Број 25
Balkan.Perspectives #25
Филмови и справување со минатото
Во ова издание на Балкански.перспективи го истражуваме филмот како моќен медиум за справување со минатото. Филмот ѝ овозможува на публиката да ги преиспита личните, културолошките и историските трауми, спомени и конфликти. Преку неговиот објектив, поединците и општествата можат да се соочат со тешки настани, да размислуваат за нивното наследство и да обработуваат емоции со кои можеби е тешко да се соочат директно. Филмаџиите користат наративи, симболика и визуелно раскажување на приказните во третирањето на сложените истории, без разлика дали тоа го прават преку историски драми, документарни филмови или лични приказни.
Во статијата Надвор од рамката: косовските и албанските претстави во југословенската кинематографија, Арбр Ќерка-Гаши го испитува влијанието на поедноставеното и исклучувачко раскажување приказни во филмовите и неговите трајни ефекти врз генерациите. Ќерка-Гаши се навраќа на непријатното чувство од гледањето на Бој на Косово (1989), кој ја прикажува историјата на Косово низ српски националистички објектив, исклучувајќи ги албанските перспективи и поткопувајќи го косовскиот албански идентитет. Филмот, како и другите филмови од таа ера, ги прикажува Албанците на редуктивен, еднодимензионален начин, засилувајќи ги штетните стереотипи и бришејќи го нивното историско присуство.
Во текстот на Аурела Кадриу, фокусот е на политичката моќ на раскажувањето приказни преку филмот, особено на документарниот филм Фран и Верка: Или обичен ден во напуштено село. Филмот го прикажува секојдневниот живот на Фран и Верка, последните жители на едно напуштено село во Косово, како чин на отпор против бришењето на маргинализираните приказни. Кадриу истражува како таквите „мали приказни“ ги предизвикуваат доминантните наративи на Балканот, кои често се поларизирани од војната и идеологиите на поделби, поттикнувајќи разбирање и единство во расцепениот регион.
Ален Шимиќ ја истражува врската помеѓу филмот, војната и меморијата, истакнувајќи ја двојната улога на филмот како уметничка форма и алатка за пропаганда. Текстот го критикува преголемото потпирање на поедноставените наративи во босанските воени филмови, каде ликовите често се сведуваат на жртви или негативци. Спротивно на тоа, ја фали автентичноста и емоционалната длабочина на личното и документарното раскажување приказни. Користејќи примери како Quo Vadis, Aida?, статијата тврди дека мешањето на личната и колективната воена траума во филмовите поттикнува подлабок ангажман на публиката и пореално портретирање.
Во статијата на Дино Мустафиќ, фокусот е на односот помеѓу филмот, меморијата и општествената трансформација, особено во повоена Босна и Херцеговина. Текстот нагласува како филмовите како Римејк и Грбавица се однесуваат на генерациската траума и општествените рани, користејќи интимни приказни за отпакување на пошироките историски наративи и промовирање на дијалогот. Мустафиќ ја нагласува улогата на уметноста како чувар на слободата и противник на пропагандата, нагласувајќи дека вистинскиот уметнички израз мора да се издигне над идеолошките агенди за да поттикне емпатија и разбирање.
Саша Илиќ го испитува сузбивањето на критичката уметност во Србија, фокусирајќи се на делата на режисерот Огњен Главовиќ, чии филмови навлегуваат во скриените злосторства од војната во Косово во 1999 година. И покрај тоа што филмовите, Длабочна два и Товар беа препознаени на меѓународната сцена тие се соочија со маргинализација, цензура и пропаганда управувана од државата, која ги означи како „антисрпски“. Илиќ нагласува како српскиот културен и медиумски апарат ги препакува или брише предизвикувачките наративи за да ги одржи националистичките митови и да го попречи значајниот јавен дијалог за воените злосторства.
Статијата на Ивана Матијевиќ истражува како филмовите од поранешните југословенски републики се соочуваат со проблематичното минато на регионот, користејќи ја кинематографијата за решавање на историските и националните трауми. Делата како Quo Vadis, Аида? и Дара од Јасеновац ја нагласуваат конкуренцијата околу жртвата, пресликувајќи ги пошироките политички и културни тензии кои продолжуваат да го обликуваат Балканот. Додека некои филмови храбро се соочуваат со злосторствата извршени од нивните народи, други се фокусираат на конструирање на националните идентитети вкоренети во колективното страдање.
Во написот на Тони Цифровски, истражени се неодамнешните македонски филмови кои се занимаваат со теми поврзани со младите, кои ги одразуваат општествените прашања и генерациските грижи. Преку вклучување на младата публика паралелно со поттикнувањето на пошироката општествена рефлексија, овие продукции го комбинираат смелото раскажување на приказните со впечатливите визуелни и моќни изведби за да се справат со неизбежните културолошки и емотивни прашања.
Возбудени сме што исто така можеме да ви ја претставиме нашата нова серија на поткастот на Балкански.перспективи. Може да ги слушате и преземате епизодите на нашата веб-страница, www.dwp-balkan.org или преку Spotify, Google Podcasts или Apple Podcasts. Посебна благодарност до нашите партнери, продукцискиот тим и нашите гости. Во Босна и Херцеговина им благодариме на Ален Ими и tačno.net; во Косово им благодариме на Косово 2.0 за поддршката во разговорот со младите филмаџии за историјата, семејните приказни и идентитетот; а во Србија, им благодариме на Ивана Матијевиќ и Лицеулице ФМ – РадиоАпарат.
Ова издание содржи регионален поткаст со Јаков Фенду, Аурела Кадриу, Ана Пејовиќ и Артан Садику, кои се заеднички се потрудија да ја истражат, предизвикаат и дискутираат на темата на ова издание – и многу повеќе.
Редакцискиот тим на Балкански.перспективи ви посакува пријатно читачко и слушачко искуство.
Во име на уредничкиот тим на Балкански.перспективи,
Мартин Филиповски
Главен и одговорен уредник
Импресум 25 – 01/2025
Главен и одговорен уредник: Мартин Филиповски
Редакциски тим: Мартин Филиповски, Вера Руљиќ, Златан Хајловац, Лука Тесеи ли Баси, Аулоне Каљиу
Автори: Арбр Ќерка-Гаши, Аурела Кадриу, Ален Шимиќ, Дино Мустафиќ, Саша Илиќ, Ивана Матијевиќ, Тони Цифровски
Поткасти: Босна и Херцеговина: Ален Ими за tačno.net; Косово: Косово 2.0; Србија: Драган Поповиќ радиоемисија; Лицеулице ФМ на Радио Апарат
Дизајн (насловна страница): Envinion
Превод: PLC Lingua (албански), Луна Ѓорѓевиќ (БХСЦ), Мартина Кимовска (македонски)
Лекторирање: PLC Lingua (албански/англиски), Зинаида Лакиќ (БХСЦ), Жанет Ристоска (македонски)