Кога жените владеат, мирот трае – најчесто велат говорниците на меѓународните конференции кога зборуваат за родовите прашања и мирот. Но, во пракса, ниту жените владеат (со оглед на нивната мала застапеност во политиката), ниту е мирот траен. Сведоци сме на постојаното избивање конфликти во различни делови од светот и во секој од нив најголеми жртви се жените и децата. Светската организација ја препозна потребата од создавање рамка која ќе обезбеди вклученост на жените во мировните процеси и ќе ги наведе државите кон наоѓање механизми за превенција и за справување со последиците од воените конфликти. Затоа во Октомври 2000-та, Советот за безбедност на Обединети нации ја донесе Резолуцијата 1325 со која се бара сите актери во конфликт да ја вклучат родовата перспектива. Оваа Резолуција се темели на четири главни столбови: Превенција, односно фокус на спречување на сексуално и родово насилство и свесност за родовата еднаквост во системите за спречување конфликти и рано предупредување. Ова вклучува и спречување на сексуална експлоатација од страна на војниците, како и кривично гонење на прекршителите; Заштита која се однесува на подобрување на безбедноста на жените, физичкото и менталното здравје, економската сигурност и правната заштита; Учество кое значи зголемување на бројот на жени во мировните процеси и на сите нивоа на институционално одлучување, меѓу кои и во телата на ОН; и Помош и закрепнување кои треба да обезбедат рехабилитација, реинтеграција и поствоено адресирање на специфичните потреби на жените и девојките. ОН направија и Интерагенциска работна група за жени, мир и безбедност, која ја предводи специјален советник за родови прашања, со цел да се осигура дека сите членки ќе преземат чекори кон имплементација на овие практики.
Балканот со години беше тресен од крвави војни и конфликти кои оставија длабоки трауми на народите кои живеат тука. Соочени со предизвикот да ги обноват стабилноста, економијата и инфраструктурата, но и да ја променат колективната свест, балканските држави во постконфликтниот период, доживеаја длабоки социјални, политички и институционални трансформации. Сепак, две и пол децении подоцна, во неколку сегменти не е постигната посакуваната промена. Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора ја ратификуваа Резолуцијата на ОН и изготвија национални акциски планови. Подоцна, истото го направија и со Истанбулската конвенција од 2011-та на Советот на Европа, која, исто така, претставува значаен меѓународен инструмент за спречување и борба против насилството врз жени и семејното насилство. Во меѓувреме, секоја од државите работеше на дополнителна легислатива за усогласување со овие меѓународни норми, а граѓанскиот сектор беше активен и поддржан од меѓународната заедница, што дополнително го зголеми притисокот врз властите. Во постконфликтниот период, справувањето со сексуалното насилство за време на војната стана централно прашање, особено во Босна и Херцеговина и Косово. Владите, под притисок од меѓународните организации и групите на преживеани, воведоа правни механизми за признавање на жртвите од силување како цивилни жртви на војна. Ова признавање им овозможи на жените пристап до финансиска компензација, здравствена заштита и социјални бенефиции. Специјализираните комори за воени злосторства и соработката со меѓународните трибунали придонесоа за гонење на некои сторители, испраќајќи важна симболична порака дека сексуалното насилство повеќе нема да се третира како неизбежен нуспроизвод на војната. Сепак, и покрај овој напредок, многу жртви сè уште се соочуваат со стигма, социјална исклученост, долги правни процеси и ограничен пристап до правда.
Напредокот кој го постигнаа балканските држави е различен во секоја држава, но она што сите анализи го нотираат како голем проблем во секоја од овие држави, е недовербата во институциите.
Северна Македонија има закон за превенција и заштита против насилство врз жени и домашно насилство, кој ги обврзува институциите на системот да ги заштитат жртвите. Законот донесен во 2021 и дополнет во 2025 година претпоставува и зајакнување на улогата на жените внатре во државните институции. Отворени се локални засолништа и сервиси за поддршка и се прават обиди за обезбедување безбедно живеалиште за жени и деца жртви на семејно насилство. Она што меѓународните тела го забележуваат како најголем недостаток, е континуитетот и дупки во имплементацијата во делот на пристапност до сервисите и, секако, недовербата во институциите.
Косово правеше правни и стратешки рамки за прилагодување со Резолуцијата и со Истанбулската конвенција, вклучувајќи криминализација на семејно насилство, но првиот закон за превенција на насилство против жени и семејно насилство е донесен во 2023 г. со помош на ОБСЕ. Косово изготвува национални планови, но забележителна е неусогласеноста со европските стандарди, нешто што е дополнително отежнато поради недостатокот на формализирано членство во Истанбулската конвенција. Недовербата во институциите постои, а довербата ја добива невладиниот сектор. Невладините организации за жени силно се залагаат за заштита на правата на жената, работат на соочување со минатото и обезбедуваат сервиси за физичко и ментално здравје на жените.
Србија има национални акциски планови, учествува во меѓународните тела и прави напори за подобрување на сервисите, но сепак невладините организации се покажуваат како поефикасни кога се работи за адвокатура на женските права, но и за заштита и поддршка на жени жртви на сексуално насилство за време на војна и родово базирано насилство. ОБСЕ во своите истражувања нотира константна висока перцепција за насилство и ниски стапки на пријавување – последица на недовербата во системот. Она што се истакнува како особено загрижувачко, е недоволниот капацитет на системот за кривична правда.
Босна и Херцеговина е првата држава во Регионот која усвои акциски план по Резолуцијата во 2010-та и оттогаш имплементираше неколку генерации од овие планови. Направена е Агенција за родова еднаквост која ја води и мониторира имплементацијата низ административните ентитети. Акционите планови придонесоа за зголемување на бројот на жени во полицијата, војската и мировните мисии, но и покрај овој прогрес, жените остануваат недоволно застапени на лидерските позиции. Забележителен проблем е нееднаквата имплементација на сервисите за заштита помеѓу ентитетите и кантоните.
Албанија го донесе првиот национален акциски план во 2018-та и оттогаш активно соработува со меѓународниот фактор за стратегии поврзани со заштита на жени и за борба против родово базирано насилство. Зајакнување на таа соработка е особено забележително во последниве неколку години поради отворениот пат кон ЕУ. Нотиран е трудот на Албанија кога станува збор за кампањите за подигнување на свеста за улогата на жената. Најголеми предизвици, освен недовербата во институциите, се недостатоците во системот на заштита. И покрај постоењето на потребната легислатива, услугите на социјалните сервиси не ги задоволуваат потребите.
Црна Гора донесе неколку акциски планови во низа и ја присвои родовата перспектива во институциите, со што постигна зголемено учество на жени. Сепак, и покрај напорите да се постигне истото и во безбедносниот систем и мировните операции, учеството на жените во процесите за одржување на мирот останува значително ниско. Најголем предизвик се јазовите во имплементација на акциските планови, но и нотирани се проблеми како трговијата со луѓе, кои бараат поврзан и интегриран систем на тела за легалната реформа да почне да дава резултати.
Напредокот кој го постигнаа балканските држави е многу значаен, но недоволен. Добрата легислатива не се отсликува целосно во пракса. Иако е зголемен бројот на жени во армиите, сепак останува голем јаз во лидерството, односно во кариерниот напредок на жените во безбедносните структури. Општествената стигма, патријархалните норми и политичкиот отпор ја ограничуваат ефективноста на реформите, особено во руралните средини и помалите градови. Најголем предизвик за балканските држави е системот за заштита од семејно насилство, што се гледа и во бројот на фемициди кои се случуваат во Регионот. Според анализите на телата на ОН, балканско „жариште“ е Србија со константно високи стапки на фемициди, а веднаш зад неа се Северна Македонија и Албанија. Во најголем дел од случаите, извршителот е интимен партнер или член на семејството. Невладините организации кои се занимаваат со ова прашање, забележуваат дека природата на родова стереотипизација и предрасуди внатре во институциите е многу присутна, особено во судскиот систем и во многу случаи е забележано стереотипно резонирање од страна на судиите. Потребна е силна политичка волја, поголеми институционални напори и колективно созревање за да се променат овие состојби на Балканот, во спротивно, усвоените резолуции и закони ќе останат само убави желби на хартија.
Кристина Атовска




