Нашиот потиснат човечки идентитет

Во центарот на Прилеп има една биста на која ретко кој ѝ обрнува внимание. Бистата е на Лудвик Лазар Заменхоф, непознат за многумина во нашата земја, инаку основач на есперантото. А на постаментот стои запишана, на есперанто, една многу важна порака на есперантското движење: „Светот е една земја, човештвото е еден народ.“

Колку е или колку би можел да биде инспиративен овој став! А не е. Или, не му е дадена шанса да биде. Па ќе го поставиме прашањето: зошто е така? Зошто ваквите ставови не се присутни во јавниот дискурс, всушност се отсутни до таа мера што многумина што ќе го читаат овој текст, можеби првпат се среќаваат со еден ваков исказ?

Причината во голема мера е степенот на пенетрација, обликување и доминација на нашите мисли и светоглед од страна на националистичката идеологија. Таа, националистичката идеологија, е проѕирна во двојна смисла: манипулацијата што ја прави е многу петпарачка, но истовремено проѕирноста ѝ овозможува да не може да биде лесно забележана.

Оваа проѕирност може да се забележи кај скривањето на национализмот зад смоквиниот лист на патриотизмот, нејзина блиска, но не и идентична идеологија. Еве што прави секој национализам. Како и за многу други идеологии, и за овие две, е својствено концептуализирањето на сопствена група на припадност и на група што не е дел од неа, на „ние“ и „тие“. Бидејќи патриотизмот е фокусиран на сопствената земја, на татковината (patria), групата на припадност на патриотите ја сочинуваат земјаците, оние што живеат во иста земја со нив. Од друга страна, бидејќи национализмот е фокусиран на сопствената нација, групата на припадност на националистите ја прават сонародниците, оние со иста етничка идентификација како нив.

Ако се има ова на ум, во која било мултиетничка земја може лесно да се препознае патриотот наспроти националистот што тврди дека е патриот. На примерот на нашата земја, за македонскиот патриот, Албанците што живеат заедно со него во иста земја, како негови земјаци, би биле дел од неговата група на припадност, додека за македонскиот националист, тие би биле надвор од неговата група на припадност. Следствено, не би можел некој етнички Македонец да тврди дека е патриот, ако своите земјаци Албанци не ги гледа како дел од својата група на припадност. А, сепак, имаме мноштво вакви случаи: ем Албанците од нашата земја ги подругуваат, односно ги гледаат надвор од сопствената група на припадност, ем за себе сакаат да си градат слика на патриоти, а не на националисти. Постапка достојна за презир… ако се види и увиди проѕирноста на национализмот.

Проѕирноста на национализмот може да се забележи и при перцепцијата на човештвото. Една од појдовните тези на национализмот, е дека човештвото се дели на различни народи, обично врз основа на зборувањето различен мајчин јазик. Но, забележете ја проѕирноста: оваа своја теза национализмот се обидува да ја протне како аксиоматска вистина. Односно, нешто што претставува мислење, тврдење, нешто што може да се прифати или не, национализмот се обидува да го издигне до статус на неспорен факт од рангот на тоа дека 2 и 2 се 4. Но, чекајте малку. Зошто мора да се согласиме дека човештвото воопшто треба да го делиме, и зошто, ако веќе го делиме, не треба да го делиме на експлоататори и експлоатирани, туку баш на различни народи? Луѓето овде и на спротивната страна од планетата исти работи ги прават среќни, исти работи ги прават тажни, исто си ги сакаат децата, исто не сакаат да бидат понижени и обесправени, го трпат истото обесчовечување од капитализмот. И сега, сме требале да го тргнеме настрана сето она што нѐ обединува како луѓе и да го прифатиме тврдењето на национализмот дека требало да се гледаме поделени во етнички стада само зашто нашите исти чувства на радост и тага ги искажуваме на различен јазик!?

Да, некои, националистите, може да сметаат дека така требало. Но, оние што сметаат дека национализмот е штетна идеологија, им прават огромна отстапка на националистите кога и самите ја третираат тезата на националистите за нашата поделеност во етнички стада како неспорен факт. Па својата борба против национализмот ја започнуваат од точката дека, ете, бидејќи неспорно сме биле поделени на етнички стада, она што сме требале да го направиме е меѓусебно да си ги почитуваме разликите, обичаите итн. Започнувањето на борбата од таа точка, гарантира дека национализмот веќе постигнал значителен успех, дека веќе изградил ѕид меѓу нас и нѐ натерал да не го гледаме она многу што ни е заедничко и наместо тоа да го преувеличуваме она малку што ни е различно.

Човештвото е еден народ, а светот е една земја. Само на тој начин може нашиот етнички идентитет да не биде злоупотребен од националистите, преку неговото претставување како наш врховен, па и единствен идентитет. Тука повторно ја гледаме проѕирноста на национализмот на дело. Секој човек е богатство од идентитети. Тој е човечко суштество, жител на одредена држава, припадник на одредена етничка група, на одредена класа, жител на одреден град или село, има одредена родова припадност и сексуална ориентација, врши одредено занимање, има одредено хоби, можеби членува во одредена партија или прифаќа одредена идеологија итн. Неговиот етнички идентитет е дел од неговиот севкупен идентитет и не постои никакво правило што ги рангира идентитетите од поважни кон помалку важни, при што етничкиот идентитет би бил најважниот. А, сепак, националистите токму тоа го тврдат, продавајќи го тоа како апсолутна вистина. Но, внимавајте, треба некој да е исклучително закоравен националист, па да се дрзне да тврди дека прво бил Македонец, Турчин или Естонец, а дури потоа човек. А во секој случај, неговото дрзнување да го брани ова смешно тврдење, неминовно ќе го разобличи како – националистички фанатик. Се разбира, би било смешно да се тврди дека кој било наш парцијален идентитет доаѓа пред нашиот универзален човечки идентитет.

Човештвото е еден народ, а светот е една земја. Само преку напредувањето до оваа свест, може да ја избегнеме замката на подругувањето. Па другите луѓе, оние што не се дел од нашето етничко стадо, да ги поставиме отаде нашиот интерес и нашата грижа. Во таков случај на подругување, нивното страдање се деградира на понизок степен, а ние си обезбедуваме изговор пред себеси и пред другите да не го преземеме она што како луѓе, значи како човечки и човечни суштества, сме должни да го направиме. Конкретно зборувајќи, ако себеси се перципираме пред сѐ како луѓе и ако другите луѓе ги гледаме пред сѐ како луѓе, тогаш страдањата на луѓето во Газа, врз кои израелскиот дехуманизиран режим врши геноцид, зашто смета дека нивната „погрешна“ етничка припадност ги прави подлуѓе – ќе нѐ здоболат многу повеќе и поискрено. Зашто ако не подругуваме, ако луѓето во Газа ги видиме како луѓе и себеси како луѓе, тогаш сфаќаме дека врз некои од нашите се врши геноцид. А тоа сознание повеќе боли и поинаку, подлабоко мотивира во солидаризирањето и во перцепцијата на сопствената одговорност да се преземат мерки тоа страдање да престане.

Денес, нашиот човечки идентитет е потиснат под влијание на националистичката идеологија. Ги подругуваме луѓето што не се дел од нашето етничко стадо. Под влијание на индивидуалистичката идеологија на капитализмот, ги подругуваме и оние што се дел од нашето етничко стадо. Па, така, сами и осамени, и заглавени во провинцијализмот на национализмот, ние не можеме да ја сфатиме ниту ширината ниту длабочината на ставот на Роза Луксембург: „Јас сум дома секаде во светот каде што има облаци, птици и човечки солзи.“

А зошто согледувањето и уважувањето на нашиот човечки идентитет денес не е само пожелно, туку и насушно потребно? Тоа е така, бидејќи ние денес живееме во контекстот на нарушеност на климата, кој нема магично да исчезне па макар центрите на моќ продуцирале и десетпати повеќе негации и дистракции од она што го прават. Затворени во нашите етнички трла и индивидуализирани до екстрем, нас површно или никако не нѐ засегаат страдањата на другите луѓе (и останатиот жив свет) на сите страни од нашата планета, а што се предизвикани од сѐ почестите и поекстремни временски настани. И, следствено, ние не успеваме да се пробиеме до сознанието дека и атмосферата ни е една и заедничка и дека она што ние овде го правиме и што не го правиме во контекст на веќе значително нарушената клима на нашата планета, има последици врз луѓето (и останатиот жив свет) онаму каде што не допираат нашите очи, но до каде што треба да допираат нашите срца. Зашто треба да бидеме свесни и за тоа дека нашиот сегашен индивидуализам и егоизам си има цена. Цената е онаа на жртвите што не се први на удар, а која лутеранскиот свештеник Мартин Нимелер добро ја прикажа во контекст на нацистичките ѕверства. Тој молчел кога дошле по комунистите зашто не бил комунист. Молчел и кога дошле по следните три категории луѓе. Па кога дошле по него, немало никој што би го кренал гласот за него.

На еден од протестите за солидарност со луѓето во Газа, малубројни (што многу кажува за нашиот пад), еден стар дедо Албанец ми рече: „Треба да бидеме луѓе.“ Се согласив. Појасно искажување за нашиот денешен императив – здравје!

Здравко Савески