Ќе биде тешко да се заборави сликата на исплашеното лице и сведоштвата, кои со мене ги сподели Ромка која беше жртва на воено и повоено сексуално насилство во Косово. За време на војната, таа била силувана од страна на српските воени ветерани. Две недели по завршувањето на војната, нејзината куќа била цел на напад од страна на етничките Албанци, униформирани мажи кои ја киднапирале една вечер во јуни 1999 година. Кога ја вратилe следното утро, нејзината куќа била во пламен и веќе била уништена. Речиси 20 години потоа, таа сведочеше пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во врска со насилството извршено од страна на Србите во Косово, но не и за насилството извршено од страна на етничките Албанци. Некои од сторителите, кои беа косовски Албанци, им биле соседи, па семејството се плаши да ги именува.
Војната во Косово заврши пред две децении, но за многу жртви, страдањето и стравот продолжија со речиси ист интензитет. Некои од жртвите веќе починаа во темнината на нивните лични трауми, без да имаат шанса да го видат лицето на правдата. Некои би можеле да сведочат само за половина од својата вистина.
Како новинарка, јас ги истражувам воените и повоените злосторства. Копајќи во најтемните страници од поновата историја, често слушам приказни и сведоштва, за кои претходно јавно не се зборувало.
Војната остави многу „двојни“ жртви, лица кои биле силувани од страна на извршители од двете страни. Во овој поглед, Ромките најмногу претрпеа.
Во нивните домови, болката и страдањата сè уште се свежи. Овие случаи го покажуваат неуспехот во документирањето на воените злосторства.
Две децении по војната, известувањето за воените злосторства сè уште е минско поле. Многу новинари во Косово се исплашени да известуваат за злосторствата извршени за време и по војната од страна на припадници на Ослободителната војска на Косово.
Беа направени обиди да се прикријат злосторствата извршени по војната, особено во периодот непосредно по војната, со оправдување дека Србија извршила голем број злосторства и дека правдата не била задоволена во повеќето од овие злосторства.
Наративот околу воените злосторства во Косово во голема мера е едностран. Има малку простор за жртвите да излезат со фактите, кои би можеле да ја засенат славата на борците етнички Албанци од ОВК.
Во Србија, државата ги штити воените злосторници, многу од нив имаат истакнати улоги во општеството. Во Косово, станува сè потешко и потешко да се поднесе обвинение за оние кои се осомничени за вмешаност во воените злосторства. Многуте години поминати оттогаш, овозможија правниот систем во Косово да го изгради овој едностран наратив. Многу бранители поврзани со ОВК беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства поради недостаток на докази, што често беше резултат на заплашувањето на сведоците.
Воениот дискурс во Косово ја следи траекторијата која е прилагодена на политичките потреби на воените елити. Од таа причина, на овој дискурс во Косово му треба нов почеток.
Јазикот, кој се користи од секоја страна во врска со војните, ги открива слабостите на двете земји во справувањето со воените злосторства и со минатото. За време на војната, наративите и непријателствата, исто така влијаеја и врз известувањето на медиумите. Воениот дискурс од 1999 година ја ограничи и ја обликуваше јавната дискусија и ги зацврсти етничките поделби, идентитети, идеологии и колективното сфаќање на војната.
Заклучоците произлезени од овој напис, главно, се базираат врз основа на јазикот и на наративите од војната кои ги користат етничките Албанци и Срби во периодот по војната. Реториката за претстојната поделба е во пораст. Сеприсутноста на реториката на поделба делумно е причина и за продолжување на (ненасилните) судири меѓу двете страни.
Додека ги истражував случаите на деца родени како производ на силувањата што се случија за време на војната од 1998-99 година во Косово, коешто е најмрачното поглавје од војната на Косово, влегов на нов терен во врска со новинарската етика и професионалната одговорност. Една жртва, која го убила нејзиното бебе родено како производ на силување, ме молеше да не го откријам нејзиниот случај бидејќи ќе се самоубие. Тоа ме држеше под постојан притисок и тензија.
Справувањето со минатото е тешка битка за генерацијата која доживеа војна, која се обидува да се помири со тешките оптоварувања од болното минато на Косово и да се ослободи од него. Многу од нив не можат, а да не гледаат зад себе со гнев.
За новинарите кои известуваат за овие воени злосторства, не е предизвик само тоа што се изложени на тагата и траумите кои произлегуваат од војната. Кратко откако ја објавив сторијата за политичките атентати по завршувањето на војната во Косово, мојот автомобил двапати беше обоен со црвена боја.
Како новинарка, истражувајќи и известувајќи за чувствителните теми поврзани со конфликтот во Косово и во регионот, заклучив дека не е возможно секогаш „новинарот да не се приврзе“. Човек не може и не треба да биде секогаш неутрален кога ќе се соочи со сцени на страдање и неправда.
Сербезе Хаџиај работи како истражувачки новинар и уредник на вестите во Косово и на меѓународните медиуми веќе 20 години. Таа главно се занимава со горливи прашања, како што се корупцијата, човековите права, безбедносните прашања, верскиот екстремизам, тероризам и воените злосторства. Хаџиај, во моментов, е уредник во Радиотелевизија Косово (RTK) и новинар во мрежата за истражувачко новинарство „Балкан“ (BIRN). Претходно има работено за дневните весници „Rilindja“, „Zeri“,„ Lajm“ и „Koha Ditore“. Била дописник од Приштина за францускиот „Le Courrier des Balkans“, а неодамна ѝ беа објавени статии и во „The Financial Times“, „Der Standard“, „Neue Zürcher Zeitung“ и „Al Jazeera“. Исто така, пет години има работено како истражувач за „Navanti“, американска компанија за истражување и анализа. Хаџиај примила 14 награди од локални и од меѓународни организации за нејзиното известување за воените злосторства, организираниот криминал, корупцијата, човековите права и насилството врз жените.
Фото: Сербезе Хаџиај од Арбен Лапаштица