично искуство, кое често го немаат во образованието, при што е важно да не се занимаваме со дневно, туку со истражувачко новинарство, кое што е дефицитарно“, додаде таа.

Истакна дека ваквите проекти можат да ги мотивираат студентите, бидејќи им „покажуваат дека постои можност за промени во општеството“.

По проекцијата на филмот, студентите на Правниот факултет имаа дискусија и предавање за правните предизвици при следењето на судските процеси за воени злосторства, а студентите на Факултетот за политички науки зборуваа за новинарството и транзициската правда со Денис Џидиќ, уредник на БИРН БиХ.