Социјалните медиуми се моќна алатка на 21 век. Иако нивните позитивни аспекти се многубројни, тие честопати се злоупотребуваат и се користат за пропаганда и манипулација. Голем број лаги, дезинформации и инсинуации стигнуваат до голем број луѓе преку социјалните мрежи. Ова особено важи за Твитер и Фејсбук, каде се потврдуваат проблематичните толкувања на минатото, особено во врска со настаните од Втората светска војна, но и оние од последната војна во Босна и Херцеговина. Ова служи само за зајакнување на доминантните наративи на сите три завојувани страни, при што секоја од нив се обидува да ја дехуманизира другата страна, истовремено прогласувајќи се за апсолутен херој.
Во тој контекст, особено треба да се споменат онлајн-порталите, чиј точен број во Босна и Херцеговина (БиХ) е непознат бидејќи не постои заеднички регистар на медиумите. Секој може да креира медиумски портал, да напише и промовира што сака. Друг проблем во БиХ е што платформите на социјалните медиуми, кои содржат говор на омраза, навредлив јазик и провокации, не се дефинирани како јавен простор. Говорот на омраза и заканите направени во овој виртуелен простор не се предмет на судовите како што се говорот на омраза и заканите изразени во јавниот простор. Реално, Република Српска има Закон за јавен ред и мир, изготвен во 2015 година, кој го дефинира интернетот како јавен простор. Сепак, и покрај Законот којшто предвидува санкции за секој што го крши овој закон, се чини дека ситуацијата со говорот на омраза и онлајн-заканите не е променета.
Во последниве години, регионот беше зафатен од бран на ревизионизам кој се обидува да ги препише наративите од Втората светска војна. Сведоци сме на славењето на четничкото движење, сега споредено со Народноослободителната борба, како и на позитивните прикази за Независната Хрватска Држава (НХД), држава-марионета од Втората светска војна, поддржана од нацистичка Германија и Италија. Се појавуваат афирмативни приказни за соодветните водачи, учесници и симпатизери на овие движења и квазидржави.
Етнонационалните поделби кај населението на Босна и Херцеговина придонесуваат кон овој феномен. Политиката во учебниците, во самото основното училиште, ги учи децата уште од рана возраст да стекнат доминантно мислење за нацијата на која припаѓаат. Имаме сосема различни учебници за таканаречените национални групи на предмети, а понекогаш лекциите по историја немаат скоро ништо заедничко со оние на другите национални групи.
Голем број страници и групи на Фејсбук постојат единствено за промовирање на националистичка содржина и во нив доминира говорот на омраза против другите националности. Нив ги водат анонимни групи и поединци, задолжени за секојдневно објавување и споделување на неоснована содржина, која се претставува како потврдена информација. Судејќи според бројот на коментари, споделувања и допаѓања, некои веруваат дека оваа содржина е непобитна вистина. Овие страници, на пример, ја слават НХД, се залагаат за повторно воспоставување на Херцег-Босна, објавуваат афирмативно за четничкото движење и нејзиниот водач Дража Михајловиќ, или ги поддржуваат злосторниците од последната војна.
Да се потсетиме на времето кога беа објавени осудите за воените злосторства и злосторствата против човештвото на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ. Социјалните медиуми станаа бојно поле, при што корисниците плукаа навреди и пцости. Новинарите од Република Српска дополнително придонесоа за тоа игнорирајќи ги утврдените судски докази и цели делови на судските пресуди, и наместо тоа, преземаа улога на поддржувачи на ликовите и постапките на овие двајца воени злосторници. Атмосферата на хаос повторно се појави онлајн, потенцирајќи дека водачите и властите на само една страна или нација биле повикани на судење за воени злосторства, и покрај обете пресуди (прво на Младиќ, а потоа на Караџиќ) кои беа поткрепени со цврсти докази. Некои корисници на Фејсбук дури ги сменија своите профилни фотографии со оние на Караџиќ или Младиќ, како знак на поддршка, нарекувајќи ги херои на српскиот народ.
Од сето ова, јасно е дека повеќето од населението во БиХ и регионот не ги проверуваат фактите на самите информации, ниту пак ги читаат доказите од пресудите. Наместо тоа, тие го следат менталитетот на стадото, гледајќи на сè како на заговор против нивниот народ или наводна закана или задушување на нивната традиција и историја.
Накратко, би можеле да тврдиме дека културата на сеќавање на една нација е насочена исклучиво на настаните во кои нејзините луѓе се запаметени само како жртви или ослободители. Потоа се користат различни комеморативни практики и споменици на културата за да се прошири таа меморија на идните генерации. Комеморациите, без оглед дали се организираат за да се запаметат цивилните жртви од војната, или да се негираат настаните и да се шират лаги и навреди, честопати се изговор за корисниците на социјалните медиуми да повикуваат на одмазда и национално будење. Навредите и аргументите кои следуваат укажуваат на одреден степен на непочитување на жртвите од обете страни.
На спротивниот крај на спектарот постои култура на заборав или „заборавање“, а тоа е селективно да се „маскираат“ одредени нечесни активности во кои „нашата“ страна била директно или индиректно вклучена.
Во својата книга Форми на заборав (2018), Алаида Асман споменува неколку начини на „заборавање“. Тие вклучуваат бришење, прикривање, криење, молчење, промена на функциите, игнорирање, неутрализирање, негирање и губење. И покрај тоа што социјалните медиуми имаат огромен потенцијал како простор за обука во поглед на конструктивен дијалог и справување со минатото, кога станува збор за овие теми, се случува тие да се користат исклучиво за ослободување на секакви фрустрации, преку демонстрирање на вулгарност и примитивизам и одбивање на какво било фактичко соочување со настаните од 20 век, особено со оние што се случиле за време на војните.
Комеморациите на цивилните жртви од војната се највпечатиливите примери за тоа како групите не се согласуваат за меѓусебното минато. Додека луѓето од една страна жалат, другите или ја игнорираат ситуацијата или целосна го негираат тоа што се случило. Културата на спомените главно се заснова на емоции и колективно бришење на сите настани кои можат да го доведат во прашање лидерството и војската на една нација. Ако се направи поинаку би подразбирало изедначување на завојуваните страни, но сите сакаат да бидат жртва, а не сторител.
Белма Буљубашиќ е вонреден професор на Катедрата за новинарство и комуникологија при Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево. Таа е коуредник на антологија и коавтор на истражувачка студија и книга. Таа е автор и коавтор на над 20 научни и стручни трудови и има пишувано за домашни и регионални списанија, како и за неколку домашни невладини организации.
Во моментов таа е докторанд на Катедрата за етнологија и антропологија во рамките на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград. Нејзината област на интерес се медиумите и филмот на социјалистичките земји, културата на спомени во (постконфликтните општества, медиумските конструкции од минатото и пропагандата.