Преспанскиот договор- три години подоцна

Поминаа повеќе од три години од потпишувањето на Договорот од Преспа што стави крај на 25 годишниот спор  меѓу Грција и Северна Македонија, кој ги имаше нарушено билатералните односи меѓу соседите со децении. Македонија официјално стана Република Северна Македонија, а Грција ја крена блокадата на македонското членство во НАТО, го ратификуваше протоколот и веќе две години државава е членка на северноатланската алијанса.

Почетниот период на ентузијазам за имплементација на Договорот се карактеризира со силно меѓународно одобрување и поддршка и широко покривање на прашањето од страна на меѓународните медиуми. Дел од меѓународната и домашна јавност, многу брзо го оценија овој договор како: „Историски договор, победа на разумот над национализмот, пример за политичка храброст и визија“. Во овој период, од страна на двете влади се организираа голем број билатерални средби и се потпишаа меморандуми и билатерални договори во различни полиња за помалку од два месеци по ратификација на Договорот.

По овој почетен период на ентузијастичка имплементација на билтералниот договор, следува неуспехот на Европскиот совет да ги започне пристапните преговори со С. Македонија во 2019 година, што се совпадна со парламентарните избори во Грција во јули 2019, два моменти кои го сменија општиот контекст, влиаејќи на темпото на имплементација.

Во Северна Македонија владата на Зоран Заев остана посветена на спроведувањето на она што беше нејзиниот најголем надворешно политички успех и што го деблокираше пристапувањето во НАТО и ЕУ. Но, неизбежно стана помалку ентузијастична по разочарувањето во јуни и особено во октомври, кога земјите членки на ЕУ не успеаа да постигнат едногласност за отварање на пристапни преговори со Северна Македонија, а француското вето предизвика дополнителна фрустрација за спроведувањето на договорот. Ваквиот развој на настаните, предизвика разочарување и кај јавноста, која и онака го критикуваше бавното темпо на имплементацијата на Договорот од грчка страна, како и прекумерната посветеност на владата да и се угоди на грчката страна и меѓународната заедница, бидувајќи значително селективна на тоа кој делови од договорот ги имплементира. Јавноста и замеруваше на владата, дека во целиот тој „занес“ со договорот, заборави да ги решава своите домашни проблеми.

Повторното поставување и приспособување на владата во Грција во однос на нејзината политика и новите обврски и односи со Северна Македонија исто така не беа целосно глатки, напротив, Владата предводена од Нова демократија беше доста нервозна и непријатна во многу прилики, вклучително и долж билатерланите средби на високо ниво, а особено во имплементацијата на договорот од Преспа. Настапија голем број на одложувања и задоцнувања во спроведувањето на обврските од договорот за грчката страна во повеќе области како, усвојување на билетарелани договори, назначување на нови членови на Интердисциплинарниот комитет за учебници, реактивирање на Меѓународната група експерти за комерцијални имиња, трговски марки итн. Владата на Нова Демократија во Грција, додека постепено усвои попозитивен став кон Договорот од онаа што ја имаше кога беше во опозиција, сепак е многу повнимателна во однос на спроведувањето отколку нејзините претходници.

Кога е во прашање расположението и мислењето на јавноста од двете држави за Договорот од Преспа истиот се уште е осетлива тема и „тешка за варење“ за многу граѓани како во С.Македонија така и во Грција. Јавноста во двете држави е се уште поделена во однос на перспективноста на Договорот од Преспа и ефектите што тој ги имаше врз политичкиот и општествениот живот во нивните земји. Иако многу граѓани од двете држави ги препознаваат и признаваат придобивките од решевањето на спорот со името, голем дел сепак имаат негативни и отфрлачки ставови за договорот од Преспа.

Неодамнешното истражување[1] од страна на ELIAMEP’s South – East Europe Programme во соработка со Democracy ‘Societas Civilis’ од Скопје за јавното мислење во С.Македонија и Грција за перспективите на Преспанскиот договор, покажува дека во повеќето случаи двете јавности споделуваат исти мислења на одредени прашања, а исто така и слични (во некои случаи и идентични) сфаќања за патот напред и што понатаму. 57% од испитниците во Грција се согласиле дека Договорот е компромис кој морал да се направи, наспроти 47% нивни истомисленици од С.Македонија. Преовладува ставот дека С.Македонија направила поголеми жртви, во споредба со Грција. Истовремено, речиси идентичен процент на јавноста во двете држави смета дека договорот ги поткопува националните интереси на нивните држави (48% v.s. 47%).

Сепак, мнозинството граѓани на двете земји ја препознаваат важноста на окончувањето на повеќедеценискиот спор и прифатија дека неговото решавање е компромис кој морал да се направи. Мнозинството од македонската и грчката јавност ја поддржуваат идејата дека договорот од Преспа ги зајакна мирот и стабилноста во регионот и иако се уште има незадволства и противења, сепак е разбрана неопходноста од постоењето на договорот.  

Што е имплементирано?

И повеќе од јасно беше дека имплементирањето на договорот нема да биде брз и „гладок“ процес и дека ќе треба и време и труд, многу политичка волја, но и тактичност и мудрост во „сервирањето“ на промените пред јавноста. Динамиката на релизацијата, со оглед на настанатите промени, околности и приоритети (внатрешни прашања и проблеми, КОВИД 19 пандемијата) и во двете држави може да се оцени како задоволителна, со потенцирање дека имплементацијата нема ист интензитет во двете држави и дека Грција се уште е поинтертна во исполнувањето на преземените обврски, наспроти „полетноста„ на македонската страна да удоволи и спроведе се од пропишаното.

Грција го исполни најсуштинскиот дел од договорот- поддршка за членството во НАТО и поддршка за членството во ЕУ. Имено, Македонија официјално стана Република Северна Македонија, а Грција ја крена блокадата на македонското членство во НАТО, го ратификуваше протоколот и повеќе од година и пол државава е членка на северноатланската алијанса. Потпишани беа најразлични договори за соработка и меморандуми. Канцелариите за врски во Скопје и Атина, кои беа на тоа ниво од независноста на земјава поради спорот за името, брзо беа подигнати на ниво на амбасади од страна на двете држави.

Македонската страна, пак, покрај промената на името, ги замени сите знаци и табли на кои пишуваше Република Македонија. На спомениците на кои се претставени херои кои како што е наведено во Договорот „упатуваат на античката елинска историја и цивилизација“ постави табли со појаснувања и пристапи кон остранување на симболот со сонцето од Вергина, како што се предвидува во истиот текст. Направи промена во имињата на повеќето државни институции и установи (музеи, националната телевизија, уметнички установи и сл), како и на одредени патишта и улици. Во тек е промена и на личните документи со уставното име, процес кој според договорот треба да се заврши до 2024 година.

Од друга страна Грција се уште нема извршено промена на сообраќајните знаци и табли и ги нема се уште ратификувано меморандумите од 2019 година, кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на македонските европски интеграции и контрола на воздушниот простор. Остануваат отворени и прашањата за трговските марки и комерцијалните имиња, како и прашањата кои треба да ги опфати Комисијата за образовни прашања.

Иднината на Преспанскиот договор?

Страните свечено се согласија дека Договорот од Преспа треба „да остане во сила неограничен временски период“ и да биде неотповиклив, додека не е дозволена измена на член 1 (3) во врска со новото име (член 20 (9) од Преспанскиот договор), што претставува еден смел јазик, но сепак има повеќе политички контекст и контекст на политичка волја и интерес, а помалку правен ефект.  Вистината е дека правно овој договор, како и секој договор може да биде раскинат во секое време. Но, тука се поставува прашањето, дали е во интерес на било која од двете страни да го направи тој чекор и дали било која од свете страни би се решила на таков чекор, после толку години поминати во спор, преговори и толку вложен труд за решавање на ова прашање. Тука, може да се додадат и заложбите и влијанието на меѓународната заедница, која секогаш ќе врши притисок за останување во сила и имплементирање на овој договор.

Договорот често се става под прашање и во контекст на неговата усогласеност со меѓународното право. Се посочуват три основни принципи кои се повредени при склучување на Преспанскиот договор, и  тоа:  принципот  на  еднакви  права  и  самоопределување  на  народите,  принципот  на  суверена еднаковст на државите и принципот на забрана за мешање во внатрешните работи на државите. Се работи за фундаментални  принципи со Jus cogens карактер. Исто така има мислења дека договорот е спортивен на чл.53 од Виенската конвенција за договорно право од 1969 година, согласно кој договори спротивни на Jus cogens норми од почетокот се неважечки.

Но, низ годините се покажало дека правото е на едната страна, а политиката и дипломатијата се на спротивна страна. Често, натежнува страната на политиката и интересите, на сметка на правото. Тоа во некои случаи може да е и разумно решение и единствен изнајден пат кон поголемо добро и повисока смисла во иднината, излегување од формата, за да се оствари суштината. Останува да видиме дали ќе е така.

Каква ќе биде иднината на Преспанскиот договор останува да покаже времето. Договорите, како и односите меѓу две страни се живи процеси, имаат свои падови и успони, варијации во интензитет, подложни се на влијанија и зависат од дадените околности. Битно е да се има разумност, разбирање и слух за сите проблеми и предизвици и нови околности пред кои овој договор би можел да се исправи и мудрост за решавање на истите, секако доколку се решливи, и нормално не по секоја цена.

Душица Нофитоска, правник со положен правосуден испит и завршени мастер студии по меѓународно право и меѓународни односи. Вработена во Македонско здружение на млади правници.


[1] https://idscs.org.mk/wp-content/uploads/2021/06/The-Prospects-of-the-Prespa-Agreement-Public-perceptions-in-North-Macedonia-and-Greece-FINAL.pdf