Кога се случуваат војните во светот, како оваа актуелна во Украина, нас, жителите на Балканскиот Полуостров, тоа нѐ потсетува на нашата историја и на несреќите кои секоја генерација ги имала со векови наназад. Ширум нашите терени има споменици, но и урнатини кои секојдневно нѐ потсетуваат на воените дејствија кои се случувале тука. Речиси да нема семејство во поширока смисла, кое нема загинат во војните.
Иако војните најчесто започнувале поради економски причини, на нашите простори, овие војни меѓу луѓето кои живееле едни до други, ескалирале во убиства меѓу блиски, меѓу роднини, меѓу довчерашни пријатели, создавајќи голема омраза која потоа трае со децении. Има семејства кои сѐ уште не знаат каде се загинати нивните блиски кои сѐ уште не се пронајдени. Ваквите семејни истории во контекстот на војните, потоа прераснуваат или во семејни митови, или во семејни табуа. Подоцна, овие митови го потхрануваат локалниот вредносен систем да толерира војни, уривања и нанесување болка на оној кој е означен како непријател.
Војните поради нивното влијание на целокупниот живот предизвикувале чести т.н. редефинирања на вредносниот систем. Драматичната промена на секојдневниот живот на жителите, промената на нивните секојдневни рутини и промоцијата на идеи кои не ретко се инспирирани од националистички движења како реакција на другите кои исто така се однесувале, предизвикуваат радикализација речиси кај сите учесници. Во тие околности се изнедруваат разноразни лидери кои ја артикулираат потребата на своите жители. Но, зачудува фактот дека потребата речиси на огромниот број на жители не била да се убива и да се урива. Веројатно идеологијата која е мотиватор на населението промовира насоки и потреби, кои преку разни медиуми се вовлекуваат како да се потреби на самите жители. Одбраната од другиот, или борбата за повисоки вредности, обично се проткаени во речиси сите предвоени идеологии. Така, во одбрана на своето население лидерите ги предводат своите етноси во обвинување на другите и со самото тоа, жителите им овозможуваат автократски да ги водат сѐ до доминација која се финализира во диктатура. Ваквата диктатура, за да се одржува подолго, произведува и надворешни и внатрешни непријатели. Потоа, нормално е дека непријателот предизвикува негативни чувства, кои доживуваат своја катарза во „преземање на нешто“.
Но, што е со нормалниот, обичниот човек, со оној кој ниту имал потреба ниту ја посакувал ниту ја предизвикал војната. Што се случува во неговата глава? Какво е неговото однесување во војната? Што чувствува?
Се чини дека во војните кои се случуваат доминираат две основни чувства со голем интензитет и специфична состојба на сознанието. Тоа се СТРАВОТ и ЛУТИНАТА. Развивањето на овие чувства се случува постепено. Пред самите воени дејствија пропагандните машинерии се насочени да предизвикуваат фрустрација, потоа лутина која ескалира со бес и омраза. Интересно е дека пропагандните машинерии кои се под контрола на елитите предизвикуваат специфичен начин на перцепција и заклучоци кои во себе содржат многу илузии и предрасуди. Исто така, произведуваат чувство на семоќ и неповредливост. Елитите кои од свои причини ја предизвикуваат војната имаат илузија (на почеток со право) дека која било војна нив нема да ги засегне. Бидејќи војната за секој здраворазумски човек е синоним на болка и смрт, кои предизвикуваат страв и гадење, не е едноставно населението да сака војна. Кога обичните жители имаат омраза и бес кон „другите“, постепено преку општественото и медиумско влијание, според потребите на елитите, добиваат информации и „факти“ дека „непријателот“ ќе му го земе она што е негово, ќе му го одземе неговиот секојдневен живот и ќе му ги загрози најмилите.
Тоа значи дека сето ова предизвикува страв во моментите на изложеност. На подолг рок води кон пораст на анксиозноста и нелагодноста кај жителите. Луѓето не сакаат да чувствуваат страв, секогаш имаат тенденција да го надминат. Најраширен начин за надминување на стравот е негова негација или потиснување. Ова се нефункционални начини на решавање на стравот. Исто така, повеќето луѓе, кога чувствуваат страв и кога не можат да го игнорираат, го заменуваат со друго чувство. На пример, кога некој се плаши, сѐ повеќе се лути. Или, кога некој се плаши, манифестира некритична радост и расположение коишто имаат одлики на еуфорија. Овој начин е нефункционален, но е речиси и несвесен.
Кај децата стравот се надминува кога нештото ќе го разберат, кога ќе се чувствуваат заштитено и кога ќе имаат околу себе чувство на љубов и припадност. Затоа, приказните коишто возрасните им ги раскажуваат во сигурна атмосфера, фантазијата и контакот им овозможуваат намалување на стравот до ниво кога веќе не ги инхибира. Во врска со стравот во детството, можат да се развијат најразличнии симболи, како разноразни вештици, чудовишта, добри вили и волшебници, со кои или се поттикнува стравот или се намалува. И кај возрасните е слично. Но, наместо бајки и приказни, има различни текстови, лажни вести и пропаганда. Симболите се сублимирани во ликови кои го претставуваат злото и ликови кои го претставуваат доброто. Погодете кој во моментов е најлошиот лик во светот? За периодот од 1940–1945 имаме конзенсус кој беше главниот лик (или главните ликови) на злото.
Исто така, кај возрасните (но и кај повеќето деца) она што им предизвикува страв имаат тенденција да го избегнуваат, да се бранат, а како ултимативна одбрана имаат тенденција да го уништат она што им предизвикува страв. Така, како на клацкалка, порастот на стравот предизвикува општа емоционална мобилизиација која предизвикува омраза кон изворот на стравот, до пораст на лутината сѐ до гнев и бес. И затоа, најчесто, стравот (доколку не инхибира целосно) се заменува со лутина. На групно ниво, уплашените имаат тенденција да се групираат, да се сплотат за да чувствуваат припадност, и во тие околности да чувствуваат помалку страв. На групно ниво многу побрзо и без многу логика и проверка на факти, лесно ескалира омразата кон она што ја плаши групата, а тоа понатаму ескалира до лутина и потреба на елиминација на изворот на стравот. Токму и поради тоа, кога почнуваат војните, велат дека прва страда вистината. Разбирливо, вистината се потпира на факти и логика, а во војната доминираат интензивно двете чувства на страв и лутина. Оваа доминација на ваквите чувства и специфичниот начин на селекција на информациите и фактите кои се поткрепуваат од илузии и предрасуди, кај повеќето луѓе предизвикува специфичен начин на осознавање и мислење. Ова низ референтната рамка на трансакциската анализа како теорија на личност се нарекува контаминација. Вообичаената дијагностика која се идентификува кај луѓето засегнати од воени дејствија е пострауматска стрес состојба. Таа е една од дијагнозите којашто кај учесниците и засегнатите од војна придонесува војната одново и одново кај нив да „оживува“, иако е минато. Тоа влијае на нивниот квалитет на живот на подолг рок. Засегнати се мислењето, чувствата и социјалниот живот.
Како илустрација, се потестив на едно интервју кое го имав за неделникот „Фокус“ во 2001, после воениот конфликт кај нас. Тоа беше состојба во која кај нас сограѓаните, мотивирани од различни идеологии, влегоа во воен конфликт. Имаше и мртви и ранети и уништени домови. И двете страни во конфликтот мислеа дека со право влегуваат во воени дејствија, и двете страни ги поддржуваа своите борци и нивните загуби. Едната беше официјална државна, а другата во рамките на својот етнос. Но, како што сите војни завршуваат, и овој т.н. воен конфликт заврши со договор. За среќа на сите учесници. Но, исто така, имаше и амнестија која се случи неколку месеци после конфликтот. Тогаш, тоа го критикував, не дека не треба да има амнестија, туку дека беше пребрза и кај едната популација на луѓе го прекина природниот процес, својствен за луѓето, да можат да ги оджалат своите загуби. Овој процес, кој има седум фази кои вообичаено траат една година, амнестијата ги затекна на половина пат од оджалувањето. Кога оджалувањето се прекинува има тенденција да регредира и да се враќа на почетните фази. Почетните фази на секое оджалување се негација и лутина. Така, голем дел од населението, со државната интервенција беа заробени во овие две први фази. Не можеа природно да ги оджалат своите загуби. Поради тоа, тогаш текстот го насловив „Заробеници на омразата“.
На крај, војната не е само смрт и уништување. Таа е општествено интензивна појава којашто, и по нејзиното завршување засегнатите луѓе уште долго ја чувствуваат. Исто така, доколку војната засегнала глобален дел од населението, таа може да биде причинител за редефинирање на постојните вредности, да доведе до персонално оттуѓување на луѓето кое се гледа преку главен индикатор – намалување на емпатијата. Веројатно, за жал, во денешно време, војната во Украина која засегна милиони луѓе, нема да биде последна. Таа ќе влијае на милиони луѓе кои персонално ќе се променат. Ова ќе влијае и на оние кои, иако не се учесници тие се сведоци и кај сите ќе предизвикува специфичен начин на сознанија и пораст на две јаки емоции на страв и лутина.
Станислав Петковски-Сашо од Скопје e специјалист по клиничка психологија, CTA трансакциски аналитичар и семеен системски терапевт. Тој е основач и раководител на психолошкото советувалиште „Модус центар“. Еден од основачите и претседател на Здружението за трансакциска анализа на Македонија и член на Европското (EATA) и Светското здружение (ITAA) за трансакциска aнализа. Веќе 20 години води групни семинари во кои учесниците можат да учат и усовршуваат комуникациски вештини.