Скопје – 2014: Етноцентрично овековечување и клептократија

Наталија Поповска и Ана Чупеска

Таканаречениот Проект „Скопје-2014“ (СК-2014) е производ на коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, реализиран во најголем дел за време на нивното владеење. Тоа е најскапиот псевдокултурен проект во историјата на независна Македонија. За да се разбере овој Проект, потребно е да се анализира низ еден поширок, интердисциплинарен пристап, имено, низ историска, културна, социолошка, психолошка и финансиска призма. Досега, и стручњаците и општата јавност придонесоа кон таквата анализа преку гореспоменатите аспекти, а овде сакаме да нагласиме дека, веднаш штом беше промовиран, односно уште во својата иницијална фаза, Проектот побуди огромен интерес во јавноста, затоа што со себе повлече контраваријанти. Со текот на времето, обезбедивме цело „море“ пишани, документирани, видео, научни и други материјали, кои го анализираат и го соочуваат Проектот „Скопје-2014“ со неговата контроверзност. Сепак, сѐ уште постојат голем број неодговорени прашања за Проектот, во врска со авторите, проектантските платформи, финансиските трансакции, механизмите на одлучување и неговата реализација.

Во обид да се осврнеме на некои од горните аспекти на Проектот „Скопје-2014“, онолку колку што дозволува овој текст, може да се рече дека тоа беше популистички политички маневар за создавање нов, постсоцијалистички македонски политички субјективитет. Процесот се одвиваше на разни политички, општествени, естетски и урбани нивоа и вредносни системи и беше придружен со финансиски контроверзии. Една од намерите на Проектот беше радикално да се искорени македонското социјалистичко минато и да се вгради нов, несоцијалистички, популарен политички субјективитет, кој се стреми да им се спротивстави на своите други, поважни субјекти. Целта беше и да се прават престапи и да се оспори постсоцијалистичкиот симболичен и нормативен поредок по пат на специфично политичко позирање и особено со помош на историски фалсификати. Тоа се вградуваше во брзата и масовна изградба на нови цркви, огромни скулптури и музеи и реновирањето на фасадите на цели населби.

Централната фигура е Александар Велики, чиј идентитет е прикриен со официјалното име на споменикот, „Воин на коњ“. Со други зборови, Проектот претставува отелотворување на концептот на таканаречен процес на антиквизација. Според овој концепт, намерата е да се слават митови со припишување псевдоисториски и фалсификувани културни референци, при што целта е да се изврши оксиморонско преместување на македонскиот национален идентитет од неговата срж [лингвистички: словенски, а во државотворна смисла, како практика: социјалистички] во далечните антички периоди… Во тој момент, споровите и престапите се случуваа на симболично ниво, што значи дека просторот/доменот на соопштување на новиот македонски постсоцијалистички политички субјективитет беше мобилизиран преку ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа доведе до емоционална конфузија и когнитивна дисонанција кај луѓето, зашто се работеше за инженеринг на наметнат идентитет.

Се разбира, ваквата опсесија со масовна изградба и менување на изгледот на постојните структури се разгоруваше со ирационални мотиви, кои може да се објаснат преку методи на психоанализа; меѓутоа, Проектот не е само контроверзен од аспект на трошоците, туку претставува и финансиски скандал од големи димензии.

Меѓу другото, Проектот „Скопје-2014“ изврши своевиден притисок врз Македонците да изберат помеѓу тоа да се идентификуваат како Словени или како потомци на античките Македонци, преку поделба на населението на оние што ја поддржуваат дијахрониската парадигма и оние кои не ја поддржуваат. На сличен начин, плоштадот Скендер бег, кој е, исто така, дел од Проектот „Скопје-2014“ и изграден на другата страна од реката Вардар, изобилува со етнички одлики на албанската нација. Иконографијата на муралот е етнонационалистичка и се претпоставува дека, како таква, претставува „одговор“ на етнонационалистичкиот Проект на „другата“ страна, на плоштадот Македонија. Мозаиците на муралот ја раскажуваат приказната на албанската идеја за независност и процесот на создавање на нацијата, прикажувајќи ги Мајка Тереза, албанските партизани, борбата за ослободување на Косово, албанските борци и Лешката лига. Централната фигура на овој плоштад е Скендер бег. Неговиот споменик беше преместен на многу поголем пиедестал од претходниот. Накусо, македонскиот и албанскиот етноцентризам се натпреваруваат меѓу себе во рамките на Проектот „Скопје-2014“ и, за сметка на тоа, другите етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија се маргинализирани. Ова се манифестира во процесот на одлучување, како и во спроведувањето и, се разбира, во застапеноста на другите во рамките на Проектот. Проблематичната природа на овој Проект негува меѓуетнички и интраетнички конфликт на ниво на симболи. Тоа ќе биде така подолг временски период, со оглед на пиедесталите и спомениците кои ќе останат со децении. Таканаречениот Проект „Скопје-2014“ има своја мегаломанска и клептократска заднина. Од првично најавените 80 милиони евра, достигна бројка од 640 милиони евра, која не го вклучува ширењето на пропагандата (документарци, реклами, субвенции за театарски претстави, итн.). Денес, како резултат на акутните финансиски злоупотреби, македонските граѓани должат 280 милиони евра. Со оглед на тоа што Проектот беше финансиран со јавни средства, денес тој е предмет на истрага од страна на Специјалното јавно обвинителство. Скапите споменици за Проектот СК-2014 не само што ќе послужат како пример на популистичка злоупотреба на спомениците во создавањето на културната меморија, туку и како машина за „перење пари“. Освен тоа, на нивото на вредности, целиот процес на антиквизација спроведен преку Проектот „СК-2014“ имаше за цел да ја избрише социјалистичката културна меморија по пат на создавање лажна културна меморија поврзана со антиката?! На сите ни е јасно: спомениците, документите, рекламите и пропагандата платени со народни пари создадоа лажна приказна и провоцираат непријателски емоции кај македонските граѓани.

Според тоа,  Проектот СК-2014 претставува етноцентрична глорификација на двата етникума, со отсуство на културна и политичка комуникација и, од естетска гледна точка, манифестација на кич, опсесија со митови, промоција на етнички, племенски конзервативни облици, отсуство на свест и комуникација со социополитичкиот контекст на XXI век и, се разбира, сето тоа како „фасада“ за финансиски злоупотреби. Како таков, тој не дејствува како стимул на колективната меморија, туку сосема спротивното – создава етноцентрично овековечување, конзервативизам и клептократија.

_______________________________

ФОТО КРЕДИТИ: „Воин на коњ” – највисокиот споменик од Скопје 2014 е директно поврзан со наследството на Александар Велики. Овој споменик ја поларизираше заедницата поради етноцентричкиот наратив, Кристина Лозановска