Наталија Жаба БИРН Белград
Кога режисерот Газменд Бајри решил во својот најнов филм како тема да ја обработи повоената траума, тој нашол начин како да ги изрази и своите чувства за страдањата што ги преживеал за време на војната во Косово, и своето соочување со повоената траума.
Иако Газменд Бајрами во своите филмови ги користи искуствата на другите луѓе, своите сфаќања за начинот на кој што тие размислуваат и како се чувствуваат, ги базира на сопственото искуство.
Најновиот документарен филм на овој режисер и снимател, роден во Косово, „Фердонија“, зборува за Фердонија Ќеркези од Ѓаковица, која за време на војната со српските сили кон крајот на 90-тите, го изгубила целото свое семејство.
Во март 1999 година, Ѓаковица беше сцена на некои од најкрвавите воени злосторства. Сопругот и четирите сина на Фердонија Ќеркези биле убиени.
Како и многу други жени од овој регион, Ќеркези е член на здружение на жени кои во војната изгубиле членови на своите семејства, наречено „Повик на мајката“(Thirrjet E nenave), но и единствената меѓу нив, која што живее сама.
Ќеркези во својот дом отворила музеј во знак на сеќавање на своите сакани, а Бајри решил да ја документира нејзината приказна, фокусирајќи се на повоената реалност во Косово и на искуствата на оние кои ги изгубиле своите семејства и продолжиле да живеат со оваа траума.
Кога во 2014 година случајно дознал за „Повик на мајката“, тој решил да го посети ова здружение.
„Жените во Ѓаковица често се состануваат и разговараат за она што се случувало во војната. Кога ги посетив, почнаа да ми ги раскажуваат своите приказни; не беше потребно да им поставувам прашања, тие беа расположени сами да ми раскажат што им се случувало“, вели Бајри за БИРН.
Некои од жените го советувале да ја посети Ќеркези и нејзиниот музеј на сеќавањата.
„Кога ја посетив, беше многу отворена. Ми раскажуваше и многу плачеше. Со текот на времето, нашите односи станаа поблиски, па дури и пријателски“, се сеќава тој.
„Работев на овој филм две години, но не сакав да се фокусирам на она што им се случило на синовите и сопругот на Фердонија. Овие луѓе беа убиени и ништо не може да го смени тоа“, вели Бајри.
Она што сакал да го открие е како може некој да продолжи да живее по една таква трагедија и како Ќеркези успеала да го надмине сето она што се случило со нејзиното семејство.
Бајри укажува дека тој, како и повеќето косовски Албанци кои се сеќаваат на воените години, се соочува со повоени трауми.
„Затоа за мене лично средбата со Фердонија беше тешка, интензивна, полна со различни чувства. Нејзината куќа, собите кои (ја) потсетуваат на нејзиниот сопруг, на децата, нивната крвава облека и крвави обувки … Таа ги чува сите нивни работи. Ова искуство е навистина моќно“, вели тој.
„Секоја војна носи трауми. Сакав да откријам како се соочуваме со тоа. Ние како народ, како општество“, објаснува тој.
Фердонија Ќеркези. Фото: Газменд Бајри. |
Тепан во подрум
Бајри војната ја поминал во Косово. За време на војната српските сили го затвориле во подрум заедно со двајца негови соседи. Со еден постар човек кој имал над 70 години и една 50-годишна жена.
„Тие беа облечени во црни униформи без ознаки, не тепаа со часови. Не чувствувам омраза, но би сакал да ги сретнам денес и да ги прашам зошто го правеа тоа“, вели Бајри.
Се присети како група Срби го тепала седум часа, најмногу удирајќи го по главата.
„Интересно е како мозокот реагира во такви ситуации. Се сеќавав на најинтересните и најубави моменти од својот живот. Се сеќавав на луѓето што ги сакам, со кои го поминував своето време“, вели овој режисер.
По овој настан, Бајри цел месец се криел, а кога Србите заминале, се преселил на друго место, каде што добил помош од локален лекар, кој, исто така, се криел.
Кога се било готово, вели тој, му било многу тешко да ги споделува своите искуства од војната, иако пред неговото семејство почнал да зборува за тоа.
„Првите години по војната беа многу еуфорични, не размислувавме за траумата. Имаше толку многу работи што требаше да ги направиме веднаш, времето поминуваше толку брзо“, се сеќава тој.
Но, во 2007 година, приметил дека сѐ повеќе паѓа во депресија. Работите што ги заборавил, почнале да му се навраќаат.
Неговиот брат инсистирал да разговараат за она што му се случило, но чувството на вознемиреност било присутно сѐ додека тој не почнал да го снима филмот „Фердонија“.
„Кога во 2014 година почнав да работам на филмот за Фердонија, чувствував вознемиреност. Првите моменти, првата посета на Ѓаковица, беа за мене многу тешки. Беа полни (со мачна) емпатија. Како и да е, денес ми е многу полесно. Фактот дека сега зборуваме за тоа отворено, покажува дека постои огромен напредок“, вели тој.
Верува дека денес во Косово има многу луѓе кои живеат со повоена траума, но оти не зборуваат за тоа. И покрај тоа што за овој проблем во голема мера се знае, никој во Косово не се занимавал систематски со него“, нагласува тој.
„Мислам дека повеќето луѓе немале можност да разговараат со некого за она што се случуваше, тие го чуваат тоа во себе, продолжуваат да живеат со траумите кои не ги лекуваат, а тоа е голем проблем“, вели Бајрами.
Додава дека во Косово нема статистички податоци или сериозни истражувања за повоените трауми и дека никој не се занимава со траумите кај жените, како оние од „Повик на мајката“.
„Косовското општество не успеа да се справи со проблемот на постоење на траумите; немаме систем, и затоа вреди да се земе предвид терапијата низ уметноста“, вели тој.
На прашањето дали нешто се променило по војните во поранешна Југославија, Бајри потенцира дека не е сигурен. Но, истакнува дека дури и неговите познаници од Србија, не можат да разберат низ што поминале луѓето како него.
„Моите колеги во Србија секогаш се во шок кога им кажувам што се случувало во Косово. Луѓето не се информирани. А и многу енергија е инвестирана во национализмот“, заклучува тој.