Често пати кога сакате да зборувате за нешто, а од некоја причина Ви е непријатно, се чини дека најлесно е проблемот да го оддалечите од себе, да го прикажете како туѓ и за него да разговарате од „безбедна“ дистанца. Во обичниот муабет со блиски луѓе, тоа е најчесто претставено со користење искуства на познаници или прераскажани нешта, ставени во функција на народната мудрост „Ти зборувам ќерко, сети се снао“.
Во ситуации на ,условно речено, поинтелектуално опкружување, во минатото таа можност ја давале книгите, но денес, како најсоодветна можност да се соживееме со нештата што нè интересираат и да побараме одговори на прашањата што и не можеме да ги изустиме, е со нив да се соочиме преку уметноста која е спој на уметностите – седмата уметност или филмот.
Поради спецификите во кои живееме, а условени, пред сè од нашето опкружување кое има свои типични предрасуди, гледишта, судови, неоснован отпор, пред сè предизвикани од стравот кон непознатото, се чини дека за најлесно соочување, анализирање и прифаќање на нештата може да ни послужат остварувањата од нашата, но и нам блиските по менталитет соседни кинематографии.
Овој пат, во фокусот на нашето набљудување ќе бидат филмови кои за тема ги имаат прашањата за хомосексуалноста, трансродовоста и трансексуалноста.
Токму затоа, предлагам да побараме неколку примери низ филмовите реализирани во земјава во последните десетина години.
Но пред тоа, како вовед да потсетиме на само неколку автори и наслови кои многу порано (од пред 5 децении) донеле револуција за овие теми во светски рамки… Од Висконти преку Боб Фос или Хектор Бабенко до Абделатиф Кешише, Себастијан Лелио, Тод Хејнс или Анг Ли, но најмногу Педро Алмодовар, од Вилијам Харт, преку Колин Фирт, Хит Леџер и Џејк Џиленхал, Гај Пирс, Антонио Бандерас, Руперт Еверет… до Кејт Бланшет, Руни Мара или Даниела Вега, Лиа Сејду,… многумина креативци низ своите креации се заложиле за надминување на предрасудите и победа врз стереотипите.
Но сè она што во светот се покажа како тренд на ослободување, во регионалната, и секако, македонската кинематографија одеше многу побавно. Од регионалните остварувања во македонските киносали, поретко репертоарски („Парада“ на Срѓан Драгојевиќ, „Уставот на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ), а повеќе со фестивалско прикажување („Венчавка“ на Блерта Зекири), сепак, добивме увид за уметничките настојување да се надминат некои теми кои сè уште, особено во помалите средини, имаат табу предзнак.
Во македонската кинематографија и ТВ продукција, во пораните фази, допирот на „разносексуалноста“ обично имала благ, епизоден контекст, суптилно потиснат настрана („Џипси Меџик“ на Столе Попов од 1997 година). Сепак, од комичните претставувања од кабаретско-забавни програми со театарски предзнак (претставата „Женски оркестар“), посериозното „справување“ се префрли на малиот и големиот екран.
Основна карактеристика на допирот на широкиот спектар на интимни случувања со (пред сè) хомосексуален предзнак во македонскиот игран медиум е сведен на 2 основни карактеристики: пренагласено карикирање или пресуптилно потиснување. Тоа што е ДИНАСТИЈА за светската телевизиска порака во ’80-тите години на минатиот век (ликот на Стивен), кај нас го има во двете сезони на серијата ФАМИЛИЈАТА МАРКОВСКИ, но и во комичната серија ПРЕСПАВ и ликот што го толкува Васил Зафирчев, кого, сепак, би го издвоиле со бравурата во СОБА СО ПИЈАНО. Имено, надминувањето на предрасудите низ комичен приод во обид донесува популарната ТВ серија „Преспав“, која неколку сезони се емитуваше на различни национални телевизиски станици. Ликот на Марио во толкување на Васил Зафирчев го прикажува карактерот токму во пренагласено карикирање на физичката експресија и претераните гестикулации. Но токму одличното актерско искуство на Зафирчев на македонската кинематографија ѝ го донесе и вонсериското втурнување во ликот на Ира во филмот на Игор Иванов-Изи, „Соба со пијано“ од 2013 година. Човекот-сопруг во една од сцените во хотелската соба со пијано, облечен како жена и чекајќи го својот партнер, кокетира со огледалото, но и дознава дека е заразен со ХИВ-вирусот.
Сосема поинаква и суптилно водена „по жица“ е приказната во првенецот на Даријан Пејовски, „Три дена во септември“ од 2015 година, во кој двата главни лика буквално маестрално ги донесуваат Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски. Нивниот антихеројски, анти „Телма и Луиз“ тандем слободно може да се вброи во најдобрите женски ролји реализирани во нашата кинематографија. И додека ликот на Тоциновски, којшто го допрел социјалното дно, навидум ѝ носи на актерката еден вид олеснување во градењето на ликот, умешноста на Ристиќ во својата прва голема улога на филм да се справи со само наизглед малиот простор за нијансирање, води до катарзична уверливост што плени. Хемијата меѓу двете играчки на судбината е најсилното оружје што никого нема да остави рамнодушен. Сепак, главната линија на приказната во филмот, остава многу малку простор за развој на односот меѓу двете жени, оставајќи ѝ на публиката да погодува дали, до каде и колку (би)може(л) да се развива нивниот (со)однос.
И можеби токму со серијата „Фамилијата Марковски“ (2017) започна, останува да се надеваме, човечкиот третман на проблемите на луѓето со поинаква сексуалност на малиот екран, во смисла дека и ним им се случуваат „обични работи“ и не се прикажани ниту со претерано карикирање и патос, ниту дека се несреќни и задолжително водат живот до трагичен крај. Сепак, останува да видиме што ќе (по)кажат идните проекти на македонската кинематографија.
Тони Цифровски е долгогодишен новинар и водител во Македонската радио-телевизија, во моментов уредник на Културната програма на Македонското радио-Радио Скопје. Соработува како дописник за култура на Радио Дојче Веле (1996-2006), на програмите на Македонската телевизија ја уредуваше и водеше емисијата „Нека биде филм“, а неколку години објавуваше и рецензии за филм во дневниот весник „Дневник“. Автор е на три книги со филмски рецензии „Кинеење 1-3“. Член е на светската федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ и на Редакцијата на списанието за историја, теорија и култура на филмот КИНОПИС при Кинотеката на Македонија. Во 2015 година ја доби наградата „Скрипт презент“ за повеќегодишен критичарски ангажман и придонес во филмската уметност, што ја доделува фондацијата „Македонија презент“.За документарната-радио-емисија „Симон Трпчески – од малата собичка до големите светски сцени“ во јули 2006 година беше номиниран за престижната награда „ПРИ ЕВРОПА“. Досега има реализирано над 6.000 библиографски единици од областа на филмската и другите уметности.