На 28 април годинава, група делегации од Одборот за бранители, Министерството за одбрана, Армијата, МВР и неколку политички партии, го одбележаа убиството на осумте припадници на безбедносните сили што се случи во 2001 година помеѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина. По настанот, делегациите ја подигнаа таблата со имињата и фотографиите на убиените кај Вејце, ги зедоа со себе и упатија порака за заштита на спомен-обележјата, кои во текот на претходните години беа демолирани само неколку часа по поставувањето. Овој настан е само еден од многуте вакви случаи на поврзување на одредена локација со етничката или верска група што го населува тој простор, а, со тоа, и ексклузивното право на местата на паметење, ритуалните празнувања и поставувањето симболи. Сите студии за мемориските активности поврзани за 2001 година во денешна Северна Македонија ја потврдуваат оваа динамика, а речиси и да не постојат случаи што сугерираат преиспитување или надминување на оваа логика. И во главниот град, Скопје, мемориски симболи – како споменици и имиња на улици и населби и перформанси – како јавни комеморации и фестивали, се употребуваа и сè уште се употребуваат со цел маркирање простор и креирање симболички и физички граници помеѓу различните етнички и верски групи.
Иако, не нужно, овој тип настани поврзани со сеќавањата за 2001 година се доживуваат како насилни чинови кон луѓе од страна на властите и јавните општествени чинители (а, и такви, за жал, имаше неколку во текот на изминативе две децении), во теоријата, нападите на спомен-обележјата се третираат како посебен вид насилство, односно како дел од таканареченото насилство поврзано со јавни комеморации (commemorative-related violence). Овој аналитички концепт за првпат беше промовиран во Северна Ирска во текот на 2000-тите, како обид за поимање на актите на агресија што се пропратни на некој комеморативен настан, вклучувајќи напади на споменици и мурали и, особено, ескалација на јавни комеморативни поворки. Оттогаш, повеќе автори го толкуваат овој феномен на различни начини: како обиди за јавно покажување на културата на насилство, што обично се поврзува со историјата на локалните конфликти, но и како начин да се делегитимизира мировниот процес во дадениот контекст. Според овие гледишта, комеморативните настани се толкуваат како сцена којашто придонесува кон манифестирање заедништво и групна кохезија, но и радикализирање преку артикулација на пораки на омраза.
Балканот, за жал, изобилува и со случаи на ескалации на јавни комеморации, било како настани коишто резултираат со насилство од страна на учесниците, како настани што провоцираат насилство од други групи или како настани што се проследени со чинови на демолирање на спомен-обележја. Еден од најилустративните истражувачки проекти во овој контекст, FRAMNAT, анализираше седум комеморативни настани во Хрватска поврзани со Втората светска војна и Југословенските војни од 1990-тите. Во однос на нашата тема, проектните истражувачи открија дека употребата на милитантен дискурс од страна, главно, на политичките елити за време на комеморативните настани, води кон процес на мобилизирање гласачи преку рекреирање на некои воени тропи и рамификации. Постојат многу други слични случаи на насилство поврзано со јавни комеморации, каде што различни етнички и верски групи играат улоги на жртви и агресори. Без да одиме премногу далеку, општо место се проблематизираните прослави на етничките Македонци во Грција и Бугарија, но и насилството од страна на Македонци – симболичко и физичко – врз одредени места на паметење врзани со поинакви етнички или политички конотации, како што е случајот со чествувањето на Мара Бунева во Скопје, речиси секој јануари од 2001 година.
Имајќи ја предвид оваа позиција, во рамки на истражувачкиот проект CONNEKT: Contexts of Violent Extremism in MENA and Balkan Societies, се обидовме да разбереме како комеморативните настани поврзани со конфликтот од 2001 година влијаат врз младите во Северна Македонија, поточно – во однос на нивните перцепции за минатото, за меѓуетничките односи во државата, но и за конфликтот од 2001 година и постконфликтната политичка и општествена динамика. Се фокусиравме на Тетово, како град што беше на линијата на фронтот на почетокот на конфликтот и во чијашто најблиска околина се случија некои од најтрагичните епизоди поврзани со конфликтот. Уште повеќе, во Тетово и Тетовско се одржуваат и некои од клучните комеморативни настани поврзани со 2001 година, од двете страни во конфликтот: од една страна – загинувањето на припадниците на безбедносните сили кај Вејце, Карпалак, Челопек, Ратае, Гајре и на тетовското кале; а од друга страна – обележувањата на почетокот на оружениот судир од страна на ветераните на ОНА и ДУИ во Шемшево, како и комеморирањето на албанските цивилни жртви во Џепчиште и Порој. Во 2005 година, во селото Селце, тетовско, се отвори и меморијалниот комплекс посветен на 112. бригада „Мујадин Алиу“ на ОНА.
Без никаква намера да се релативизираат историските факти поврзани со 2001 година, нашата истражувачка идеја беше да се разговара со младите од двете етнички заедници, во формат на фокус групи, со цел да се добие увид како комеморативните настани и, особено, насилството поврзано со јавни комеморации, влијае на нивните перцепции и светогледи. Четирите фокус групи беа организирани во февруари 2022 година, со генерација тетовчани што се родени по 2001 година: две со македонски, а две со албански групи млади. Сумирано и накусо, некои од клучните заклучоци се однесуваа на перцепциите за 2001 година. Младите од двете етнички групи речиси едногласно ја осудуваат ескалацијата од 2001 година и ја поимаат како анахрона, својствена за други, постари генерации – перцепција што може да се сумира со паролата „не треба да живееме во минатото“. Овие перцепции за оружениот судир се особено интересни од аспект на потенцијалите за мирна меѓуетничка соработка и соживот. Па така, осудувањето на 2001 година во случајов функционира како премостувачки капитал (bridging capital), којшто би можел да овозможи подобра иднина врз база токму на немањето директни сеќавања за настаните од 2001 година. Слични студии посветени на други градови во државата, доаѓаат до слични заклучоци: во Куманово, на пример, младите од 15 до 35 години имаат поголем премостувачки капитал од постарите генерации поради отсуството на директни сеќавања од Југословенските војни и конфликтот од 2001 година во Македонија.
Сепак, фокус групите ни помогнаа да воочиме некои различни толкувања поврзани со 2001 година: насилството поврзано со јавни комеморации е исклучиво толкувано од етничка перспектива, со тенденција да се обвини „другиот“ – другата етничка или верска група – за сите инстанци на насилно однесување, провоцирање и демолирање. Иако, повторно, постои слична опсервација дека мали групи стојат зад насилството поврзано со комеморативните настани, сепак, постои и силно предубедување дека историјата на својата етничка група не е доволно разбрана од страна на сограѓаните од другите етнички и верски групи. Сепак, двете фокус групи покажаа дека двете групи млади препознаваат различни причини зад овие ескалации: па така, според албанските младинци – овие разлики се резултат на економски и политички дискрепанци, додека македонските младинци посочија идентитетски теми како клучни за различните толкувања. Заклучно, и покрај сличната оптика за конфликтот и начинот на кои се разгорува насилството поврзано со јавни комеморации, јазот меѓу двете групи се јавува штом се загатне поширокиот контекст, којшто, пак, носи и сериозна опасност по премостувачкиот капитал на младите.