Европа како заедница на вредности или само уште една економска унија? Европа кон која се обраќаме кога станува збор за добивање на вредни и важни искуства за изградба на подобро општество или банкомат за покривање на краткорочните барања на гласачите? Тоа не се ниту нови, ниту непознати прашања, особено не во Србија. Тие се поставуваат уште откако земјата почна да ја разгледува можноста за приклучување кон заедницата на европските народи. Тоа беше во 1989 година, кога владата на Анте Марковиќ, по своја волја изрази желба Југославија да се приклучи на Европската економска заедница, што беше потврдено во јануари 1990 година на Сојузното собрание. Како и останатото југословенско искуство, барем она што не беше обележано со конфликтите меѓу народите и републиките, и овој момент – многу важен за нашата историја – е целосно заборавен. Кога се сетивме на (тогаш веќе) Европската унија, беше помината цела една деценија, а тоа беше декада која ги дефинираше односите помеѓу Србија и ЕУ на драстично поинаков начин.
По војните во Југославија, прашањата за европските вредности и суштината на Европската унија се поставуваа со поостар тон. Во тоа време Европа гореше од драматичните аргументи за историската меморија: што запаметивме, што заборавивме и зошто; кои беа основите на општеството што го градевме; дали тие беа проткаени со искуството од холокаустот и своеволната колаборација со режимот на Хитлер, или со отпорот против него, кои најчесто доаѓаа од избегнуваните, левичарски и комунистички кругови. Кај таканаречените постари членки таа дискусија не зависеше пресудно од ЕУ, бидејќи немаше начин да им се наметне такво нешто на членките. Но, беше поинаку за оние земји кои станаа членки по 2000 година. Постоеше силна алатка во форма на претпристапен процес, кој беше искористен за да се принудат земјите не само да ја спречат злоупотребата на конкуренцијата или да воведат нови инструменти на пазарот на капитал, туку и да работат на сопствените вредносни основи. Приказната за тоа како земјите од Централна и Источна Европа поминале низ тој процес е посебна и малку тажна. Ним им беше дозволено не само да го обелат своето минато, бришејќи ги темните дамки на соработката со фашистите, туку и да избришат цел период на комунистичко владеење, припишувајќи им го на познатите руски тенкови и наводната окупација. За државите од поранешна Југославија, пак, важеа различни правила поради војните што се водеа овде. Се постави прашањето за справување со вака тешко и напорно минато и спроведување на транзициските мерки на правдата за барем да се започне со решавање на тој проблем.
Граѓанските активисти, особено мировните активисти, во процесот на интеграција во ЕУ видоа можност за сериозен сојузник во организацијата на нивните општества. Сојузник кој имаше непобитно влијание врз политиката на сите општества на поранешна Југославија. Логиката зад таквото размислување беше едноставна. Ако ЕУ сакаше да им помогне на земјите кандидати, да ги натера да прифатат некои основни цивилизациски норми (на пример, да се казнуваат злосторствата и да им се даде на жртвите право на правда, вистина и репарации), тогаш би било доволно тие правила да бидат дел од обврските што требаше да ги исполнат земјите за да станат членки. Целиот процес навистина започна во таа насока, но беше проследен со бројни проблеми, надоместоци и болно влечење јаже меѓу ЕУ и југословенските држави, особено околу соработката со Хашкиот трибунал. Сепак, работите се движеа во малку подобра насока. Сериозен пресврт се случи со големата економска криза во 2009 година, која се претвори во политичка криза и криза на легитимитетот на ЕУ. Тоа ги потресе самите темели на заедницата. Беа поставени прашања за поентата и потребата од натамошно проширување, во однос на безбедноста и миграцијата, за заштитата на националните интереси наместо на оние поуниверзалните. Тоа влијаеше и на процесите на справување со минатото. Соочена со голема криза, конфликти меѓу земјите членки, Брегзит, затворање на границите за мигрантите, зајакнување на авторитарните тенденции во земјите-членки, ЕУ го стави во втор план прашањето за транзициската правда. Србија остана во последната група земји, онаа за којашто сега постојат многу сериозни сомневања дали некогаш ќе влезе во ЕУ. Тоа влијае и на силата на еднаш многу моќниот механизам за притисок врз земјите кандидати. Кога ќе се потсетиме колку беше важно и актуелно прашањето за соработката со Хашкиот трибунал во текот на 2000-тите (поважно дури и од Косово), сегашната ситуација во која речиси никогаш не се споменува дека Србија треба да ги екстрадира Вјерица Радета и Петар Јојиќ на Хаг, се чини како научна фантастика. Обврските кон жртвите, вклучително и исклучително чувствителните прашања како што е судбината на исчезнатите лица, речиси се избришани од агендата на европските претставници. Некои обврски сè уште скромно се споменуваат во редовните годишни извештаи за напредокот на Србија, но на тоа веќе никој не обрнува внимание.
Оваа ситуација на суштинскo губење на важен сојузник треба да го натера граѓанското општество во Србија да ја промени својата тактика. Целите кои сè уште се важни не можат и не треба да се менуваат, но методите на работа секако не можат да останат исти. Од друга страна, граѓанското општество во Србија може да му помогне на целиот континент во решавањето на прашањата споменати во воведот на оваа статија. Однесувањето на ЕУ во овој случај покажува дека нејзината криза е многу подлабока од она што се гледа на површината. Мерките на транзициската правда се изработени со цел да им го вратат човечкото достоинство на оние на кои тоа им е одземено насилно, како резултат на ужасните идеологии и политики насочени против цели групи луѓе, како и против модерното и отворено општество како такво. Ако ЕУ – најважниот и најуспешен мировен проект во светот – се откаже од своите основи и вредностите врз кои е изградена, нејзината иднина е многу сомнителна, а нејзината цел уште повеќе. Нема унија, она што му треба на овој континент, без посветеност на жртвите, без борба против неказнивоста и без вредности како што се правдата и вистината поставени високо на пиедестал. Затоа Србија денес може да биде земја модел за иднината на ЕУ. Со инсистирање на вредностите на транзициската правда, Европа би ѝ помогнала на Србија, но и на самата себе. Граѓанското општество во Србија има можност да им помогне и да ги охрабри колегите од целиот континент да се борат заедно за Европа за која сонуваа нејзините основачи по пеколот на Втората светска војна.
Драган Поповиќ е долгогодишен и искусен активист за човекови права и справување со минатото. Работел за бројни граѓански организации во Србија и во Западен Балкан. Дипломирал и магистрирал на Правниот факултет во Белград, а моментално работи на својот докторат по историја на Филозофскиот факултет во Белград. Автор е на бројни книги, статии, студии и извештаи за транзициската правда, човековите и малцинските права, владеењето на правото и граѓанското општество.