Најновиот роман на поранешниот дописник од опколено Сараево, Кевин Саливан, „Најдолгата зима“ (The Longest Winter), говори за хуманоста и храброста на луѓето кои живееле во главниот град на Босна и Херцеговина, за време на неговата опсада во периодот 1992-1995 година.
Еленор Роуз БИРН Сараево
Сараевската населба Грбавица веднаш по војната. Фото: Министерство за одбрана на САД |
Во дневната соба на Кевин Саливан стои врамена фотографија на која тој лежи меѓу остатоци расфрлани по пат, во централна Босна, откако неговиот автомобил преминал преку мина.
Од левата страна на фотографијата може да се види возило на Ројтерс, а од десната страна лежи Саливан, зашеметен, оддалечен само еден метар од друга неексплодирана мина.
Можеби е чудно сеќавање, но претставува важен настан во животот на Саливан, кој го поврзува тој ден во јануари 1993 година, со денешната промоција на неговиот роман „Најдолгата зима“ во Сараево.
Ова е 11-ти негов роман, но особено важен, вели тој, бидејќи е „труд на љубовта“. Саливан, кој денес живее во Сараево, се надева дека неговата 17-годишна ќерка ќе го прочита романот, за да се запознае со искуствата на своите родители во војната во БиХ.
„Романот еден ден ќе биде мој тестамент за нашето искуство што ќе ѝ го оставам нејзе, доколку некогаш сака да го прочита“, вели тој.
Саливан, тогаш дописник од странство, во Босна и Херцеговина престојувал во 1992 и во 1993 година, и известувал за Јунајтед Прес Интернешнл (United Press International).
Несреќата со мината го сменила текот на неговата војна. Со авион на РАФ бил префрлен на лекување, поради што станал свесен за привилегијата што ја имал како странец, во споредба со Босанците заробени во конфликтот. Надвор, тој поминал три месеци.
Романот, својата прва рамка ја добил за време на неговиот престој во болницата во Глазгов, прво во форма на директни репортажи, исполнети со страв и гнев на очевидци, заради она што се случувало во опколено Сараево.
Кевин Саливан. Фото: Сулејман Омербашиќ. |
Кога по три месеци се вратил во Сараево, инспириран од чувството на солидарност со жителите на градот, но и поради започнатата врска со Марија, која денес е негова сопруга, вработените на аеродромот во Сплит, гледајќи во неговите патерици, прво одбиле да му дозволат да се качи на авион, „но, на крајот попуштиле“.
По враќањето, останал да живее во населбата Алипашино поље, заедно со Марија, нејзината мајка и нејзиниот брат. Тука научил што значи да се биде непривелегиран странец, човек кој не можеше правилно да оди и на кого треба кафето да му го носат.
Тука ја завршил првата верзија на романот. Тука, во дневната соба, потпирајќи се на сестрата на својот пријател, која била медицинска сестра, ги извадил последните конци.
Но, оваа книга, за која му биле потребни повеќе од 20 години за да ја заврши, била нешто на кое што Саливан со текот на годините повеќе пати се навраќал, што, додека работел и на други задачи, ја дообликувал и преработувал.
Денес, овој тивок писател родум од Глазгов, во пресрет на презентацијата на неговиот роман во четврток вечер во Сараево, вели дека финалниот производ е „повеќепати разгледувана“ верзија.
Има многу повеќе карактери и ги вклучува, како вели, „исклучителното достоинство и пристојноста“ на обичните луѓе, кои страдале за време на конфликтот во периодот 1992-1995 година.
„Ова е нешто што е подвиткано под ќебето на цинизмот во последните 20 години и јас, всушност, гледам како тоа се поедноставува и се деградира“, вели тој.
Но, солидарноста на граѓаните од Сараево „не е мит“, нагласува тој и ги негира приказните за етничка поделба наметната од почетокот на конфликтот.
И покрај реалноста во која многу „чудовишта“ направиле ужасни работи, во ’92 и ’93 година, секое лице кое случајно би го сретнале би ви кажало „можеме да живееме заедно“ или „јас не мразам никого и одбивам да паднам во стапица и да бидам огорчен“ и така натаму“, вели тој.
„Многу често, луѓето што ги зборуваа овие работи не беа нужно добро образовани професори, или политичари, туку обични луѓе кои имаа некаков вид на разумна пристојност, луѓе кои навистина тивко и храбро им помагаа на своите соседи“.
Романот следи три главни ликови во контекст на два настани од реалниот живот: убиство на министер од владата и жестоките битки во зимата 1992 година во сараевската населба Отес, каде што борците за Сараево се бореле за да го спречат напредувањето на силите на босанските Срби во овој град.
Тери, британска лекарка, која доаѓа неподготвена за страшната мисија, се тресе од страв кога со својот превоз, влегувајќи во градот, ќе се најде под вооружен оган.
Бред, американски новинар, кој се обидува да го спаси својот углед, извалкан на претходното работно место.
Милена, млада жена од источна Босна, која бега од дома и од својот сопруг и се вработува во бар во Сараево, во кој доаѓаат „луѓе кои сакаат да убиваат“.
Приказната ги спојува овие три ликови, кои заедно се обидуваат да спасат сериозно болно момче.
Во една од претходните сцени во кои се појавува Милена, таа свири на пијано во изнајмен стан во западниот дел на градот, додека надвор врне снег. Таквите секојдневни човечки моменти, Саливан не можел да ги користи во своите извештаи, како странски дописник за време на војната.
„Можеби ќе звучи чудно, но на некој начин, на вистината ќе можете повеќе да ѝ се приближите низ фикција, отколку низ факти“, вели тој, објаснувајќи дека во новинарските извештаи повеќе зборувал за бројот на жртви и гранати кои секојдневно биле фрлани на градот.
Една од причините за тоа, вели тој, е што романот дава повеќе простор.
„Втората причина, вели тој, е што како новинар ќе се најдете во ситуации да известувате за нешто а, во исто време, да седите со овие луѓе, да пиете кафе и да пушите цигари, при што еден од нив раскажува за нешто многу смешно, што истовремено е многу тажно“, објаснува тој.
Саливан раскажува за одржан натпревар на деца во пеење, што во тоа време него лично „емотивно го погодило“, бидејќи овој чин бил израз на волјата на обичните луѓе да продолжат да функционираат и покрај стравот дека оние кои дошле на овој настан, можат да бидат погодени.
Запрашан дали чувствува нервоза, поради начинот на кој книгата ќе биде прифатена во Босна и Херцеговина, каде чувствата за војната сѐ уште се големи, Саливан внимателно укажува на тоа дека романот претставува поглед на аутсајдер.
Не се претвара дека е тоа сечие искуство, тоа е негово искуство, вели тој, и романот „ги поддржува луѓето во Сараево“, вклучувајќи ги и Србите, и Хрватите, и муслиманите, кои заедно пателе за време на опсадата, затоа што би било невозможно да се помине толку многу време во градот, а да не се идентификувате со нив.
Сараево и натаму е посебно место за Саливан.
Тој се вратил по осум години поминати во Сингапур и во Шпанија, во 2001 година, кога стапил на функцијата портпарол на Канцеларијата на високиот претставник во Босна и Херцеговина, меѓународен претставник задолжен за надгледување на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој беше ставен крај на војната.
Денес е менаџер за комуникации на Меѓународната комисија за исчезнати лица, која е основана во 1996 година.
„Секогаш сум мислел дека ова е земја која може да успее, која може да напредува и да биде безбедна, која може да обезбеди пристоен животен стандард за своите граѓани“, вели тој, иако таа цел е попречена од дискурсот на инклузивност со поедноставен наратив и со подемот на шовинизмот.
За жал, во последните 25 години, „тежината на разочарувањето е толку голема, што може да го инвалидизира“ ставот за солидарноста на луѓето од Сараево, кои биле соочени со агресија. Денес, „земјата е повеќе поделена, отколку што била порано“.
Но, додава тој, „ако оваа книга може да биде мал придонес, се надевам дека ќе ги потсети луѓето – доколку имаат заборавено – дека имало тешки времиња кога граѓаните покажале пристојност, самопочит, дарежливот и здраво размислување“.
„Од моја гледна точка како аутсајдер, ова и натаму е многу импресивно“.
Издавач на „Најдолгата зима“ е Twenty7 и романот веќе е достапен на англиски јазик. На босански јазик ќе се појави во книжарниците во Сараево од декември, но во продажба ќе биде и во други места во регионот.