Уште пред 4-5 години, млад човек од Pro Peace (тогашен forumZFD) предложи заедно со оваа организација да се споиме и да правиме медиумски содржини. Ние, како Радио МОФ, како мал непрофитен и младински медиум со над 10-годишно искуство, веднаш прифативме, од причина што увидовме дека организацијата има намери што се приземни, искрени и одат во линија на здружување наместо разединување, на помирување наместо скарување, на соочување со конфликтите од минатото наместо нивно користење за нови поделби. Фино!
Тоа беше за пофалба, од причина што Радио МОФ е склон кон заедничарење, независно дали е тоа социјално, културолошко, мултиетничко, мултинационално… Фокус ни се граѓански иницијативи што носат позитивни промени во заедницата. Затоа и од новинарската фела добивме признание „Медиум на заедницата“. Оттука, ова беше повод да седнеме на маса со Pro Peace и да смислиме нешто заедничко. Причина плус да ја зајакнеме соработката меѓу медиумите и граѓанскиот сектор, да ѝ дадеме дополнителна вредност и, воедно, да размислиме како оваа соработка ќе донесе бенефит за иднината, за сите, не само за нашите годишни извештаи.
Оваа колумна, писание или како и да сакате да го наречете, е навраќање на она што досега го направивме заедно за да послужи како пример дека, ете, функционира таасоработка, дека можеме со заемни сили, капацитети, знаење и опрема – до нешто важно.
Што правевме?
Ако добро се сеќавам, први беа заедничките аудио поткасти за „Балкански перспективи“, регионално списание поддржано од Pro Peace. Новинарите добија задача да вклучат микрофон и да бидат водители, а темите, меѓу другите, беа за мировните движења во земјите на Западен Балкан, потоа за улогата на ЕУ во соочување со минатото, но и дека младите генерации, помеѓу другите актери, играат суштинска улога во градењето мир и процесите на помирување на локално, национално и регионално ниво. Воедно, посветивме и посебен поткаст со име „Никогаш војна повеќе“, низ призма на актуелната агресија врз Украина, а говоревме и за музеите и нивниот креативен потенцијал во помирувањето.
Она што на мое задоволство следно заедно го работевме, беше новинарската анализа: „Надминување на предрасудите од минатото преку ТВ, театар и музика“. На маса зборувавме дека сите овие се медиуми и, помалку или повеќе, помагаат да се подигне плуралноста и толеранцијата, ама и да се надминат стереотипите и етноцентричните наративи во популарната култура. ТВ серијата „Наше маало“, која се емитуваше од 1999 до 2004 година, и во неа зградата Кармен зборуваше, беше одличен пример за соживот и меѓуетничко разбирање низ пет телевизиски сезони. „Наше маало“ беше слика и прилика за разни маала во Македонија. Секој имаше некој сосед или другар од друга националност, што беше прикажано како предност, а не недостаток.
Во темата ја прикажавме и режисерката Драгана Гунин, која покрај на македонски, поставува претстави и на албански и на турски јазик, со цел театарот да искомуницира со публиката на подлабоко ниво. Исто така, еден од примерите за тоа како популарната култура нѐ зближува, е и музиката. Во Македонија вакви мултијазични примери, меѓу другото, претставуваат и албанско-македонскиот рок-бенд од Скопје – „Бла Бла Бла“, формиран во 1988 година, потоа пејачот Арбен Бени Шаќири со неговиот бенд, но и тетовскиот состав „Кепурдат“. Сите тие беа вредни да се споменат, ама и ние новинарите да се потсетиме дека се историска појава, важна и денес.
За следната рунда производи сакавме да излеземе од примарниот калап, па соочувањето со минатото да го врземе и со актуелни проблематики, преку серија написи.
Пишувавме текст со наслов „Децата да не ги прашуваме што сакаат да бидат, туку како ќе помогнат кога ќе пораснат“. Тргнавме од таа констатација – дека младите уште од мали треба да се учат да не прераснат во егоистични личности, туку нивната професија/дејност да се заснова на солидарност, проактивност, да има некаква цел, а потоа тоа да се трансформира во една колективна ангажираност за социјални, образовни, културни или воопшто меѓучовечки промени, меѓу кои и за помирување и справување со кршењето човекови права по вооружени конфликти, пред сè, прво на локално, па потоа на пошироко, национално ниво. Ако останеме единствено да вгнездуваме во главата дека е „битно да се работи нешто“ или да даваме ветер в грб на еднонасочен кариерен колосек, така само (до)даваме гориво на нефункционалната капиталистичка машина, која продуцира незаинтересирани, апатични и сервилни луѓе, но, од друга страна – и индивидуално затворени луѓе што трагаат по сопствен успех, во постојана бркотница по статус, без идеја и желба да се поврзат со потребите на локалната заедница. Така, се вртиме во круг, додека општеството е заглавено во сопствената неумешност да си помогне себеси.
Пишувавме и за корупцијата како секојдневие во Македонија. Почнува со кафе или торта до докторот на кој мама и тато му се „оддолжуваат“ за добро завршената работа кон детето, иако ја извршил основната дејност. Корупцијата ја има од предучилишна возраст до факултет, за „забрзување“ на образовниот процес. Ја има во полицијата, судството, политиката, ја има во плаќањето поволно место за паркинг, за да се положи испитот за возење, ја има и во давањето пиво на водоинсталатерот за да ја намести дома чешмата. Нивото е различно, во многу наврати доброволно, ама корупцијата е генерациски длабок проблем во хибридно-режимски земји, како Македонија. Корупцијата е влезена во традицијата, па истовремено е и колективен недостаток од минатото и бара ефективна едукација, сега и тука, но и здружено делување од граѓанските организации и медиумите за да се направи позитивен притисок врз донесувачите на одлуки. Затоа беше важно да се третира и оспорува корупцијата од аспект на соочување со минатото.
Последно, во 2025 година заедно со Pro Peace започнавме нов серијал видео поткасти „Балкански перспективи“. Професионалци од различни области во општеството говорат за нивните искуства и како последиците од конфликтот во 2001, Охридскиот рамковен договор и помирувањето, се отсликуваат во нивните професии. Почнувајќи од контроверзниот проект „Скопје 2014“ па сè до поделените јавни плоштади, првиот поткаст ја истражуваше улогата на архитектурата во колективната меморија, идентитетот и процесите на помирување. Во вториот, пак, Ана и Ристо, како младински работници, зборуваа како нивните врсници од различните етнички заедници денес се дружат, соработуваат и се разбираат. Се постави и прашањето „Ако светот стана поле за меѓугенерациско надмудрување, дали нашите млади ќе можат да ги надиграат нечистите игри на македонската политика?“.
Зошто е сето ова важно?
Преку самите медиумски производи се присетивме што значи соочувањето со минатото, но истовремено и дека избегнувањето на црно-белата перспектива, емпатијата и помирувањето, понекогаш се тешки борби на Балканов, место во чија историја се измешани солидарност и крвопролевање.
Мора да признаам, тоа им годеше и на новинарите. Беше добро искуствено навраќање, бидејќи ако новинарот сака да гради критички однос со некоја тема, најдобро е целосно да „рипне“ во неа. Уште кога работев во печатеното гласило „Утрински весник“ од 2010 до 2015 година, таму колегите ме учеа да одам на терен, земам изјави, зборувам со граѓани, пишувам за одредена тема, да ја осетам „однатре“, односно да им влегувам на луѓето „дома“, во нивните животи. Луѓе од различни националности и етникуми. Луѓе експерти, правници, доктори. Луѓе зналци. Луѓе растени со привилегии, ама и луѓе што останале на улица. Луѓе без работа. Луѓе со историски трауми. Луѓе без можност за социјални и здравствени услуги. Луѓе бегалци. Луѓе без родители. Луѓе со нарушено здравје. Луѓе со пречки во развој. Луѓе што не можат да фатат „врски“. Луѓе без никој на свет! Учев работи што не знаев дека треба да ги знам. Нивното животно искуство потоа да го пренесам на хартија, а потоа дополнително да го анализирам и коментирам.
Ова (беш)е важно, бидејќи потоа веќе имам изградено однос кон проблематиката и на прес-конференција знам да ги поставам вистинските прашања на вистинските луѓе за да има вистински помрднувања на темата, а не само голо нафрлање податоци, теории или демагогии. Исто важи и за поткастите, каде новинарите не се само држачи на микрофон или прашувачи на темите за соочување со минатото, туку го даваат тој критички осврт. Имаат потреба да дадат свој белег и импут, самите да се заложат за решение, наместо одржување статус-кво.
Ваквата надградба на новинарот е од исклучително значење тој да ја задржи релевантноста во очите на јавноста, особено во време кога има ерозија на довербата кон медиумите. Дел од медиумите и порталите си тераат свои правила и не го фермаат Кодексот на новинарите, прифатен од професионалната медиумска заедница, па тоа се одразува и врз нас. Плус, пропагандата и дезинформациите си го прават своето. Интернетот како општество нè демократизираше, секако, ама сфативме дека знае да биде валкан и не секогаш ги следи идеалите на Француската револуција. Во е-сандачето ни кажуваат дека сме „платеници“, „изроди“, „соросоиди“. Со тоа учиме да живееме. Тешко е, особено за младите, кои ретко сакаат новинарство или запишуваат студии – изминативе години по 4-5 луѓе низ факултетите во цела Македонија! А, во таква ситуација, кога снемува новинари, снемува и демократија во земјата.
Затоа е важно новинарите да ја враќаат довербата, меѓу другото, преку обработка на важни теми и соработка со граѓанскиот сектор и релевантните организации. А, доверливи и професионални медиуми – можат да направат клучни промени во земјите од Западен Балкан.
За крај, само ќе потсетам на една изјава од Иво Антов, вклучена во текстовите што ги објавивме со Pro Peace. Антов беше продуцент на популарната ТВ-серија „Наше маало“, многу влијателна и успешна во создавање врски и разобличување на предрасудите од минатото:
„Сето беше наменето за едукација и општо разбирање. Многу се забавувавме, а на целата таа генерација, гледам дека и самите актери влијаеја во своите околини. Цела генерација порасна со ‘Наше маало’ и тие луѓе се, сепак, формирани на поубав начин од овие што растат во ера на хејт и антихејт, воук и антивоук, кенсел и антикенсел, каде се истакнуваат поларитетите, а не заедничките работи“.
Бојан Шашевски