Фотографија: Јована Прусина
Кога зборуваме за транзициска правда, зборуваме и за кривична правда, за жртви и сведоци, за исчезнати и внатрешно раселени лица и нивните семејства, за масовни гробници и право на вистината, за репарации, лустрации и друго. Војната навлегува во сите пори на општеството, следствено на тоа, влегуваат и процесите на транзициската правда.
Поширокиот дискурс околу транзициската правда на овие простори (Балканот), главно се сведува на кривичната правда, односно работата на МКТЈ (сега Меѓународен резидуален механизам за кривични трибунали) и локалните судови за процесирање на случаи на воени злосторства. УНМИК и ЕУЛЕКС, исто така, беа вклучени во ваквите судски процеси. Специјалниот суд, кој допрва треба да се справи со овие процеси, ќе биде уште еден додаток на списокот на вклучени организации.
Сега, кога повеќето меѓународни трибунали или ја финализираа својата работа, или се во завршна фаза, се очекува локалните судови да ја преземат работата. МКТЈ спроведе судења само против високи функционери, но пресудите и придружните документи споменаа многу имиња, од кои локалните судови можеа да формираат случаи. За жал, тоа не се случи. Наместо тоа, повеќето локални судови го намалуваат бројот на обвиненија и сослушувања. Транспарентноста и ефикасноста, на кои тие работат, исто така не е на завидно ниво. Последиците од недостаток на политичка волја и изминатото време длабоко се чувствуваат – интересот на пошироката јавност опаѓа, сведоците и сторителите стареат и умираат, а меѓународната заедница повеќе не ги притиска земјите во регионот да ги завршат овие процеси, до степенот до кој тоа го правеше, да речеме, пред десет, петнаесет или дваесет години.
Дали ова значи дека транзициската правда, онаква како што ја знаеме во нашите краишта, исто така завршува?
Во ситуација кога судењата, како највидлив процес на транзициската правда, се намалуваат, се поставува прашањето – како и каде новинарите, истражувачите, уметниците, активистите и другите заинтересирани страни ќе ги најдат ресурсите и материјалите кои им се потребни за да известуваат за транзициската правда во иднината? На што „следната генерација“ ќе ја темели својата работа? Кога, за триесет години, некој ќе посака да дознае, да прочита или да пишува за злосторствата направени во Власеница, Вуковар или Ѓаковица, кому ќе му се обрати? Судските архиви се сметаат како најсоодветен одговор. Достапната база на податоци на МКТЈ е еден блескав пример. Секој новинар може да има пристап до базата, да ги прочита судските пресуди, сведоштвата и записниците и да ги види документираните докази, фотографиите или видеоснимките користени за време на судењата.
Што е со архивите на локалните судови? Во 2020 година, очекувањата се дека сите судски документи и записници од судските процеси ќе бидат дигитализирани, и сите предмети кои се користеле како доказ ќе бидат соодветно складирани. Сепак, ова не е случај.
Во 2019 година, Балканската мрежа за истражувачко известување (БИРН) ја активираше Картата на пресуди за воени злосторства, интерактивна платформа која ги прикажува сите конечни пресуди за воените злосторства извршени за време на војните во поранешна Југославија, кои се јавно достапни од страна на домашните и од меѓународните судови. Процесот на собирање на оваа документација не е едноставен. Не постои униформна практика помеѓу локалните судови. Некои ги објавуваат судските пресуди и судските документи со целосни имиња (на пр. Судот на Босна и Херцеговина), некои ги објавуваат само со иницијалите на обвинетите (на пр. Високиот суд на Република Српска), додека други даваат тотално анонимни податоци ( на пр. Одделот за воени злосторства на Високиот суд во Белград). Информациите за одредени случаи се целосно исчезнати од базата на податоци на интернет, што значи дека треба да се пребаруваат низ извештаите од домашните и меѓународните организации кои ги следеле судењата и, врз основа на тоа, да се бараат документите од судовите, со надеж дека Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ќе се почитува.
БИРН ја увиде потребата од претставување на сите достапни податоци и документација во врска со судењата за воени злосторства пред јавноста на транспарентен и достапен начин, па оттука започна и процесот за создавање на онлајн-карта. Започнувајќи со својата богата архива – која е резултат на долгогодишното следење и документирање на судските процеси за воените злосторства, БИРН ги собра сите јавно достапни податоци и документација од судовите и граѓанските организации. Оваа мрежа за известување сметаше дека е важно да се вклучат материјали собрани од сите организации вклучени во следењето на судските процеси за воени злосторства низ годините. Така, Картата на пресуди за воени злосторства ги содржи извештаите на БИРН, линковите до обвиненијата и пресудите доставени од судовите, како и судските документи претходно собрани од релевантни граѓански организации низ целиот регион.
Целиот процес на прибирање податоци и креирање карта, за жал, ја потврди хипотезата дека не постои единствен пристап од страна на институциите за архивирање на податоците и дека транспарентноста на работата е на многу ниско ниво. Ова не им помага на оние кои сакаат да работат на чувствителната тема на справување со минатото.
Зошто е тоа проблем? Овде се навраќаме на претходната точка – дека изминувањето на времето го прави своето. Ова не е случај само со судовите, туку и со луѓето воопшто. Справувањето со минатото е тема што е и целосно позната и непозната. Тоа е и присутно и отсутно. Во јавниот дискурс слушаме и негирање на факти потврдени од суд и „ми се смачија приказните за војната“. Колку и да е тоа лошо, тоа е исто така сигнал за менување на начинот на кој гледаме и пристапуваме кон транзициската правда.
Додека во последните две децении фокусот беше ставен на собирање податоци за кршење на човековите права за време на последните војни, главната задача деновиве е да ѝ се даде на јавноста пристап до овие информации. Институциите се оние кои треба да ги направат овие информации достапни, а самата јавност и новите генерации родени по војните треба да се навикнат на времето во кое живееме.
Јована Прусина работи во БИРН како програмски координатор на Програмата за Балканска транзициска правда (БТП) од 2018 година. Дипломирала на Факултетот за правни науки при Универзитетот во Белград, а работела и за Младинската иницијатива за човекови права. Работата на Јована во БИРН се фокусира на зајакнување на капацитетите на локалните медиуми и граѓанското општество за постигнување помирување и интеркултурен дијалог.