Интервју на Шербезе Хаџиај
Извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово за 2021 година сугерираше дека земјата развива „сеопфатна стратегија“ за транзициска правда, вклучувајќи сеопфатен пристап за решавање на нејзиното минато. Извршната власт на ЕУ, исто така, ги потсети белградските власти да покажат „вистинска посветеност“ на истрагата и судењето на случаите на воени злосторства.
Ајдан Хехир, експерт по меѓународни односи од Универзитетот во Вестминстер, Обединетото Кралство, вели дека планот на Европската Унија за транзициска правда кон земјите аспиранти „е нешто малку повеќе од зборови на хартија“. Во интервју за Балкански.перспективи (БП) Хехир нагласува дека посветеноста на спроведувањето на политиката на ЕУ за транзициска правда е бирократски услов на ЕУ.
БП: Како дел од Акцискиот план на ЕУ за човекови права и демократија, ЕУ се обврза да развие транзициска правосудна политика, но таквата иницијатива имаше невидливо влијание во Косово и во Србија. Во овој поглед, како ја опишувате улогата на ЕУ?
Хехир: Планот на ЕУ е само малку повеќе од зборови на хартија. Не верувам дека луѓето на терен се свесни за тоа и не можам да се сетам на ниту едно упатување на планот од страна на владите. Значи, не сум убеден дека тоа е нешто повеќе од бирократски услов на ЕУ. Како некој може сериозно да ги сфати нивните изјави за транзициската правда? Исто така, Ставот на Европската комисија во новиот извештај беше нем, а транзициската правда никаде не беше спомната во нејзиниот извештај од 134 страници. Факт е дека ЕУ не направи речиси ништо за да ги осуди владите. Ова е многу поважно од објавување на некој значаен документ што малкумина ќе го прочитаат, а никој нема да постапи по него.
БП: Како може ЕУ да биде поангажирана во земјите каде што претходните прекршувања и злоупотреби имаат влијание на нивниот процес на интеграција?
Хехир: Треба да биде јасно: фактите утврдени од страна на МКТЈ и други судења би требало да се користат како основа за утврдување на збир на докази со коишто секоја влада треба да добие инструкции да постапува. Треба да има нула толеранција за негирање на пресудите на МКТЈ и да не се влегува во нови дебати за тоа што „навистина се случило“. Доказите треба да се сметаат за непобитни. Од секоја влада треба да се побара да определи како планира да обезбеди реституција за минатите злосторства и да ги гони обвинетите за злосторства кои сè уште се на слобода. Дополнително, на државите треба да им се дадат инструкции да се обврзат дека ќе прифатат дека сегашните граници не се тема на преговори и дека треба да работат заедно за да создадат механизам за соработка ширум регионот со цел да помогнат во справувањето со минатото, механизам кој ќе ги надгледува репарациите, воспоставувањето на податочни сетови за смртните случаи, силувањата, злосторствата и исчезнатите. Ова треба да биде сине ква нон за пристапување во ЕУ.
БП: ЕУ вели дека има потреба да научи како нејзините земји членки се однесувале со наследството од минатото. Но, дали Косово и Србија учат нешто?
Хехир: Ако има истрага за тоа колку научила секоја држава, тогаш Србија несомнено ќе биде на дното меѓу државите наследнички на Југославија. Нема докази дека Владата на Србија целосно ја прифатила природата на нејзините минати злосторства, а тоа го нагласува неуспехот на различните механизми за транзициска правда што се применуваат до денес, без разлика дали се судски процеси или комисии за вистина. Има многу луѓе во Србија и Косово кои работеа на утврдување на детални информации за минатите злосторства и затоа е можно да се утврдат фактите околу конфликтите, но владите и меѓународните актери во суштина ја игнорираа нивната работа и прашањето во целина. Актуелната влада во Косово, сепак, се чини дека е повеќе посветена на справувањето со транзициската правда, како што беше потврдено од новата иницијатива што ја покренаа летово.
БП: Постои јасно изразена желба за политичка поддршка од ЕУ во однос на иницијативата за формирање на регионална комисија во Западен Балкан за решавање на наследството од минатото. Како би изгледала таа регионалната комисија?
Хехир: Граѓанското општество останува поактивно ангажирано во иницијативите за помирување, во споредба со институциите. Иницијативата РЕКОМ беше обид да се направи тоа. Тоа беше добра идеја, но немаше сила. Владите во регионот ја игнорираа, особено Хрватска и Србија. За да има регионалната комисија вистинско влијание по ова прашање, таа треба да биде поврзана со пристапувањето во ЕУ и да вклучува санкции за неусогласеност.
БП: Дали во опкружување како во земјите од поранешна Југославија, таков механизам може да биде поефективен од постојните механизми, како што се регионалната соработка, владеењето на правото и помирувањето
Хехир: Во отсуство на какви било казни за непочитување, овие механизми ќе пропаднат. Во најдобар случај, владите ќе им се умилкуваат, а во најлош случај едноставно ќе ги игнорираат. Успешните механизми за транзициска правда се секогаш процес од долу кон горе и како такви луѓето на терен треба да ги водат овие иницијативи и да ги одредат и нивниот делокруг и нивните цели. Но, надворешните актери можат да им помогнат со тоа што ќе наведат дека усогласеноста е од суштинско значење за пристапот во ЕУ и развојната помош.
БП: Дали фокусот на регионалните механизми може да биде продуктивен во сегашното опкружување на тековната потрага по судски процеси кои се повеќе репаративни отколку ресторативни?
Хехир: Да, ако регионалните механизми имаат способност да ги осудат државите за неусогласеност. Законите без средства ќе бидат само зборови на хартија.
БП: Како ги гледате актуелните случувања за нон-пејперот и „протечените“ информации од француски, дански и холандски дипломати?
Хехир: Кај одредени клучни земји-членки, особено Франција и Холандија, многу е мала заинтереираноста за проширување на ЕУ. Ова е функција од различни фактори, а не само став на политичката елита. Општата јавност во ЕУ е претпазлива за натамошното проширување. Значи, изгледите за ветувањата дадени на Самитот во Солун во 2003 година, коишто наскоро ќе истечат, се многу далечни. Многу е јасно дека ЕУ е решена да му даде приоритет на пристапот на Србија пред сите други. Ова е срамота со оглед на однесувањето на актуелната влада во Белград и претставува единствено една геополитичка пресметка што ќе има потенцијално две тешки последици. Прво, тоа ќе ги налути другите држави во регионот кои природно се против тоа Србија да се извлече со своето агресивно однесување и сепак да биде прифатена од ЕУ. Второ, самото инкорпорирање на еден авторитарен режим како оној во Србија во ЕУ дополнително ќе ја уназади нејзината внатрешна кохезија и ќе ги поткопа нејзините основи принципи на демократија, судска независност и слобода на медиумите.