Социјалните медиуми и порталите – Простор за надминување или засилување на предрасудите?

Фотографија: Katerina Smileva

Дилемата за тоа дали социјалните медиуми имаат повеќе позитивно или негативно влијание ќе трае додека истите постојат. Факт е дека Фејсбук, Твитер, Инстаграм и останатите мрежи го сменија начинот на живот. Но, исто така, го сменија и начинот на известување и пренесување на информации. Колку овие социјални медиуми, а и веб порталите, имаат позитивно влијаение во однос на брзина на пренесување на информации, слобода на искажување на различни мислења, толку имаат и негативно влијание.

Тоа негативно влијание доаѓа до израз кога во прашање се маргинализирани групи, како на пример Ромите. Целосната слобода на говор на овој тип на медиуми носи и нејзина злоупотреба. Не сите луѓе разбираат дека слободата на говор не значи и слобода за ширење на говор на омраза. А, границата е многу тешко да се постави.

Најчесто на удар се Ромите, како група за која генерално останатите заедници во Македонија имаат предрасуди и стереотипи. Тоа се прерасуди „негувани“ со децении и пренесувани од колено на колено. Толку длабоко всадени што се влезени и во системот на воспитување на децата и користење за нивно дисциплнирање и плашење. Со цел да не ги засилувам  таквите стереопити и предрасуди, ќе се воздржам од давање примири.

И така, стереотипите и предрасуди кои ги носиме во нашиот реален живот, се пренесуваат и во нашиот виртуелен живот: на социјалните медиуми. Од погрдни коментари на објави до навреди, говор на омраза и дискриминаторски изјави.

Како говорот на омраза од поедници да не е доволен, па тој го има и во онлајн медиумите. Како медиуми за кои во Македонија се уште нема воспоставено никаква регулација, владее вистински хаос. Дискриминаторските содржини и говор на омраза „легитимно“ се шират од голем дел на овие непрофесионални „медиуми“.

Ќе ви дадам еден пример, кој спаѓа во оние поблагите форми на дискриминација кои ги среќаваме по порталите.
Кога ќе се случи некое кривично дело, како на пример кражба, доколку го извршил припадник на некоја од поголемите етнички заедници, насловот ќе гласи: Поднесена кривична пријава против лице кое крадело накит.
Но, доколку кривичното дело го извршил Ром, тогаш насловот ќе биде: Поднесена кривична пријава против Ром кој крадел накит.
Ова е чист пример за стереотипизација и дискриминација: нагласување на етничката припадност во негативна конотација. Како да немаме доволно дискриминација, па онлајн медиумите треба да ја засилуваат.

 Овој тип на „известување“ е всаден во мајндсетот на оние кои ги пишуваат содржините и тие често не се ни свесни што предизивикуваат со тоа. Затоа, потребна е едукација на новинарскиот кадар. Друга тема е што најголем дел од онлајн медиумите работат целосно непрофесионално, со нестручен кадар и не почитуваат никакви професионални новинарски стандарди.

Но, социјалните медиуми и порталите нудат и една друга, позитивна можност. Тоа е борба против дискриминаторскиот однос кон Ромите и рушење на стереотипите.
Многу често во медиумите (вклучително и во традиционалните) може да сретнеме теми во кои се презентираат позитивни примери од ромската заедница. Како некој Ром завршил факултет, како е успешен во својата професија и слично. Особено на Денот на Ромите – 8 Април. Сепак, ова не е најсреќното решение. Се прави со добра намера, но може да има и контраефект и наместо да ги намали пресдрасудите, истите само да ги зацврсти. Зошто би било чудно Ром да биде успешен, па од тоа да треба да се прави прилог?


Она што би имало вистински ефект е да му се пристапи на проблемот многу посуптилно. Што значи тоа?
Да се рушат предрасудите и стереотипите кон Ромите преку користење на изјави од Роми познавачи на темата за која се известува. На пример: обработуваме тема од економијата „На што се должи растот на просечната плата“. За тој медиумски производ потребна ни е изјава/мислење од експерт за економија. Изјавата ја земаме од Ром професор по економија.

На овој начин, не известуваме за тоа како некој Ром е успешен, како и Ромите може да бидат и се професорите, туку тоа на дело го покажуваме преку користење на експертско мислење од припадник на ромската заедница. Ова ќе овозможи рушење на предрасудите и стереотипите без да кажаме „еве сега ќе ви покажаме како и Ромите можат да бидат образувани“, пристап што и во себе содржи стереотипи.

Понатаму, овој индиректен и суптилен начин, може да има поголемо влијание врз оние кои свесно дискриминаат и го исмејуваат секое директно потенцирање и апелирање тоа да не го прават. Бидејќи, во човечката природа е да се јавува отпор кога некој Ви кажува „ти не си во право, сега јас ќе ти покажам како треба“.  Токму затоа, позитивното влијание треба да се прави на суптилен начин.

Заклучокот е дека социјалните мрежи и онлајн медиумите може да имаат и позитивно и негативно влијание. Може да ги засислуваат, но може и да ги рушат предрасудите. Од нас зависи во која насока ќе ги користиме. А, треба да почнеме да ги користиме паметно. Време е секој да добие шанса. Ромите, а и сите други различчни групи на луѓе, да ги цениме според индивидуаленот квалитет, а не според општествено наметнати норми полни со стереотипизација.

Катерина Смилева, ПР координатор на Ц.С.И. Надеж и дипломиран новинар