Планираното усвојување на Резолуција на Обединетите нации за геноцидот во Сребреница, закажано за средината на мај оваа година, претставува клучен чекор кон глобалното признавање и одбележување на овој трагичен настан од минатото кое сè уште може да се третира како неодамнешно. Иако самата резолуција не носи директни правни последици, таа игра фундаментална улога во симболичното и декларативно признавање на злосторството и ја покажува подготвеноста на меѓународната заедница соодветно да го зачува споменот на жртвите на геноцидот. Со усвојувањето на оваа резолуција, Обединетите нации се приклучуваат на други значајни меѓународни институции како што се Европскиот парламент и Конгресот на Соединетите Американски Држави, кои веќе имаат усвоено слични резолуции. Овој вид на колективно признавање испраќа длабока порака за потребата од трајно сеќавање на жртвите и важноста да се учи од грешките од минатото за да се спречи повторување на слични злосторства.

Судски утврдени факти

Кога станува збор за Сребреница, за кривично дело геноцид се осудени дваесет и едно лице пред домашните и меѓународните судови до денес. Пресудите содржат опсежни и детални анализи за нивното учество во геноцидот, поткрепени со докази кои обезбедуваат увид во организацијата, намерата, масовните егзекуции и прикривањето на доказите по егзекуциите. Доказите беа собрани од теренот, локациите каде што беа убиени Бошњаците и каде што беа закопани нивните останки, од записите и архивите на локалните и повисоките (пара)воени и политички структури, од сведоците кои ги преживеаја пукотниците, но и од сторителите кои го признаа своето учество во геноцидот, меѓу другите извори. Резолуцијата пред Генералното собрание на ОН се заснова на овие пресуди, а нејзиното усвојување би значело сумирање на заклучоците од пресудите напишани на правен јазик и истовремено повикување на воспоставување образовни програми за различни возрасни групи кои вклучуваат содржина за геноцидот во Сребреница. Потребно е правниот јазик да се „преведе“ во содржина што е директна и разбирлива за читателите за да се подигне свеста за фактите во врска со геноцидот, на што индиректно се повикува резолуцијата.

Кои се примерите на слични резолуции на ОН во минатото?

Со Резолуцијата A/RES/58/234, усвоена на 23 декември 2003 година, се прогласи 7 април за Меѓународен ден на комеморација на геноцидот во Руанда.[1] Во Руанда, на пример, процесите на одбележување и едукација за геноцидот од 1994 година се клучни за националното и меѓународното признавање на геноцидот. Моделот на Руанда вклучува изградба на меморијални центри и изготвување на едукативни програми за геноцидот, што може да послужи како модел за слични иницијативи по евентуалното усвојување на резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Интересно е што Руанда е еден од двајцата главни предлагачи на резолуцијата. Друг сличен пример за таква резолуција е Резолуцијата за сеќавање на холокаустот, усвоена на 1 ноември 2005 година, од страна на Генералното собрание на ОН, кое го прогласи 27 јануари за Меѓународен ден на комеморација во спомен на жртвите на холокаустот.[2] Двете споменати резолуции ја нагласуваат неопходноста од зачувување на сеќавањето на жртвите на најтешките злосторства од модерната историја, пренесувањето на фактите за злосторствата утврдени со судски и историски докази со цел да се спречи негирањето и ревизионизмот, како и важноста да се научи за овие злосторства во рамките на образовниот систем. Во овој контекст, на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница може да се гледа како на продолжение на придонесот на ОН за транзициската правда во врска со ова и најтешките злосторства од минатиот век. Таа ја потврдува континуираната (декларативна) посветеност на меѓународната заедница да учи од историјата и да гради култура на мир и ненасилство. Сите овие резолуции, заедно со онаа за Сребреница, покажуваат постојан меѓународен ангажман преку кој се гарантира дека злосторствата на геноцид не се забораваат. Исто како и Сребреница, признавањето и споменувањето на геноцидот во Руанда и глобалната осуда на негирањето на холокаустот, се клучни чекори во глобалниот одговор за спречување идни злосторства против човештвото. Од суштинско значење е да се нагласи дека секое злосторство започнува со зборови, имено создавање наратив за „другиот“ и дехуманизација на жртвата. Затоа, неопходно е да се повика на спречување на негирање на овие злосторства и подигање на свеста за утврдените факти преку едукација.

Европскиот парламент и американскиот Конгрес, кои претходно усвоија слични резолуции, значително придонесоа за глобалното признавање на геноцидот во Сребреница, што отсликува сличен меѓународен одговор на геноцидот во Руанда. Овие резолуции ги зајакнаа меѓународните ангажмани за соочување со геноцидите и злосторствата против човештвото, барем на териториите на земјите каде што беа усвоени.

Овие меѓународни иницијативи, кои вклучуваат широк спектар на едукативни и меморијални активности, покажуваат како учењето од минатото и зачувувањето на сеќавањето на трагедиите може да игра клучна улога во градењето траен мир и глобална стабилност. Тие нè потсетуваат дека секој чин на признавање на геноцид, без разлика на географската или временската оддалеченост од настанот, е важен чекор во борбата против негирањето на злосторствата и против историскиот ревизионизам. Како што секое масовно злосторство започнува со зборови, спречувањето на злосторствата мора да започне со зборови – не само со спротивставување на говорот на омраза, туку и со негова доминација и со создавање на наратив кој промовира мировни вредности.

Што се постигнува со Резолуцијата, а што не?

Со усвојувањето на Резолуцијата, Обединетите нации не само што ги признаваат страдањата на жртвите, туку и демонстрираат глобална посветеност за зачувување на сеќавањето на геноцидот во Сребреница. Ова не е само декларативен гест, туку значајна обврска преку која се гарантира дека злосторствата како оние во Сребреница и Руанда никогаш не се забораваат и дека од нив ќе се извлечат поуки за идните генерации. Иако, како што претходно беше споменато, оваа резолуција нема правна сила во однос на последиците, од суштинско значење е да се разберат другите видови на импликации: симболиката, особено за преживеаните и основата за идната глобална култура на сеќавање во однос на геноцидот во Сребреница, која вклучува борба против негирањето, подигање на свеста за фактите за геноцидот, разбирање на неговите последици и развивање на механизми за негово спречување. Заедно со сите споменати, неопходно е да се развие застапување и посветена работа на организациите и институциите во Босна и Херцеговина и сите оние кои се вклучени во полето на транзициската правда. Така, Резолуцијата, секако, им обезбедува дополнителна платформа за нивните активности. Претходната меѓународна практика на одбележување на 11 јули како Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница беше само на државно ниво, што значи дека државите одлучуваа за тоа во рамките на нивните законодавни и извршни тела. Со усвојување на Резолуцијата, 11 јули ќе биде ставен на меѓународниот календар на сеќавање на злосторствата извршени во минатото.

Резолуцијата за геноцидот во Сребреница вклучува и дел за афирмирање на борбата против негирањето на геноцидот. Нејзиното усвојување ќе ги поддржи измените на Кривичниот законик на Босна и Херцеговина кои предвидуваат казни за оние кои го негираат геноцидот, злосторствата против човештвото и другите воени злосторства за кои се усвоени пресуди пред домашните и/или меѓународните судови. Во моментот на пишување на овој текст, врз основа на овој закон во Босна и Херцеговина е покренато само едно обвинение.

Сепак, со усвојување на Резолуцијата во други земји, ќе се подигне свеста за важноста на борбата против негирањето на геноцидот во Сребреница. Повикувајќи се на овој документ, залагањето за слични санкции против ширењето говор на омраза преку негирање на геноцидот во Сребреница значително ќе се подобри.

Иако бројни јавни и политички личности од Србија и босанскиот ентитет Република Српска тврдат дека Резолуцијата за геноцидот во Сребреница го обележува целиот српски народ како „геноциден“, придружен со многу навреди, негирање на самиот геноцид и несоодветни обиди за замена на тезите, во текстот на Резолуцијата не се споменува српскиот народ, Република Српска или Србија. Припадниците на воените и полициските формации осудени за геноцид навистина припаѓале на Армијата на Република Српска, единиците на Министерството за внатрешни работи на Република Српска и други формации. Политичките функционери осудени за геноцид припаѓале на владејачките структури на самопрогласената Република Српска во тоа време. Сепак, овие факти се дел од пресудите и судските архиви и се неразделни од фактите за геноцидот во Сребреница. Судовите се справиле со вината на сторителите. Резолуцијата за геноцидот во Сребреница се фокусира на жртвите, изгубените човечки животи и нивното достоинствено сеќавање.

Доколку биде усвоена, Резолуцијата за геноцидот во Сребреница првенствено постигнува глобално препознавање на болката и страдањето на жртвите, нивните семејства и сите граѓани на Босна и Херцеговина кои сочувствуваат со нив и/или поминале низ слични страдања. Таа го вклучува 11 јули како Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница меѓу другите датуми за сеќавање на ОН, кои веќе вклучуваат датуми за комеморација на геноцидот во Руанда, холокаустот и други масовни злосторства од минатото. По напорите на здруженијата на жените и мајките на Сребреница, како и на другите активисти, да ја откријат вистината за геноцидот во Сребреница и да го основаат Меморијалниот центар во Сребреница, сега е време новата генерација посветено да работи на понатамошниот развој на културата на сеќавање, на подигањето на свеста за фактите и меморализацијата на меѓународно ниво. Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница е можност за тоа. Во име на споменатата нова генерација на која ѝ припаѓам го прифаќам овој предизвик.

Хикмет Карчиќ е научен соработник во Институтот за истражување на злосторствата против човештвото и меѓународното право на Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина. Тој е автор на книгата „Измачувај, понижувај, убивај: поглед однатре на логорскиот систем на босанските Срби“, објавена од Универзитетот во Мичиген во 2022 година. Добитник е на стипендијата на Кин стејт колеџот на Институтот „Аушвиц“ во 2017 година. Често објавува коментари на меѓународните медиумски платформи. Неговите написи опфаќаат екстремизам, екстремна десница и масовни злосторства и се објавени во публикации како „Харец“, „Њусвик“ и „Форин полиси“.


[1] Резолуција усвоена од Генералното собрание на 23 декември 2003 година, Генерално собрание, Обединети нации. 23 февруари 2004 г., https://documents.un.org/doc/undoc/gen/n03/508/56/pdf/n0350856.pdf?token=mBWjEdpznTZtMyV55l&fe=true

[2] Резолуција усвоена од Генералното собрание на 1 ноември 2005 година, Генерално собрание, Обединети нации, 21 ноември 2005 г., https://documents.un.org/doc/undoc/gen/n05/487/96/pdf/n0548796.pdf?token=QbiYhCOOJb41VL5fk2&fe=true