Играните телевизиски серии (и многу други формати на поп-културата) создадени на територијата на СФРЈ сè уште се сметаат за домашни до одреден степен од пошироката јавност (првенствено поради фактот што не е потребен превод кога се работи за пазарите на Србија, Црна Гора, БиХ и Хрватска) или регионални (иако овој термин опфаќа и нешто поширока територија, која понекогаш ја вклучува Албанија или Бугарија, на пример). Фокусот на овој текст ќе биде ставен на еден потесен пример на неодамнешните серии кои се карактеризираат и со соработката меѓу земјите од поранешна СФРЈ во уметничка и продукциска смисла и по нивната непосредна тематика, па можеме да ги сметаме за постјугословенски.
Кога станува збор за сериите во периодот по војните од 1990-тите, соработката беше воспоставена во првата деценија на 21 век, кога српските актери почнаа да „гостуваат“ во хрватските серии, првично претежно оние од жанрот теленовела, како што се „Љубовта во офсајд “ (Д. Пецкај Вуковиќ, 2005), „Гордоста на Раткаеви“ (М. Форетиќ, Ј. Свилар, Ј. Вељача, 2007) и „Законот на љубовта“ (Р. Мајетиќ, Ј. Вељача, 2008) или криминални, како што е „Заговор“ (Р. Мајетиќ, 2007). Со зголемувањето на квалитетот (но и квантитетот!) на играната телевизиска продукција, која го достигна својот врв во периодот од 2015 до 2021 година, особено кога станува збор за Србија (Даковиќ, Миловановиќ, 2021), беше остварена соработка и во неколку забележителни серии кои припаѓаат на категоријата квалитетнa [quality] или врвна [peak] ТВ. Иако квалитетот може да звучи како дискутабилна и индивидуална процена, во академска смисла, овој термин се однесува на серии кои, меѓу другото, се иновативни, ги надминуваат жанровските граници, се под влијание на наследството на филмската естетика и имаат одредено влијание врз општеството и поп-културата (Томпсон, 1997). Меѓу регионално најуспешните серии (ако зборуваме за гледаност, популарност, реакции на официјалните и социјалните медиуми, како и фестивалски награди, но и „извоз“ на странски пазари) се и оние во кои меѓудржавна соработка е остварена на повеќе полиња. како што се сериите „Беса“ (Т. Јордан, И. Стоименов, 2018), „Сенки над Балканот“ (Д. Бјелогрлиќ, 2017) и „Подрачје без сигнал“ (Д. Матаниќ, 2021). Серијата „Беса“, иако претставува исклучителен пример за широка меѓународна соработка (вклучувајќи и некои земји надвор од регионот), тематски се разликува бидејќи е од криминален жанр и не ги (пре)испитува директно вредностите, идеите и практиките на постјугословенството. „Сенки над Балканот“ и „Подрачје без сигнал“ ја обработуваат темата за пост-Југославија, од два сосема различни агли и жанрови – првата е псевдоисториска криминалистичка приказна, додека втората е современа социјална драма. „Сенки над Балканот“ се занимава со периодот меѓу војните од дваесеттите и триесеттите години на дваесеттиот век, а „Подрачје без сигнал“ се фокусира на денешницата, но со значајна референца на периодот на доцниот самоуправен социјализам.
Промовирана со слоганот историјата која не ни ја предаваа, серијата „Сенки над Балканот“ преку атрактивно дизајниран фиктивен криминален заплет, вешто комбиниран со историски, но и домашни псевдоисториски факти, концептуално сугерира дека првата Југославија (т.е. почетокот на Кралството СХС) уште во своите рани денови била политички многу опасна и запалива област, каде што се вкрстувале бројни внатрешни и надворешни интереси – и лични, деловни, партиски и државни, но и парадржавни, алудирајќи на улогата на меѓународните тајни друштва и мистериозни секти. Главниот град Белград е пресекот на драматични и мистериозни настани во кои, покрај локалното население, учествуваат и бројни поканети и непоканети гости од Босна, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Македонија, од ултрадесничарите, преку националистите/сепаратистите, до комунистите (да потенцирам, во тоа време во илегала). Се разбира, има и странски елементи, од бели Руси бегалци до пронацистички секти, во постојаното преплетување на фактите и фикцијата. Од тие причини, серијата доживеа голема популарност и доведе до отворање на многу теми во академската заедница, медиумите и на социјалните мрежи, а од друга страна предизвика и одредени негативни реакции кај претставниците на заедниците кои веруваа дека тие беа прикажани во негативно светло и дека тоа е фалсификување на историјата[1].
Во еден сосема поинаков уметнички и наративен клуч, „Подрачје без сигнал“ ја третира посттранзициската реалност низ реалистична драмска структура, на тој начин што, иако дејството се одвива на специфично (фиктивно) мало место во Хрватска, целата приказна и идеја целосно резонираат со реалноста во другите земји од регионот. Загубата на транзицијата, како и прилично храбрата споредба на песимистичките последици на денешниот либерален капитализам со оптимизмот на поранешниот самоуправен социјализам, се интересно обработени, без ефект на размислување или оптоварување на актуелните дневно-политички агенди. За разлика од „Сенки над Балканот“, каде што авторите немаат јасна идеолошка преференција (освен кога станува збор за ултрадесничарски и ултранационалистички организации, кои се прикажани во негативно светло), така што и тогашната ројалистичка влада и комунистичката опозиција се прикажани на двете страни на паричката, т.е. делумно критички, во „Подрачје без сигнал“ јасно се чита левичарската идеја. Сепак, на крајот немаме идеализирана презентација на можното решение преку враќање на стариот модел, односно преку неочекуван пресврт на сценариото, добиваме малку иронична изјава дека денешните поранешни вредности можат да се препознаат (и да се исплатат!) само преку уметничка практика, и токму онаа со која повторно управуваат капиталистички ориентираните креатори (етаблирани западни уметници и галеристи). Така, идеолошкото наследство станува буквално „последниот социјалистички артефакт“ (што е и насловот на серијата во странска дистрибуција – „Последниот социјалистички артефакт“), еден вид модерен споменик, но и горчлив потсетник за неизбежноста од прифаќањето на сегашниот систем.
Покрај тематиката, актерската екипа ги прави и двете серии постјугословенски: во „Сенки над Балканот“ имаме актери од Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Македонија, додека во „Подрачје без сигнал“ играат главно хрватски актери, со гости од Србија и Босна и Херцеговина (со тоа што би сакала да нагласам дека некои од актерите во двете серии се веќе во голема мера со регионален статус, односно поради честото вклучување во неколку земји, престануваат да имаат перцепција на „странци“), но и продукции и радиодифузери, благодарение на чија соработка и двете серии станаа пошироко достапни.[2]
Иако може да се помисли дека создавањето на споменатата серија, како и на некои други како што е серијата „Успех“ на ЕјџБиОу (М. Алчевски, 2019), е резултат на планирани и намерни напори на државни или невладини институции, сè уште се чини дека соработката дојде органски, како од деловно-практични причини (полесен пристап до средства, како и од поголем пазар за дистрибуција), така и од автентичната потреба за креативно поврзување на поединци од постјугословенските простори, за кои e сè поочигледно дека тие не само што делат заедничко минато, туку во голема мера и сегашноста. Ваквите примери во никој случај не треба да се читаат како промоција на југоносталгијата или обид за препишување на историјата и/или сегашноста, туку како природен и конструктивен одговор на предизвиците што геополитичката актуелност постојано му ги наметнува на нашиот регион.
- Литература и извори:
- Daković, N., Milovanović, A., „Meka moć Balkana“ (2021), časopis Kultura, 183/2021, Beograd.
- International Movie Data Base, www.imdb.com, pristupljeno 15. 5.2023.
- Joksimović, N. (2017) „Istorijske greške u Senkama nad Balkanom“, Dnevno. rs, https://www.dnevno.rs/istorija/istorijske-greske-u-senkama-nad-balkanom-sta-je-istina-a-sta-fikcija-u-prici-o-rusima-u-beogradu/, pristupljeno 15. 5. 2023.
- Tanasić, N. (2017) „Kulturna politika serije Senke nad Balkanom“, NSPM, http://www.nspm.rs/kulturna-politika/senke-nad-balkanom-ili-izmedju-sotre-i-holivuda.html?alphabet=l (pristupljeno 15. 5. 2023)
- Thompson, R. J. (1997) Television’s Second Golden Age: From Hill Street Blues to ER, Syracuse, NY: Syracuse University Press
Милена Квапил е режисер и креативен директор од Белград, со над дваесет години работно искуство во медиумската и рекламната индустрија. Моментално е на докторски студии по Теорија на драмски уметности, култура и медиуми на Факултетот за драмски уметности во Белград, во фаза на пишување на докторската дисертација на тема „Меката моќ на телевизиските серии: Србија 2015-2022“.
[1]Пред сè, мислам на реакциите на претставниците на руското малцинство кои ја осудија серијата поради наводното негативно прикажување на руската емиграција во периодот по Октомвриската револуција, и тоа: Јоксимовиќ, 2017, Танасиќ, 2017-
[2]Серијата „Подрачје без сигнал“ е хрватско-словенечко-српско-финска копродукција, премиерно прикажана на ХРТ на крајот на декември 2021 година, додека во Србија беше прикажана во 2022 година на националниот сервис РТС. „Сенки над Балканот“ беше во копродукција на Србија, Македонија и Босна и Херцеговина/Република Српска, а премиерно беше прикажана во 2017 година на РТС, а подоцна и официјално беше прикажана на ТВ станиците во Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.