Активисти на невладини организации, на 17-годишнината од убиствата на 48 косовски Албанци од Сува Река, Косово, излегоа на протестна прошетка од центарот на Белград до Батајница, каде што во 2001 година беа пронајдени телата.
Ивана Николиќ, БИРН, БелградОколу 30 активисти предводени од невладината организација „Младинска иницијатива за човекови права“, МИЧП, и движењето „Моја иницијатива“ од Белград, се собраа во сабота во центарот на Белград и пешки стигнаа до масовната гробници во Батајница, одбележувајќи ја на тој начин годишнината од масакрот извршен од српските сили, за време на војната во Косово.
Целта беше да се покаже дека масовната гробница во центарот за обука на полицијата во Батајница, во која се наоѓаа останките на околу 700 косовски Албанци, меѓу кои и жртвите од Сува Река, „се наоѓа на пешачка одалеченост од Плоштадот на Републиката во Белград“, изјави за БИРН, Јована Прусина, од МИЧП.
„Ова е нешто што не е познато и за што не се зборува (во Србија)“, изјави Прусина.
Српските сили на 26 март 1999 убија 48 жители на Сува Река, Косово.
Од нив 46 биле членови на семејството Бериша, 14 биле на возраст под 15 години, од кои 2 бебиња, една бремена и една постара жена.
Две жени и едно дете го преживеале масакрот.
Дел од мажите биле убиени, а останатите биле втерани во една пицерија во која биле заклучени, а потоа на нив биле фрлени рачни бомби.
Оние што покажувале знаци на живот, биле застрелани во глава, а потоа транспортирани до масовна гробница во Косово, каде што првично биле фрлени.
Телата подоцна биле откопани и транспортирани од Косово, во центарот за обука на полицијата во Батајница, во обид српските сили да ги прикријат убиствата.
Полицијата ја обезбедуваше протестната прошетка / Фото: БИРН |
Прусина рече дека дополнителна причина за протестот е и „рехабилитацијата на воените злосторници, која сега се случува во Србија“.
„Воени злосторници сега се прогласуваат за херои. Таков е случајот со (генералот на Војската на Југославија, Владимир) Лазаревиќ, кој е осуден за воени злосторства и кој по издржување на казната (за воени злосторства во Косово) беше пречекан како херој“, вели таа.
Радојко Репановиќ, поранешен командир на полициската станица во Сува Река и полицаецот Слаѓан Чукариќ, беа осудени на 20 години затвор за учество во злосторството. Полицаецот Мирослав Петковиќ и Милорад Нишавиќ, припадник на Државната безбедност, добија казни од 13 и 15 години затвор.
Хашкиот трибунал, исто така, осуди шест високи официјални претставници на Белград за убиствата во Сува Река.
Од масовната гробница во Батајница, беа ексхумирани останки на 744 жртви, косовски Албанци.
Масовни гробници со тела на косовски Албанци, убиени за време на војната, беа пронајдени на уште три локации во Србија. Кај езерото Перучац, во полицискиот центар во Петрово Село и во каменоломот Рудница, во близина на градот Рашка.
Но, досега во Србија, никој не е гонет за операцијата на отстранување на телата на убиените.
Само поранешниот началник на одделот за јавна безбедност на МВР Србија, Властимир Ѓорѓевиќ, пред Хашкиот трибунал, освен за други злосторства извршени кон крајот на војната во 90-тите години, беше осуден за превоз на телата од Косово во Србија.
(БИРН, 26.03.2016.)