Одлуката на претседателот Владимир Путин да ја нападне Украина на 24 февруари 2022 година, го вчудовиди светот. Тој потег предизвика сеизмички удари низ Европа, а особено во Западен Балкан, регион кој помина низ разорните последици од војната пред само три децении. Луѓето во Косово и во Западен Балкан ги разбираат последиците од војната, етноцентричните наративи и национализмот. На Косово има многу кои со чувство на страв и параноја ги следат вестите за Украина.
Овој регион е полн со неизвесности и сè уште не е помирен. Политичките пречки, авторитарните тенденции, социо-економските предизвици и меѓуетничките поделби сè уште се присутни, и покрај напорите за приближување на регионот до Европската Унија (ЕУ).
Дијалогот Косово-Србија, поддржан од ЕУ, не успеа да постигне конечно решение. Албанија и Северна Македонија сè уште чекаат да ги отворат преговорите за пристап во ЕУ и покрај напредокот во домашните реформи. Босна и Херцеговина беше предмет на сериозни политички и социјални кризи, додека Црна Гора и Србија минуваат низ бавниот процес на пристапување во ЕУ.
Војната во Украина ќе има долготрајно влијание во Европа, особено во Западен Балкан. Конкретно, војната доведе во прашање дали ЕУ е способна да врши притисок за решавање на конфликти, особено во врска со спорот меѓу Косово и Србија, и дали насилството е сè уште можна опција за земјите да ги постигнат своите цели.
Враќање на неодамнешните спомени во Косово
Падот на Советскиот Сојуз и падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година донесоа ветар на промени во некои делови на Европа. Меѓутоа, на Балканот, 1989 година го симболизира крајот на Југославија, која произведе пеколен ветер со долгорочни ефекти за многу идни генерации.
Меѓуетничките судири во Југославија ја предизвикаа најголемата војна во Европа и најголемиот геноцид (Сребреница 1995) од Втората светска војна. Во Косово, раните од војната 1998/1999 сè уште се дел од секојдневниот живот, а ситуацијата во Украина буди спомени и чувства за тоа што се случило во тој период, предизвикувајќи загриженост дали војната во Украина ќе се прелее на Косово, за односите со Србија и во целиот регион – регион во кој општествата сè уште остануваат поделени по етничка линија.
Рускиот шовинизам и растечката нетрпеливост кон соседните земји ги тера луѓето да се преиспитаат дали ЕУ, како проект за мир и интеграција, е способна да ги решава своите проблеми со ненасилни средства и дијалог.
Што се случи со „Никогаш повеќе“?
Фразата „Никогаш повеќе“ потекнува од епската поема наречена Масада напишана од Јицак Ламдан во 1928 година, која била користена како слоган од ослободените затвореници во концентрациониот логор „Бухенвалд“. По Втората светска војна, „Никогаш повеќе“ еволуираше од еврејски слоган за опстанок во универзалистички европски и глобален идеал кој му кажа „не“ на геноцидот и на воените злосторства.
Околу пет децении по холокаустот, меѓународните организации ја повторија фразата „Никогаш повеќе“ како одговор на страшните настани во поранешна Југославија. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жак Пус, изјави дека „дојде часот на Европа“ додека Балканот се спушташе во хаос и уништување.
Сепак, Европа стоеше немоќна кога станува збор за влијаењето на настаните на теренот. Сребреница стана срамот на Европа и симбол на колективниот неуспех да се запре етничкото чистење и геноцидот. Луѓето од Западен Балкан не ги заборавија овие војни и се свесни дека ако војната во Украина ескалира или ако Русија надвладее, и тие се ранливи.
Стравот е оправдан
Пред руската инвазија во Украина, Република Српска (еден од двата федерални ентитета на Босна и Херцеговина) се закануваше со отцепување. Пред две години, верскиот закон во Црна Гора во врска со имотните права на Српската православна црква прерасна во тензија меѓу Црногорците и Србите.
Минатата година, косовските специјални полициски единици и војниците на КФОР беа позиционирани на косовско-српската граница додека српските борбени авиони прелетуваа во близина на границата со Косово поради несогласување со регистарските таблички на возилата меѓу Косово и Србија – потег што не е забележан од крајот на војната во 1999 година. Тензиите меѓу Приштина и Белград се зголемуваат бидејќи раководството на двете страни останува непопустливо кога станува збор за дијалогот.
Неодамна, Владата на Косово го одби барањето на Србија за организирање српски избори во земјата. Ова беше првпат по прогласувањето на независноста во 2008 година, Косово да одбие да дозволи одржување српски избори на нејзина територија, иако косовските главни западни сојузници го критикуваа пристапот на Владата за отфрлање на решение.
Згора на постојната состојба, војната во Украина ги влошува постојните поделби и предизвици. Таквото високо ниво на недоверба создава тежок пат кон мирот и просперитетот во регионот.
Друго важно прашање што се однесува на регионот е дека не сите земји од Западен Балкан се усогласени со одговорот и политиката на Западот кон војната во Украина. Со исклучок на Белорусија,Србија е единствената европска земја која не воведе санкции против Русија. Понатаму, во редок пример, Србите во Србија и во Црна Гора се собраа во поддршка на Русија. Иако граѓанските активисти организираа марш за поддршка на Украина, ваквите настани во Србија илустрираат колку е поделена земјата.
Луѓето во Западен Балкан, а особено во Косово, гледаат на ваквите случувања со голема загриженост. Граѓаните на Косово не можат а да не помислат на сценарио кога Србија која е пријателски настроена кон Русија ќе создаде тензија на северот на Косово, каде што живее значително мнозинство етнички Срби. Во исто време, Владата на Косово го чувствува притисокот за исполнување на процесот на градење нација и цврсто застанување зад политичките дискусии, особено во контекст на дијалогот Косово-Србија.
Префрлање на фокусот кон безбедноста и војската
Војната во Европа предизвика огромни последици за целиот континент. Одлуката на Русија да ја нападне Украина стави крај на „моралистичкиот и незначителен“ пристап на надворешната политика на Германија; ја уби швајцарската, австриската, финската и шведската политика на неутралност или неврзаност; ја оживеа важноста на НАТО и ги поттикна европските земји да ги зголемат буџетите за одбрана.
Цел континент го рекалибрира својот фокус на одбранбените и воените трошоци. Ова значи помалку пари за образование, здравство и економски просперитет; вклучувајќи и иницијативи за мир и дијалог. Сето ова се случува додека светот полека се рехабилитира од последиците од пандемијата со КОВИД-19 и последователната инфлација.
Во Западен Балкан, Албанија и Црна Гора распоредија трупи на Балтикот како дел од НАТО. Србија доби оружје и вооружување од Кина, додека Босна и Херцеговина и Косово побараа членство во НАТО. Косово дури воспостави владин фонд за зајакнување на своите безбедносни сили.
Накратко, војната во Украина создаде промена на парадигмата во Европа, правејќи ги безбедноста и одбраната повторно главен приоритет. Се водат дискусии за тоа дали повторно е можен конфликт во Западен Балкан и дали погрешните пресметки на косовско-српската граница или во процесот на дијалог може да предизвикаат тензии од големи размери.
Одговорот на ЕУ директно влијае на Западен Балкан
Европа е обединета во својот одговор против инвазијата на Русија и никогаш не треба да замижува пред војната и насилството. „Никогаш повеќе“ е повеќе од обична реторика и би била бесмислена без конкретни мерки.
Како ЕУ реагира на континуираната криза во Украина директно влијае на настаните на теренот во Западен Балкан. Како што продолжува војната во Украина, политичките и социјалните непријателства меѓу Косово и Србија ќе станат поизразени. Ваквите расколи негативно ќе се одразат на сите обиди за конечно разрешување меѓу двете земји.
Мора да запаметиме дека Западен Балкан не е помирен регион. Предуслов за да се спроведе пристапот „Никогаш повеќе“ е сериозно да се сфатат потенцијалните искри на тензии и соодветно да се ангажираме со земјите од Западен Балкан.
Тројца американски сенатори, Крис Марфи, Џин Шахин и Том Тилис, ги посетија Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Германскиот канцелар Олаф Шолц ги покани косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во официјална посета на Германија. Речиси веднаш потоа, германскиот министер за одбрана, Кристин Ламбрехт, го посети Косово.
Сепак, стана вообичаено за политичарите од САД и ЕУ да се занимаваат со регионот во време на криза. Овој пат, нивниот ангажман мора да биде конзистентен. Во спротивно, тоа само ќе го покаже недостатокот на посветеност за правилно ангажирање во регионот и само ќе послужи на аргументот на преовладувачкиот песимизам и дополнително ќе го зголеми јазот меѓу регионот и ЕУ, давајќи основа на незадоволството против ЕУ кај населението.
Во најлошото сценарио, недостатокот на соодветен и конзистентен ангажман ќе ги зајакне националистичките гледишта, со што ќе се отежне постигнувањето пробив и понатамошен напредок.
Висар Џамбази е ангажиран како истражувач, консултант и проект- менаџер за различни непрофитни организации во Западен Балкан и во Европа.Тој моментално работи како проект-менаџер во Сбункер, блог за актуелни настани во Косово кој покрива политика, општество и економија. Тој работи како млад професионален советник во Обединета Европа и е член на M100 Сансоучи Колоквиум. Неговата работа се фокусира на евроатлантските интеграции, надворешната политика на САД во Југоисточна Европа, авторитарните влијанија во Западен Балкан, регионалната соработка и дијалогот Косово-Србија. Висар Џамбази е магистер по меѓународни студии на Универзитетот „Олд Доминион“, специјализиран за надворешна политика и меѓународни односи на САД.