Број 24
Balkan.Perspectives #24
Патот до помирување: справување со минатото во Западен Балкан
Ова издание на списанието Балкански.перспективи разгледува една широка и разновидна тема: помирувањето преку комеморација и одбележување на минатите настани кои оставија вечен печат во општествата на земјите од Западен Балкан. Справувањето со наследството на војната и конфликтот се покажа како тешка тема за продуктивна дискусија и потрага по вистината. Балканските војни од 1990-тите оставија длабоки лузни, а воените злосторства и етничкото чистење ја извалкаа колективната меморија на регионот. Решавањето на овие историски незадоволства е клучно на патот кон помирување. Напорите на институциите како што е Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) одиграа клучна улога во барањето правда. Сепак, овие напори често се соочуваат со отпор од националистичките фракции и населението кое не сака да се навраќа на болните спомени. Локалните иницијативи насочени кон поттикнување дијалог и постигнување на разбирање помеѓу различните етнички групи многу ветуваат. Локалните движења и невладини организации неуморно работат на премостување на поделбите, но има недостаток на политичка волја.
Миришахе Сила за ова издание на Балкански.перспективи пишува „Порано велевме: ’Среќа што бевме деца за време на војната’, чувство што се споделува меѓу нас сестрите, сега возрасни, додека размислуваме за неприродноста и суровоста на војните. Тоа е остро сфаќање на најгрдата форма што може да ја преземе човечката моќ“.
Овој цитат ни служи како моќен потсетник дека војната и нејзините последици се неизбежен дел од животот, што го зема својот данок подоцна во зрелоста. Размислувајќи како возрасна, таа го сфаќа длабокото психолошко влијание на војната и болното сознание дека траумата од војната се задржува долго по престанокот на борбите. И Наум Трајановски пишува за бегалската криза на Косово во 1999 година во тогашна Република Македонија, како и за ефектот на прелевање. Околу четвртина милион косовски Албанци побегнаа во Македонија поради југословенската репресија и бомбардирањето на НАТО. Оваа бегалска криза ја наруши меѓуетничката рамнотежа и безбедноста во Македонија, особено по повлекувањето на мировните сили на УНПРЕДЕП, кои промовираа социјална доверба и граѓанско општество. Мерима Ражаница, од друга страна, пишува за меморијалните практики кои играат клучна улога во постконфликтните општества, навраќајќи се на нивната конфронтација со военото минато и обликувањето на идните идентитети. Опсадата на Сараево, најдолгата опсада на главниот град во модерното војување, забележа значителни цивилни жртви, а нејзиното споменување открива социо-политичка динамика и напори за градење на идентитет. Хикмет Карчиќ размислува за предложената Резолуција на Обединетите нации за геноцидот во Сребреница, закажана за средината на мај, која означува клучен чекор во признавањето и одбележувањето на овој трагичен настан. Иако Резолуцијата нема директни правни последици, таа има симболично значење со признавањето на геноцидот и истакнувањето на посветеноста на меѓународната заедница за зачувување на споменот на жртвите. Дејан Илич од Србија ја дава својата перспектива за нерешеното „Косовско прашање“ од 1990 до 2024 година, истакнувајќи го континуираното негирање на фактите и фиксација на „авторитарниот режим“. Тој ги разгледува клучните настани како што се Договорот од Куманово, планот на Ахтисари, прогласувањето на независност на Косово и разните договори со Косово, нагласувајќи го одбивањето на Србија да ги признае овие случувања. Јелена Лончар го разгледува Кумановскиот договор врз основа на институционалните реформи и насоките за соживот во Косово по договорот, што доведува до тековните тензии и нерешени прашања. Таа го критикува промовирањето на националистичките наративи од страна на властите и во Србија и во Косово, за кои верува дека ги продолжуваат поделбите и го спречуваат значајното помирување. Агон Малиќи прави внимателна анализа на предизвиците со кои се соочуваат ангажманите за градење на мирот по конфликтите како оној во Косово. Тој повлекува паралели помеѓу неговите искуства на Балканот и увидот од другите конфликтни региони, истакнувајќи ги заедничките теми на колективниот идентитет, историските незадоволства и надворешните безбедносни рамки. Извештајот на Албан Бокши за оживувањето на етнонационализмот во Западен Балкан нуди сеопфатна анализа на предизвиците што ги поставуваат историските наративи во продолжувањето на конфликтот и поделеноста во регионот. Потпирајќи се на заклучоците од филозофијата и политичката теорија, Бокши навлегува во комплексноста на колективната меморија, формирањето на идентитетот и манипулацијата со историјата од страна на политичките лидери.
Имаме и нова серија на поткасти на Балкански.перспективи за вас. Како и обично, можете да ги слушате и преземате поткастите преку нашата веб-страница www.dwp-balkan.org или преку услугата за стриминг што ја претпочитате како Spotify, Google Podcast или Apple Podcast. Би сакале да им се заблагодариме на нашите партнери, продукцискиот тим зад и пред микрофоните и нашите гости кои придонесоа за поткастите. Во Босна и Херцеговина им благодариме на Нихад Крешевљакович и tačno.net. Во Косово им благодариме на Сербезе Хаџиај и Албан Боши. Во Северна Македонија им благодариме на Радио МОФ и на Дејвид Гир. Во Србија им благодариме на Драган Поповиќ и Лицеулице ФМ – Радио Апарат. За ова издание на списанието, со задоволство го најавуваме нашиот регионален поткаст, подготвен од Радио МОФ во Северна Македонија со нашите гости говорници Наум Трајановски, Лејла Гачаница и Софија Тодоровиќ.
Редакцијата на Балкански.перспективи ви посакува пријатно читачко и слушачко искуство.
Во име на уредничкиот тим на Балкански.перспективи,
Мартин Филиповски,
главен и одговорен уредник
Импресум 24 – 07/2024
Главен и одговорен уредник: Мартин Филиповски
Редакциски тим: Мартин Филиповски, Вера Руљиќ, Александар Војвoда, Златан Хајловац
Автори: Миришахе Сила, Наум Трајановски, Дејан Илич, Јелена Лончар, Агон Малиќи, Албан Бокши, Мерима Ражаница, Хикмет Карчиќ
Поткасти: Босна и Херцеговина: Нихад Крешевљаковиќ за tačno.net; Косово: Албан Бокши за форумЗФД Косово; Северна Македонија: Радио МОФ; Србија: Драган Поповиќ радиоемисија „Лицеулице ФМ на Радио Апарат“
Дизајн (насловна страница): Envinion
Превод: PLC Lingua (албански), Луна Ѓорѓевиќ (БХСЦ), Мартина Кимовска (македонски)
Лекторирање: PLC Lingua (албански/англиски), Зинаида Лакиќ (БХСЦ), Жанет Ристоска (македонски)