Ништо ли нема да биде именувано по нив?

Сеќавање на улогата на жената за време на војната во Босна и Херцеговина

Ако се потпираме исклучиво на програмите и пораките на комеморации, имињата на улиците, имињата на институциите и она што е напишано на спомен-плочите и спомениците во повоена Босна и Херцеговина, тешко би можело да се поверува дека воопшто имало жени кои учествувале во активности поврзани со војната и градењето на мирот. Од друга страна, усната и неофицијална култура на меморијата нè упатува на огромниот придонес на жената во сите аспекти на животот за време на војната. Анализирајќи ја оваа сè уште алтернативна противтежа на официјалните наративи, може да се запрашаме како можевме воопшто да ја преживееме војната без жени? Каде и зошто е маргинализирана женската перспектива на војната? Зошто жените од Босна и Херцеговина не се дел од културата на сеќавање на јавниот простор? Зошто тие не се задолжителен дел од процесот на официјална меморијализација?

За да се дојде до одговор, прво треба да се испита кој ги создава официјалните наративи, кој ги користи и како. Во контекст на војната во Босна и Херцеговина, најактивните креатори на официјалната култура на сеќавање се етнонационалните партии и медиумите кои им се наклонети; верските и академските заедници; надлежните министерства за бранители и здруженија, како и семејствата на жртвите. Министерствата обично се формални организатори на комеморации на значајни датуми на војна.

Одбележувањето на годишнините од војната има речиси идентична програма од 1996 година. Се чини дека мора да ги вклучува следниве елементи: посета на гробишта (по можност области наменети за паднатите војници), положување цвеќе на спомениците на паднатите војници (што, по правило, го негува споменот на паднатите машки бранители), верски ритуали (можност за поврзување на војната, верата, идентитетот и традицијата), формални настани (можности за политичко и академско позиционирање), часови по историја во училиштата (со информации што не се дел од официјалната наставна програма) и објавување на конкурс за детски литературни и ликовни творби на тема војна (децата пишуваат и сликаат команданти и битки инспирирани од емоциите и сеќавањата на нивните родители).

Ако (!) воопшто има простор за жената, дел од програмата ја позиционира жената во улога на жртва врз основа на патријархалната матрица на националните политики: мајка или сопруга на паднат борец, жртва на силување и други воени злосторства или немоќен дел од населението чиј опстанок зависеше од мажите. Никогаш како субјект, туку исклучиво како објект.

Свесен за централната улога на Mинистерствoтo[1] за боречки прашања во културата на сеќавање на изминатата војна и во врска со фактот дека нема релевантно државно министерство, важно е да се напомене дека од шест лица кои ја извршувале функцијата министер на ниво на субјектот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, само една беше жена. Од друга страна, ентитетот Република Српска немаше жена на чело на ресорното министерство. Без да се инсинуира дека жените министри би воделе поинаква политика на културата на меморија, во контекст на овој напис, индикативно е дека жените честопати не се ни опција за првите позиции во министерствата[2] за боречки прашања.

Преиспитувањето на учеството во војната често се користи како ефективна алатка за дискредитирање меѓу мажите, особено во политичкиот живот. Мажот е прифатлив, легитимен и политички недопирлив во однос на перцепцијата што ја имаат сојузниците, противниците и пошироката јавност за неговата улога во војната и во обновата на земјата по војната. Од друга страна, истиот принцип е апсолутно игнориран кај жените. Општествено-политичката активност на жените речиси никогаш не е[3] доведена во врска со нивното воено минато во јавната сфера. Згора на тоа, ова минато или се игнорира или се омаловажува. Има бројни примери на сведоштва за намалување на воените чинови, неправедна демобилизација на жените по војната и недоделување медали на заслужни жени припаднички на воените единици.[4] Ова се примери кои ја отсликуваат воената димензија на војната, но особено односот кон жената кој бил сличен и во другите општествени сфери.

Надлежните јавни функционери ги игнорираат иницијативите на граѓанското општество кои имаат за цел да ја вклучат женската перспектива и нивниот придонес во официјалната култура на меморијата и сеќавањето. Од 2014 година, женското активистичко движење Иницијативата „Мирот има женско лице“ се обидува да ја добие поддршката од Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина да го прогласи 8 декември за Официјален ден на сеќавање на жените загинати во војната во Босна и Херцеговина.[5] И покрај тоа што беа игнорирани од институциите кои не одговорија на нивните повици, здруженијата се собираат во оваа активистичка мрежа неформално за да го прослават овој датум секоја година на улиците на 12 градови во Босна и Херцеговина.[6]

Друг пример за тоа како се занемарува придонесот на жените и нивното вклучување во официјалната култура на меморијата е обидот да се именува плоштадот спроти Градското собрание на Сараево. Фондацијата ЦУРЕ, во име на Иницијативата „Мирот има женско лице“, а со поддршка на повеќе граѓански организации, презеде иницијатива овој плоштад да го носи името на Аида Бутуровиќ, библиотекарката на Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина, која беше убиена додека се враќаше дома од операцијата за спасување книги од запаленото Градско собрание.[7] Надлежните институции одлучија за востановената практика да им се дава приоритет на воените или полициските единици за имињата на улиците, односно нивните машки членови и го нарекоа Плоштад на Првата полициска бригада. Откако се соочи со критики од граѓанското општество, градоначалникот на Сараево најави поставување на спомен-плоча во спомен на Аида Бутуровиќ.[8] Поставувањето на оваа спомен-плоча на маргините, наместо на видлив и значаен јавен простор, е уште една пропуштена можност за именување на јавните простори по заслужните жени и потсетување на проблематичната практика на именување на улици и институции во Босна и Херцеговина.

Водичот за именување на улици по жени[9] од 2022 година разоткрива поразителна статистика. Улиците именувани по жени или по женски активизам и искуство сочинуваат само 1,48% во Сараево, 0,5% во Мостар, 6,61% во Бања Лука и 2,45% во Тузла. Групата активисти зад горенаведениот Водич, исто така го подготви лексиконот[10] „100 жени – 100 улици именувани по жени“ со биографии на жени кои ги поместиле границите во нивните заедници во Босна и Херцеговина. Оваа и други публикации[11] со исти и слични теми обезбедуваат информации за заслужните жени во Босна и Херцеговина, со цел да се придонесе во литературата за жените и да се изврши притисок да им се даде на жените заслуженото место во културата на меморијата.

Земајќи го предвид горенаведеното, се поставува прашањето како и со кого да се продолжи борбата за местото на жената во официјалната култура на меморијата. Распарчениот политички систем, недостатокот на политичка волја и силна синергија на актерите кои владеат со сегашната култура на меморија доведуваат до ѕид кој, според сегашните правила на игра, е тешко да се прескокне. „Новите играчи“ – генерациите родени по војната во Босна и Херцеговина – го носат најголемиот потенцијал за промена на тие правила. Иако често се отпишуваат како интернет генерација, незаинтересирани за блиското минато, овие глобално ориентирани млади луѓе кои не се консументи на конвенционални средства за информирање, можеби се последниот дел од општеството кој не е отруен од омраза. Во моментов, голем дел од нив не се вклучени во прашањето на културата на меморијата, но нивниот број расте секој ден. И ќе дојде ден кога ќе почнат да бараат информации за нивните баби и нивната улога во војната од деведесеттите. Останува на денешните борци за родова еднаквост и поправедно позиционирање на жената во културата на меморијата да им обезбедат што е можно повеќе аргументи и ресурси за постигнување на тие цели.

Едо Канлиќ е мировен активист од Горажде кој моментално живее и работи во Сараево. Студирал на универзитетите во Анкара, Прага, Болоња и Сараево на додипломски студии по меѓународни односи и на магистерска студиска програма од областа на човековите права и демократијата во Југоисточна Европа. Моментално работи во Отворениот центар Сараево како координатор на Иницијативата за следење на европската интеграција на Босна и Херцеговина. Во својата активистичка работа се занимавал со темите за образованието, сегрегацијата во училиштата, активното учество на младите во процесите на одлучување, справувањето со минатото и меморијализацијата. Љубител е на литературата, театарската уметност и музиката, а моментално пее во сараевскиот мешан камерен хор „Лола“.


[1]Мандатот на министерката Суада Хаџовиќ траеше неполни две години, од 12 март 2001 година до 14 февруари 2003 година.

[2]Слична е ситуацијата и со кантонските министерства. Кантонот Сараево имаше вкупно 12 министри и ниту една жена на таа позиција. Во моментов, ниту едно кантонско ресорно министерство не е предводено од жена, а веб-страниците на повеќето кантонски влади не нудат информации за претходните именувања.

[3]Но, имаше и вакви примери: политичките противници на актуелната државна парламентарка Сабина Чудиќ ја оспорија нејзината кандидатура за градоначалник на Сараево, велејќи дека таа живеела во Белград за време на војната. Иако е неважна информацијата каде живееле кандидатите кои претендираат на јавни функции во различни периоди од својот живот, интересно е да се забележи дека кандидатот Ќудиќ на почетокот на војната имал 10 години. Повеќе на:

 https://www.klix.ba/vijesti/bih/miladin-o-ulozi-u-aferi-asim-nisam-glasao-za-sabinu-cudic-jer-je-u-ratu-bila-u-beogradu/ 200303057

[4]Елвира Агановиќ, „Жени во војна“, снимена во мај 2010 година во продукција на Радиотелевизијата на босанско-подринскиот кантон Горажде, видео формат, 57:00; 1:00:00, https://www.youtube.com/watch?v=Ne73aWRwJFw&t=23s

Сунита Даутбеговиќ-Бошњаковиќ, „Заборавената димензија на војната во Босна и Херцеговина – жени војници“, во Кој род е безбедноста, изд. Дамир Арсенијевиќ и Тобијас Флесенкампер (Сараево, Отворен центар Сараево, 2013) 79-98, достапно на: https://soc.ba/site/wp-content/uploads/2013/02/Kojeg-je-roda-sigurnost_WEB_bos.pdf
Мирјана Трифковиќ, „Другата страна на паричката“, Справување со минатото, последен пат ажурирано на 8 јули 2020 година, https://dwp-balkan.org/staging/bs/druga-strana-medalje/

[5] Азем Куртиќ, „Одбележан спомен на жените убиени во војна“, Detektor.ba, последен пат ажуриран на 8 декември 2022 година, https://detektor.ba/2022/12/08/obiljezeno-sjecanje-na-zene-ubijene-u-ratu/

[6] Едина Ризвиќ, „8 Декември – Ден на сеќавање на жртвите на жените во војната во Босна и Херцеговина“, РТВ Слон, последен пат ажурирано на 7 декември 2022 година, https://www.rtvslon.ba/8-decembar-dan-sjecanja-na-stradanje-zena-u-ratu-u-bosni-i-hercegovini/

[7] „Плоштадот кај Собранието ќе го носи името на Аида Бутуровиќ: Се обидела да спаси книги од запалената зграда, ја убиле на пат кон дома“, ДЕПО, последно ажурирано на 17 декември 2021 година. https://depo.ba/clanak/225296/trg-kod-vijecnice-nazvati-po-aidi-buturovic-iz-zapaljene-zgrade-pokusavala-spasiti-knjige-ubijena-na-putu-do-kuce

[8] „Сараево крева спомен-плоча на Аида Бутуровиќ, хероината која спаси книги од запаленото Градско собрание“, Klix.ba, последен пат ажурирано на 25 август 2022 година, https://www.klix.ba/vijesti/bih/sarajevo-podize-spomen-plocu-aidi-buturovic-heroini-koja-je-spasavala-knjige-iz-zapaljene-vijecnice/220825113

[9] Јасмина Чаушевиќ, Лејла Гачаница и Љиља Лукиќ, Водич за именување на улици по жени (Бијелина-Сараево: Фондација „Лара“ Бјелина и Форум ЗФД, 2022 година), достапно на: http://hcabl.org/wp-content/uploads/2022/03/Vodic-za-imenovanje-ulica-po-zenama-WEB.pdf

[10] из. Горица Ивиќ, Јасмина Чаушевиќ и Селма Хаџихалиловиќ, Лексикон за жените кои ги поместиле границите во нивните заедници во Босна и Херцеговина: 100 жени – 100 улици именувани по жени (Сараево, Бјелина, Тузла: Форум Цивилерјајент. Здружение ХО ХОРИЗОНТИ Тузла, 2021 година), достапно на: https://dwp-balkan.org/staging/wp-content/uploads/2022/05/100-zena-100-ulica-po-zenama-WEB22_compressed_1651813903.pdf

[11] Примери во литературата се: Жените од Босна и Херцеговина, Тие се наши денес, снимени – Жените и јавниот живот на Босна и Херцеговина во 20 век.