Неколку години, Албанците се соочуваа со континуирана окупација и кршење на правата на работа, слобода на јазик, собирање, музика и движење. Сепак, ова стана полошо под угнетувачката политика на режимот на Милошевиќ. Во 1998 година, ситуацијата стана од лоша полоша. Српската полиција и вооружените сили започнаа да масакрираат цивили, да силуваат жени, да палат села и да извршуваат други злосторства на Косово. Затечени од оваа ситуација, Албанците ги продолжија своите напори за мирен отпор.
По масакрите врз цивилите – вклучувајќи жени и деца во Дреница – група активисти од граѓанското општество и од Демократската лига на Косово (ЛДК) одлучија дека треба да сториме нешто. Потребно беше да го свртиме меѓународното внимание кон ситуацијата, со цел да постигнеме мирна интервенција што ќе спречи вистинска војна и понатамошни страдања. Исто така, сакавме да се врати нашето основно право да живееме во мир.
За таа цел, 12 организации за правата на жените и претставници на Форумот на жени во рамките на ЛДК се собраа во Центарот за заштита на жени и деца. Тогаш, беше многу опасно да се организираат собири со цел да се спроведат какви било активности или демонстрации. Од време на време, српските снајперисти беа позиционирани преку улицата од Центарот. Моравме да бидеме многу внимателни дури и при самото состанување со цел да разговараме за организирање, бидејќи организаторите редовно беа затворени и мачени. Сè уште ја паметам скриената врата во Центарот. Беше скоро невидлива. Таа тајна врата водеше до подрумот на Центарот каде што се собравме скришно да зборуваме, по масакрите во Дреница: „Што ќе правиме сега?“
Од пасивен отпор до мирни протести
Дотогаш, дававме отпор мирно, но пасивно, како што напиша Хауард Кларк во својата книга за Граѓанскиот отпор на Косово. По нашата деценија на пасивен отпор, светот сè уште не беше свесен што всушност се случуваше на Косово. Или, ако беше, не правеше ништо за да ја реши ситуацијата. Знаевме дека мора да сториме нешто пред да се прошират масакрите, да ескалира војната и да загинат повеќе луѓе. Политиката на пасивен отпор на раководството на ЛДК веќе не беше доволна. И покрај тоа, раководството на ЛДК ни рече да не организираме ништо јавно, бидејќи тоа би било многу опасно, на крајот сите се согласивме дека треба да организираме протест, да го кренеме својот глас, да им дадеме до знаење на луѓето низ целиот свет низ што се поминуваме. За време на тој состанок, дојдовме до идеја да протестираме на 8 март, Меѓународниот ден на жената. Јас би рекла дека ова го означи првиот протест што некогаш го одржавме на 8 Март, иако имавме неколку во следните години. Протестот не се однесуваше толку на родовата еднаквост, колку на барањата на најосновните човекови права за нас, како жени, но и за мажите.
Одлучивме да протестираме во тишина носејќи пораки во рацете. Слушнавме за овој вид на тивок протест од нашите сестри од Жени во црно во Белград, како дел од поширокото меѓународно движење „Жени во црно“. Протестиравме со своите тела, немо стоејќи. Секоја од нас држеше едно бело, празно парче хартија. Беше толку едноставно. Се согласивме со тоа затоа што веќе го имавме кажано секој збор што требаше да се каже. Немаше што да се каже. Едната страна од белиот лист го симболизираше мирот, додека другата празна страна ја споделуваше пораката дека немаме никакви права. Немавме никакви основни права. Дури и правата што требаше да ги имаме се кршеа. Затоа, ние ништо не напишавме. Двете страни на белиот лист беа празни. Тоа беше моќна порака, но начинот на кој ние, жените, се организиравме, беше уште помоќен.
Во тоа време немаше слободни медиуми. Но, имаше присутни меѓународни медиуми во Косово кои емитуваа програма на албански јазик, како што се Радио Слободна Европа, Дојче Веле и Гласот на Америка. Ни помогнаа преку објавување и известување за протестот.
Протестот на Меѓународниот ден на жената 1998 година
Околу 5.000 жени се собраа пред Центарот за култура на Америка, кој во тоа време некако играше улога на американска амбасада. Сликата на она што посведочивме тој ден никогаш нема да се избрише од мојата глава. Илјадници жени кои држеа бели листови, сите во тишина, само звукот на хартиите на ветрот. Моќно. Бевме целосно опкружени со српски снајперисти на покривите, кои не набљудуваа. Беше многу застрашувачки. Но, ние бевме 5.000 жени, и тоа беше нашата сила, нашата енергија го одвраќаше стравот. Кога завршивме, се договоривме дека ниту една жена нема да ја напушти групата сама затоа што требаше да се заштитиме накај дома. Се растуривме во мали групи од по десет жени. Се чувствувавме побезбедни заедно.
Протестот беше покриен од најпрестижните медиуми, бидејќи беше еден од најголемите протести организирани од жени. После тие демонстрации, режимот на Милошевиќ не можеше лесно да негира што се случуваше на Косово.
Знаевме дека тоа не е доволно и дека не треба да престанеме да протестираме сè додека некој не стори нешто повеќе за да стави крај на нашето страдање. Слушнавме зборови, но не видовме дела. Бевме многу загрижени за луѓето од Дреница кои во тоа време живееја во терор. Српските сили беа распространети низ целиот регион, а невини луѓе, жени, деца и стари луѓе беа убивани. Тие беа заробени таму, страдаа без пристап до храна.
Протест „Леб за Дреница“ 1998 година
Неколку дена подоцна решивме да организираме уште една демонстрација, поточно на 16 март. Повторно, се сретнавме во тајност во подрумот на Центарот, и разговаравме што да правиме. Се согласивме да носиме леб во рацете и да маршираме кон Дреница, да им донесеме леб на луѓето што беа изолирани таму, симболично, но и реално.
Храброста на жените беше неверојатна! Сè уште се чувствувам емотивно кога ќе се сетам на бестрашната подготвеност на жените, без оглед на последиците, да се спротивстават. Утрото на 16 март, повторно се сретнавме во Центарот за култура на Америка и го започнавме нашиот марш кон Косовско Поле, на патот за Дреница. Додека марширавме од Приштина, српската полиција не следеше цело време. Беше рана пролет и ветровито. Сепак, не се чувствува ветерот и студот кога сте опкружени со толпа од десет илјади жени, девојки и неколку мажи кои ни се придружија. Кога пристигнавме на Косовско Поле, на скоро шест километри од Приштина, видовме дека српската полиција формираше кордон кој го блокираше патот. Не нè пуштија да поминеме. Се сеќавам на Едита Тахири како им викаше: „На Дреница му треба храна!“ Тие не обрнуваа внимание и одбија да се помрднат. Организаторите разговараа дали треба да се обидеме да притиснеме и да продолжиме напред, но, бидејќи тие беа во целосна опрема за немири, решивме дека тоа е премногу ризично. На крајот, откако стоевме и викавме таму некое време, решивме дека немаме друг избор освен да се вратиме во Приштина.
На враќање, отидовме во канцеларијата на Меѓународниот црвен крст во Приштина и ги оставивме лебовите надвор пред нивната канцеларија. Тоа беше исто така симболичен чин, давајќи им до знаење дека тие требало да бидат оние кои би им носеле храна на луѓето на кои им треба во Дреница.
Потоа, продолживме кон Центарот за култура на Америка. Некои од нас имаа средби во центарот со американски официјални претставници. Почнавме нежно да пееме „Леб за Дреница“. Цело време бевме опкружени и загрозени од српската полиција. Но, пеењето сепак стана посилно и погласно. Успеавме да го привлечеме меѓународното внимание на она што се случуваше на Косово, особено преку медиумите. Сликите од тој моќен марш го обиколија целиот свет, правејќи ги меѓународните актери посвесни дека на Косово се случува сценарио слично на Босна и Херцеговина. Верувам дека иако бевме запрени да го носиме лебот до Дреница, носевме надеж. Придонесовме за привлекување на меѓународно внимание на нашите маки и ја поттикнавме интервенцијата која следуваше.
Игбале (Иго) Рогова е извршен директор на Косовската мрежа на жени (КМЖ). Има повеќе од 30 години искуство во застапување на човековите права на жените на општинско, национално и меѓународно ниво. Во 1989 година, таа беше ко-основач една од првите организации за правата на жените во Косово, здружението „Мотрат Киријази“ за искоренување на неписменоста. Во 2000 година го поддржа формирањето на Косовската мрежа на жени (КМЖ). Рогова е една од основачите на Мировната коалиција на жени активистки во Косово и Србија и на Регионалното лоби на жени за мир и безбедност во Југоисточна Европа. Придонела за усвојување на повеќе закони и политики за унапредување на родовата еднаквост на Косово.