Никогаш не се случило

Кумановскиот договор никогаш не се случил. Планот на Ахтисари од 2007 година никогаш не се случил. Прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година никогаш не се случило. Договорот од Брисел од 2013 година никогаш не се случил. Новиот Бриселски договор од 2023 година никогаш не се случил. Средбата во Охрид, истата година, еден месец подоцна, никогаш не се случила. Од 1999 година до оваа 2024 година ништо не се случило. Војната сѐ уште трае. Барем така изгледа од гледна точка на Србија.

Да го земеме, на пример, минатогодишниот вооружен инцидент во Бањска, Косово. Вооружена група од Србија влезе во Косово. Убиени се четири лица. Точно знаеме кој ја предводеше групата од Србија; го имаме дури и нивното признание. Сепак, никој не одговараше ниту за недозволено поседување оружје ниту за четирите изгубени животи. Како е можно ова? Можно е затоа што војната сѐ уште трае. А во војна луѓето умираат, нели?

Во Србија времето стои. Се чини дека 1999 година ќе трае засекогаш. Ако, за жал, доживеавме драматично забрзување на историјата од 1991 до 1999 година, очигледно ништо не се случило оттогаш. Ова слепило за фактите – земете ги кои било факти што сакате, фактите поврзани со политика или фактите поврзани со криминал – не е само константа од периодот по 1999 година. Така беше и пред 1991 година, и во 1997/98 година кога почна војната на Косово.

Друг пример: во 1990 година ја имавме книгата „Косовскиот јазол: да се одврзе или да се пресече?“ (автори: Срѓа Поповиќ, Дејан Јанча, Тања Петовар, Иван Јанковиќ, Весна Пешиќ, Наташа Кандиќ, Светлана Слапшак). Од 1990 до 1997 година, имаше доволно време внимателно да се прочитаат тие 160-тина страници и да се развие поинаква „српска“ политика за Косово врз основа на сознанијата од таа книга. Тоа никогаш не се случи.

Авторите на книгата и на истражувањето, кои имаа за цел да ги утврдат фактите за ситуацијата во Косово, во суштина ги „разложија“ („разобличија“ би бил вистинскиот збор) еден по еден „митовите“ – овде „мит“ се однесува на измислена приказна – за „српската“, но всушност само на воено-хушкачката политика од тоа време: од протерувањето на Србите од Косово под притисок до Албанците кои масовно силуваат Србинки на Косово.

Еве ги фактите: „Достапната криминалистичка статистика покажува дека Албанците како извршители на кривични дела против Србите и Црногорците се недоволно застапени во однос на нивниот процент во населението (4,1% од сите пријавени дела против Србите и Црногорците им се припишуваат на албанските извршители)“; „Во однос на кривичното дело силување… прво, беше откриено дека и Албанците и Србите се појавувале како извршители на силувања во Косово во проценти што приближно одговараат на пропорционална застапеност на нивното население… и второ, дека Србите вршеле вакви кривични дело врз Србинките почесто отколку Албанците“ (стр. 25-26).

Заклучокот е следен: „Јасно е дека темата на притисоците беше инструментализирана, според наше мислење, со цел (1) да се создаде поддршка за спроведувањето на репресивните мерки; (2) да се создаде атмосфера за ограничување или укинување на политичката автономија на Косово; и (3) да се зајакне авторитарниот режим во Србија“ (стр. 26).

Всушност, авторите ја започнаа книгата со слична опсервација: „И емпириските истражувања и официјалните записи се исклучително ретки. Со оглед на важноста на ова прашање и значајното внимание на јавноста што тоа го привлече, веруваме дека овој парадокс заслужува своја сопствена процена. Овој недостаток на информации, според нас, се должи на фактот дека прашањето е целосно препуштено на политиката, пропагандата и агресивните групи за притисок.“

Авторите залудно се труделе, истражувале и давале докази, но нивните аргументи не можеле да ја надминат „приказната“ за српското мачеништво. Правните постапки и статистиката беа неубедливи за српската јавност. Имагинацијата на граѓаните на Србија во тоа време веќе беше заробена (или подобро – затворена) со слики од „случајот Мартиновиќ“ во 1985 година. Силуваниот Србин – всушност шеф на Културниот центар на ЈНА во Гнилане – кој го отелотворуваше страдањето на „Србите“ во Косово. Сликата на Миќа Поповиќ на „распнатиот“ Мартиновиќ и „предавничките“ Албанци под неговиот „крст“ изложена во излогот на улицата „Кнез Михаилова“ во Белград, ја засени разумната „мала книга“ од 1990 година.

Така беше во 1990 година: разумот немаше шанса против разгорените „национални“ страсти. Се криеше вистината за да започне војна. Така беше и по 1999 година: се криеше вистината за да се избегне излез од војната. Седум години, од 1990 до 1997 година, вистината стоеше пред жителите на Србија, но наместо да ја признаат, тие беа фиксирани на нивниот „авторитарен режим“. Скоро триесет и пет години, од 1990 до 2024 година, вистината стои пред народот на Србија, но наместо да се соочат со неа, тие, сепак, се фокусираа на истиот тој „авторитарен режим“.

И сè е очигледно: пред дваесет и пет години, прифаќањето на Кумановскиот договор беше, всушност, признание за предавањето. Читателите можат да погледнат што пишувало во Договорот од 3 јуни 1999 година; краток е и сами одлучете – дали е тоа „воено-технички“ (како што е насловен) договор или капитулација? Скептичните читатели можат да ја испитаат и Резолуцијата 1244 на Обединетите нации од 10 јуни 1999 година и сами да утврдат дали таа е уште еднаш потврда за капитулација или победа, како што тогаш договорот се толкуваше во поразената Србија.

Читателите од мојата генерација се сеќаваат на тие години, 1997 и 1998 година. Србија вриеше од бунтовни граѓани. Опозицијата во тоа време победи на локалните избори во 1996 година во градовите низ Србија. Крајот на 1996 година и почетокот на 1997 година беа обележани со масовни протести на улиците на Белград, Ниш и други градови. Жителите на Србија се изборија нивната изборна волја да биде препознаена и реализирана. Меѓутоа, до крајот на 1997 година и на почетокот на 1998 година, целиот тој опозициски импулс беше запрен. Мораше да се реши „Косовското прашање“.

Во февруари 1999 година, во Рамбуе, имаше можност да се постигне договор и да се запре војната во Косово. Српските претставници на средбата излегоа со официјални упатства од Собранието да не прифатат ништо и да не се договорат. Знаеме што се случи потоа. Операцијата на НАТО. Капитулација во Куманово. Резолуција 1244. А таа резолуција се повикува на предложениот договор од Рамбуе.

Исто како што косовскиот Устав од 2008 година во основа го вклучува целиот план на Ахтисари од 2007 година, на кој Србија одговори превентивно со преамбулата на нејзиниот Устав од 2006 година. Таа преамбула е уште еден пример за негирање на фактите и избор на лаги наместо вистина. Истиот план на Ахтисари ќе ѝ се врати на Србија во различни верзии на Договорот од Брисел (онаа од 2013 година и онаа од 2023 година).

Конечно, ќе биде додаден и како услов во преговорите за членство во Европската Унија. Седумнаесет години Србија го отфрла тој план, и веќе седумнаесет години постојано му се враќа редовно, при што Србија секоја година прифаќа еден по друг дел од него против своја волја. Иако сè уште официјално го отфрла, поточно, не го спомнува, како никогаш да не постоел.

Седумнаесет години, дваесет и пет години, триесет и пет години… – „Косовското прашање“ од српска гледна точка останува нерешено. Но, во реалноста, сè веќе се случи: наместо да го одврзе „косовскиот јазол“ како што предложија авторите во 1990 година, Србија реши да го пресече: со укинување на автономијата и употреба на вооружена сила. Ова доведе до избувнување на вооружен конфликт во 1997/98 година. Што доведе до капитулација во 1999 година. Што доведе до независност на Косово во 2008 година. Што доведе до договори со Косово како соседна држава во 2013 и 2023 година. Сето тоа се случи. И не мораше да се случи (особено војната и воените злосторства) доколку истиот „авторитарен режим“ тогаш и сега, не беше (намерно) слеп пред фактите.

Дејан Илиќ (1965, Земун) е уредник во издавачката куќа „Фабрика књига“ и редовен соработник на „Пешчаник“. Дипломирал на Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград, магистрирал на Родови и културолошки студии на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта и докторирал на истиот универзитет на Катедрата за родови студии. Меѓу другото, има објавено книги како „Транзициска правда и книжевна интерпретација: српскиот пример“ (2011), „Две лица на патриотизмот“ (2016) и „Србија во континуитет“ (2020).