После кажанoто „Збогум“и драматичното поентирање во првиот дел, тешко е да се заклучи дека тоа е се што можеме да кажеме за урбанизмот кој не го почитува минатото во главниот македонски град, Скопје. Приказната за Скопје е секако и поголема и покомлицирана и за истата ќе треба во повеќе наврати да се говори.
Градот чија кратка историја ја споменав во воведот од првиот дел, како граѓани на Скопје ја живееме недоволно, т.е најчесто низ ваквите пишувања, а многу малку во реалноста, бидејќи градот сеуште не успеа остатоците од богатото минато да ги интегрира соодветно во своето ткиво. Доколку жителите не ја живеат оваа приказна, тогаш тоа е уште потешко да го презентирате кон посетителот.
Од историската оска север – југ, која е во суштина центарот на современото Скопје и нејзиниот развој низ период од најмалку 1000 години гледајќи од денешницата наназад, движејќи се 4 км кон запад доаѓаме до првиот центар на градот, античкото Скопје- Скупи.
Неговото урбанистичко втемелување во обликот кој се забележува на терен е евидентиран во римскиот период односно на преминот од крајот на првиот век пред нашата ера, кон почетоците на првиот век од нашата ера. Последните истражувања сепак потврдија присуство на жители на истата позиција и во 7 и 8 век пред новата ера, кои биле од пајонско потекло што ја отвора можноста за почетоците на Скопје многу порано.
Местоположбата на античкото Скупи е значајна како крстосница на два главни патни правци, и тоа исток – запад , од Црното кон Јадранското Море, и север – југ, од Вардарско-моравската долина кон Егејот. Таквата положба го прави регионален општествен и културен центар, кој во ранохристијанските векови достигнува полн развој. Од позначајните маркантни објекти мора да го споменеме античкиот театар кој имал капацитет од 9000 гледачи и како таков претставува најголем откриен и познат, во вардарскиот дел од Македонија.
Замирањето на античкиот град се врзува со катастрофалниот земјотрес од 518 година, по кој се утврдува нов центар на градот кон исток, но во една реална и логична рејлефна позиција. Всушност од Зајчев Рид каде е сместено Скупи близу вливот на реката Лепенец во Вардар, преку соседниот рид ( Касарна Илинден ) се доаѓа до ридот Градиште, на чиј источен крај е избрана скоро огледално иста позиција, близу вливот на реката Серава во Вардар. Тоа е типична географска карактеристика скоро за сите позначајни антички градови, устието на реките.
Ваквото селење на градот во оваа конгломерација на трите ридови, не го исклучува ридот помеѓу ( Касарна Илинден ) од интервенции, и денес видливи остатоци. Тука е позициониран скопскиот аквадукт, за кој има две теории за настанокот, едниот е во VI век, а вториот во османлискиот период. Разгледувајќи го процесот на преселба на центарот и позицијата на тогашното Скопје на новата позиција на местото на скопското утврдување, логиката за потребата за питка вода и насоката на движење на овој аквадукт кој е насочен кон новата положба, сосема е логично неговото датирање во VI век. Тоа што е неспорно, по доаѓањето на османлиите, е дека тие извршиле реконструктивни зафати врз многу објекти во Скопје, како што е и Камениот мост, за кој се потврдени фудаментите од VI век.
Значи да сублимираме, три ридови, три градителски наследства: Антички град – Аквадукт – Средновековен град. А веднаш потоа се надоврзува споменатата оска Север – Југ од Виргинскиот Рид до Старата железничка станица.
Вакво врзување на периодите последователно претставува урбанистичка можност за конципирање на историски патеки пропратени со соодветни содржини, степен на заштита и соодветна презентација. Истата има потенцијал преку Водно да се врзе и со средновековниот сателит град на Скопје, кастелот Чрнче. Тоа е патека во која можете да добиете добар преглед на развојот на градот и одлични реперни точки за посетители.
Потенцијалот е неспорен, но истиот исчезнува немајќи стратегија која ги обединува овие точки.
Скупи
Скупи во денешната мапа на градот излегува од централното подрачје, на самиот браник од урбаното ткиво во непосредна близина на селото (сега веќе населба) Бардовци. Сообраќајно достапна, во едно транзитно опкружување на индивидуални куќи за домување, земјоделско земјиште и објекти со трговски содржини.
Она што недостасува е идеја овој простор да се планира во насока на активно екплоатирање на локалитетот меѓутоа и дефинирање на околина која нема да го засени. Тоа значи содржини кои треба да бидат компатибилни со неговата валоризација : музеј, истражувачки центар, галерии, паркинг за посетители, угостителски и придружни дејности. Во тековната пракса на домашниот урбанизам, поимот визура, пропорција и поента во просторот е загубена, па отука стравот дека во иднина во овој простор може да се случат дејствија кои ќе ја загрозат локацијата. Тоа значи од рамните позиции на сообраќајниците да се овозможи пресретнување на погледите кон театарот и содржините кои се во служба на соодветното експлоатирање на локалитетот.
Врзувањето на овој простор со другата страна на реката Вардар е неосмислена, а од таму во иднина би требале да очекуваме најголем прилив на пешачко движење и посетители. Тоа врзување треба да внимава населбата во подножјето од станбени куќи да се реорганизира и особено да не расте во висина, како би се избегнало затворање на визуелната достапност.
Аквадукт
На воздушно растојание од 2200 метри, на самата граница со Касарната Илинден, се наоѓа аквадуктот. Истиот е во многу лоша состојба и му е неопходна итна реставрација. Неговата позиција во непосредна близина на булеварот „Словенија“ и слободниот простор во околината, како и најавата за урбанизација и изградба во делот на касарната создава повторно легитимен страв од возможни лоши интервенци и загушување. Неговата заштита е најавена, меѓутоа неговото урбанистичко вклопување и адаптација на пошироката околина кон неговата достапност е нешто каде задолжително треба да се внимава.
Скопската тврдина
Калето претставува крајната источна точка во оваа крива оска. Неа ја набљудуваме обратно од запад кон исток, поради допирот со потегот север – југ (Виргински рид со Старата железничка станица ). На фортификацијата пред една декада се случуваа големи реконструктивни зафати, но и несоодветни интервенции во подридието на кејот на реката Вардар. Под јужниот бедем, се подигнаа превисоки објекти со несоодветна намена, кои апсолутно требаше да бидат во контекст на неговата презентација и промоција. Наместо тоа добивме админитративни згради на Водовод и канализација, како и објект за административните потреби на ЕВН, со спорни висини кои го узурпираат погледот одспротива. Практично погледот делумно го приватизираа . Кон западниот дел од тврдината, во меѓупросторот до прекрасниот музеј на современа уметност веќе се развија објекти со сомнителен естетски карактер од делот на угостителството кои се наметнуваат непристојно. Овој простор треба задолжително да исчезне и паркот да биде она што ќе ги обедини. Заканите веќе доаѓаат и со деградирачките апетити на објекти од ист карактер во старата скопска чаршија.
На тврдината и недостасува и добра врска од западната страна со подридието и овозможување во иднина пешачки прстен околу.
Недостаток на визија и храброст за делување
Овие три позиции имаат можност да се врзат со одлична приказна меѓусебно, велосипедски пешачко парковски површини.
Античкото Скупи, преку северната страна на Зајчев рид и Касардната Илинден до Аквадуктот. Од тука преку Касарната, покрај Американската амбасада, преку МСУ до Скопската Тврдина треба да се создадат конекции. Додека лево и десно од тие просторни провлекувања, може да се развиваат новите населби, внимнавајќи на нивното примарно значение. Со визионерски урбанизам и јавен конкурс, може да се дојдат до позитивни решенија.
Филип Конески е роден во Скопје,1987 година. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје, на тема „Институт за конзервација и реставрација“,додека тековно работи на магистерскиот труд на тема „ Активен пристап кон градителското наследство“. Во работните искуства се вклучени архитектонски, занаетчиски и уметнички студија. Покрај основањето на МАРХ и менаџирањето со страната, тековно е вработен во проектантско студио во Скопје. Останатото време му е посветено на повеќе области во полето на творештвото, додека во матичната сфера (архитектурата) се стекнува со самостојни и групни награди на домашни и меѓународни конкурси.