Косовските бегалци во Македонија на почетокот на векот:

Замав на нишалото

Пролетта 1999 година, по репресијата на југословенските власти врз косовските Албанци и почетокот на НАТО бомбардирањето на Југославија, приближно четвртина милион Косовари побараа засолниште во Република Македонија. Бегалците беа претежно цивили од југот на Косово кои беа принудени од страна на државната полиција и паравоените групи да ги напуштат своите домови.[1] На теренот на северната македонска граница имаше стационирано хуманитарни агенции за помош во пресрет на бегалскиот прилив. Државните власти, сепак, беа малку понеподготвени за приливот бидејќи стравуваа дека тоа може да ја наруши деликатната меѓуетничка рамнотежа во државата.[2] Новоформираната влада се залагаше за подобра гранична контрола наспроти барањата на меѓународната заедница и локалните албански политичари да ги задржат границите отворени; потег кој требаше да овозможи брзо враќање на косовските Албанци во Косово.

Само неколку месеци пред овие настани, кон крајот на февруари 1999 година, УНПРЕДЕП – акроним што во превод значи Сили за превентивно распоредување на Обединетите нации – го завршија својот четиригодишен мандат откако Кина стави вето на нивното продолжување по македонското признавање на Тајван. Веќе во декември 1992 година, првите сили на мировните трупи на ОН за Југославија, УНПРОФОР или Силите за заштита на Обединетите нации, пристигнаа во Македонија за да ги надгледуваат нејзините слабо заштитени државни граници. Почнувајќи од 1995 година и формалниот крај на војната во Босна и Херцеговина, мировната мисија на ОН во Македонија беше преструктуирана како УНПРЕДЕП. Крајот на мандатот на УНПРЕДЕП  ги остави албанската, косовската и македонската граница поподложни на илегални преминувања и ја наруши безбедноста на македонските граѓани.

Филозофијата на работа на УНПРЕДЕП беше нешто посеопфатна од претходно и како и во другите југословенски републики, што дури беше и пионерски за стандардите на ОН според нејзиниот шеф Хенрик Ј. Сокалски, земајќи предвид дека се состоеше од „катализаторски активности“, имаше за цел унапредување на довербата во општеството, развивање на мрежата на граѓанското општество и општите институционални капацитети потребни за новата демократска ера; тоа значи подобро разбирање и спроведување на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските права.[3] Силното присуство на меѓународната заедница во државата, како и успешното избегнување на вооружени операции на почетокот на деценијата, ја создадоа сликата за Македонија како „оаза на мирот“ во регионот на поранешна Југославија.

Епизодата на приливот на косовските бегалци во тогашна Република Македонија се чини дека е еден од главните аргументи за „тезата за прелевање“ во врска со македонскиот конфликт во 2001 година, којашто е теза што ја разгледува casus belli надвор од државните граници на Македонија.

Сепак, имаше и други такви аргументи. Петифер и Викерс, на пример, го следат историјатот на македонскиот конфликт до гласините од раните 2000-ти за „Косовскиот Дејтон“ кој, наводно, ќе ги остави косовските Албанци без независност. Овие приказни беа поддржани од „влошените односи“ меѓу Косоварите и силите на НАТО по формирањето на администрацијата на Џорџ В. Буш.[4] Токму во овој контекст, македонската ситуација со малцинските права заглави, националистичката влада и слабите гранични контроли одеднаш обезбедија плодна почва за албанските радикални гласови кои се определија за воена кампања во Македонија како алатка за потиснување на евентуалното решение во кое Косово не би прогласило независност.

Во Македонија, од друга страна, тие тврдења често се поврзуваа со изјавата на Ослободителната војска на Косово од 1998 година дека нејзината крајна цел е ослободување на сите албански територии на Балканот, вклучително и делови од Македонија. ОВК не беше подложена на разоружување по Косовската војна (1998-1999), што овозможи обезбедување на „оружје, логистичка поддршка и стратегија“ на радикалите во Македонија, кои сметаа дека албанските политички елити не се во состојба да ги подобрат условите на Албанците во државата.[5]

Конфликтот во Македонија започна на 22 јануари 2001 година со герилскиот напад на полициската станица во близина на Тетово. Самонаречената Ослободителна национална армија (ал. Ushtria Ҫlirimtare Kombëtare, ОНА), група со ист албански акроним како ОВК, веднаш ја презеде одговорноста за двата напади. Настаните го изненадија македонското општество и политичките елити, па дури и двете најголеми албански партии во државата ги осудија активностите на ОНА на почетокот на 2001 година.[6] Нападите се случија непосредно по Договорот за демаркација на границата меѓу Македонија и Србија во почетокот на 2001 година, осуден од косовските политичари, и формалниот крај на непријателствата во областа Прешево во Јужна Србија, во ноември 2000 година.

Серијата настани во 1999 година – почнувајќи од крајот на мандатот на УНПРЕДЕП до бомбардирањето на НАТО на Југославија, косовските бегалци во Македонија и крајот на војната во Косово – како резултат на тоа навестуваат дека оваа година била критична за „замавот на нишалото“ на внатрешната социјална и политичка динамика во Македонија: од предводник на стратегиска мирна интеграција до држава на работ на граѓанска војна.[7]

Наум Трајановски,

Факултет по социологија, Варшавски универзитет


[1] Мајкл Бруин, Истражување на косовските бегалци во Македонија, мај-јуни 1999 година, во Геополитика на гладта 2000-2001 година (Боулдер и Лондон: Лин Риенр Публишерс, 2001).

[2] Даниел Крчмариќ, Бегалски текови, односи на етничка моќ и ширење на конфликти, Безбедносни студии кн. 23, бр. 1 (2014): 182-216.

[3] Хенрик Ј. Сокалски, Грам спречување: Македонија и искуството на ОН во превентивната дипломатија (Вашингтон: Печатница на Институтот за мир на Соединетите Американски Држави, 2003)

[4]Џејмс Петифер и Миранда Викерс, Албанското прашање: Преобликување на Балканот (Лондон и Њујорк: IB Tauris, 2007), 249.

[5]Роберт Хислоп, „Помеѓу лошиот мир и добрата војна: увиди и лекции од скоро за војната во Македонија“, Етнички и расни студии кн. 26, бр. 1 (2003): 129-151.

[6]Видете ги, на пример, извештаите од прва рака дадени на странски новинар во: Ришард Блиски, Łuni nad Tetovem (Варшава: Towarzystwo Polsko-Macedońske, 2002), 24-25.

[7] Лидија Георгиева, Од идеја кон култура за превенција на конфликти, Годишен зборник на Филозофскиот факултет кн. 54 (2004): 473-484.