Фотографија: Бесникe Салиху
Дигиталната ера ги воведе онлајн-медиумите и платформите за социјално вмрежување, кои го олеснија добивањето на повеќе информации во реално време, поттикнаа поголема поврзаност, ги зближија луѓето и создадоа алтернативни начини за вмрежување и комуницирање. Сето ова се позитивни промени, но дигиталната ера на извесно ниво може да го отежнува справувањето со минатото.
Онлајн-медиумите и платформите за социјално вмрежување можат да бидат особено проблематични во повоените општества. Наместо да им помагаат на луѓето во справувањето со минатото, тие можат да бидат алатки со кои луѓето повторно и повторно го преживуваат своето болно минато. Онлајн-медиумите стануваат простор во кој се потенцира непријателството меѓу државите и меѓу граѓаните, давајќи им слобода на сите да го искажат своето мислење, со што се овозможува ескалирање и ширење на нетолеранција и говор на омраза.
Справувањето со минатото е многу тешко кога мрежите на онлајн-медиумите и социјалните медиуми ги изложуваат луѓето на слики и случувања од неодамнешните војни и воени злосторства. Тие постојано циркулираат, што значи дека преживеаните од војната редовно се соочуваат со она што се обидуваат на секој начин да го заборават.
Арбиос Криезиу, експерт за социјалните медиуми од Косово, потенцира дека справувањето со минатото во онлајн-просторот може да биде многу тешко, особено кога сѐ уште се отворени емоционалните рани од минатото.
Кога станува збор за дигитализацијата, Кирезиу потенцира дека социјалните медиуми им даваат можност на сите да се изразат, да се сеќаваат и слободно да коментираат, што во принцип е позитивна работа. Сепак, според него, кога станува збор за приказните за минатото, справувањето со коментарите на тие приказни и на социјалните мрежи претставува проблем.
Криезиу зборува за справувањето со нетолерантните и потпалувачките коментари на социјалните медиуми, конкретно на Фејсбук.
„Кога забележуваме дека одредени лица, од својот профил постојано коментираат со навредлив јазик или се обидуваат да поттикнат омраза, за почеток потребно е тие да се предупредат. Ако коментарите со користење на навредлив јазик продолжат, постои опцијата hide, со којашто ќе се скријат нивните коментарите од јавноста“, истакнува Кирезиу.
„Ако тоа продолжи, можете да ги избришете нивнитете коментари на Фејсбук и на крајот, да го блокирате профилот, со што ќе им ја ускратите можноста да коментираат“. Во продолжение тој ги објаснува понатамошните мерки кои може да се преземат доколку ситуацијата ескалира, како што е известување до администраторите на Фејсбук, кои можат да го затворат профилот на корисникот.
Трина Бинаку од Младинската иницијатива за човекови права смета дека дигиталната ера има цел да обезбеди поддршка на процесот на справување со минатото. Дигитализацијата на приказните и сведоштвата може да помогне во расветлувањето на одредени прашања поврзани со неодамнешната војна во Косово. Сепак, повеќето статии на социјалните медиуми, особено на порталите, содржат материјал што може да биде вознемирувачки за многу луѓе кои сè уште се погодени од војната.
„Кога станува збор за изминатиот конфликт на Косово, социјалните медиуми и онлајн-платформите, доколку не се водат од професионална етика, може да го забават процесот на расветлување на настаните. Косовското општество сè уште страда од колективна траума. Затоа, треба да посветиме посебно внимание на тоа како им пристапуваме на ваквите проблеми, секогаш имајќи предвид како одредена приказна би влијаела врз лицата кои претрпеле воени злосторства на Косово, извршени во 1998 и 1999 година“, вели Бинаку.
Според Бинаку, приказните за минатото кои се објавуваат на порталите на онлајн- медиумите привлекуваат најдискриминирачки коментари. Таа истакнува дека таквите навредливи коментари треба да се разгледуваат во согласност со законот и дека порталите се должни да ги отстранат.
Во март 2019 година, Европската комисија, во соработка со најголемите компании за социјални медиуми во светот, вклучително и Фејсбук, Твитер и ЈуТјуб, објави дека договорила Кодекс на однесување кој задолжително мора да се спроведува од страна на сите земји-членки на ЕУ, кој има цел да даде одговор на незаконскиот говор на омраза онлајн (и офлајн).
Навредливите коментари, конкретно со расистичка и ксенофобична содржина, вклучително и „негирањето на злосторствата или грубото тривијализирање на злосторствата за геноцид, злосторствата против човештвото и воените злосторства“, се сметаат за казниви дела согласно законите опфатени во наслов IV од Спогодбата на ЕУ (види Рамковна одлука на Советот бр. 2008/913/ПРВ на Советот на Европската Унија, 28 ноември 2008 година за „борба против одредени форми и изјави на расизам и ксенофобија преку кривичното право“).
Овие правни мерки треба да се спроведат и во земјите од Западен Балкан бидејќи тоа е регион кој излезе од војната, се стреми кон интеграција во Европската Унија и треба да се натера да ги санкционира сите видови говор на омраза.
Како заклучок, можеме да кажеме дека дигиталната ера значително ја олесни комуникацијата меѓу луѓето, го олесни добивањето информации во реално време, но сепак го отежна справувањето со минатото. Секој ден, социјалните медиуми и онлајн- порталите ги изложуваат граѓаните на постконфликтните општества на приказни или фотографии од нивното болно воено минато. За генерациите кои ги преживеале разорните војни во поранешна Југославија, тоа може да значи „преживување“ на воените настани. Како резултат на тоа, ова може во голема мерка да влијае дури и врз коментарите кои тие ги оставаат, секако може дури и да ги поттикне да го изразат својот гнев и огорченост во однос на темата за која коментираат. Помладите генерации, од друга страна, имаат тенденција да бидат „поумерени“ во своите ставови и коментари. Ако се потпреме на изреката „времето ги лекува раните“, со надеж може да заклучиме дека со текот на времето, очекуваме идните генерации да не го користат истото ниво на навредлив јазик во споредба со сегашните генерации.
Бесникe Салиху е од Приштина и веќе 14 години по ред ги покрива политичките и социјалните вести, од кои последните 10 години e уредничка на „Telegrafi.com“. Салиху дипломирала и магистрирала политички науки на Универзитетот во Приштина, во 2006, односно во 2009 година