Ромската заедница во Северна Македонија е најмаргинализираната заедница која со децении се справува со сериозни проблеми, тргнувајќи од социо-економски проблеми, проблеми со образованието, дискриминацијата, пристапот до сите права и услуги, лоши услови за живеење, и што уште не!?
Според последниот попис во Северна Македонија (2021), целата популација брои 1.836.713 жители, од кои 46.433 или 2,52 % се Роми. Неофицијално бројката се движи од 100 до 120.000 Роми. Особено голем проблем со кој се соочуваат Ромите, е ниското ниво на вработеност и лошите услови за живеење, што значително го отежнува нормалниот живот на повеќе од 70 % ромски семејства.
Конфликтот во 2001 година придонесе до измени во политичките процеси, кои, пак, понатака се преточија во големи договори помеѓу поголемите политички партии. Со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, ромската заедница гледаше надеж во исполнување на правичната застапеност и интеграција на Ромите преку вработувањето во државниот и јавните сектор и исполнување на другите права дефинирани во принципите на самиот Договор. Според податоците и анализите кои се достапни, и после 25 години имплементација на ОРД, правичната застапеност за ромската заедница е далеку од очекуваното и според тоа не можеме да кажеме дека начелото на правична застапеност се почитува и реализира во целост.
Генералниот заклучок според Извештајот на Народниот правобранител, е дека со новото ажурирање на институциите, како и прибраните податоци за лицата вработени во овие институции/установи од јавниот сектор, забележливи се следните податоци: застапеноста на Македонците во 2022 година во јавниот сектор била со 71,9 %, додека за 2023 година е 71,6 %, што е намалување од 0,3 %. Албанската заедница во 2022 година била застапена со 21,4 %, додека оваа извештајна година таа е застапена со 21,7 %, што е пораст од 0,3 %. Турската етничка заедница во 2022 година била застапена со 2,1 %, додека во 2023 година нејзината застапеност е 2,2 %, што е зголемување за 0,1 %. Ромската етничка заедница е со ист степен на застапеност во 2022 и 2023 година, при што застапеноста на ромската етничка заедница е со исклучителен низок процент – 1,3 %. Од друга страна пак, Роми на раководни работни места во јавниот сектор има само 0,3 %.[1]
Според податоците, кај мал дел од институции има одреден напредок на планот на спроведувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, но вработувањата се повеќето само за Македонци и Албанци.
Согласно тоа, помалубројните етнички заедници сè уште не се застапени на задоволително ниво, особено ова би го истакнал за ромската етничка заедница, која изнесува 1,3 %, а треба да биде 2,52 % според последниот попис од 2021 година.
Може ќе се отвори и дебата – до кога ние ќе се базираме на бројки и на проценти? Да, се согласувам целосно со тоа! Но, кога целата држава се пребројува, тогаш зошто да не се брои и ромската заедница и соодветно на тоа да се креираат и посоодветни политики врз база на реалните потреби, а не само празни зборови!
Ваквиот тренд го доведува во прашање нивото на спроведување на ОРД, како и прашањето дали истиот важи за сите помали заедници или не!?
Здружението на граѓани за поддршка на маргинализирани групи – „Ромскиот Ресурсен Центар“ од Скопје, неодамна спроведе кратко истражување за влијанието на Охридскиот рамковен договор за интеграцијата на ромската заедница. Податоците од тоа истражување потврдија дека само 15 % од ромската заедница знаат за Охридскиот рамковен договор. Тоа укажува колку оваа заедница не е информирана и не е запознаена со ОРД и неговите начела. А, од друга страна, овој Договор претставува основна алка за стабилизирање на меѓуетничките односи, како и интеграција на сите заедници во општеството или пак – биполаризација на државата! Ова навистина заслужува внимание за подлабоко да се размисли и да се донесе заклучок – што во суштина се постигна со овој Договор?
Она што сега е позагрижувачко, е дека Охридскиот рамковен договор како да ги „постигна своите цели“, па сега следува нешто ново. Каде ќе седнат повторно големите играчи и важните ликови да ја прекројат судбината на сите, и да се договорат нови проценти и бројки… Тука, каде се Ромите? Повторно ќе влезат во некоја бројка, која може лесно да се избрише и да се коригира…! Со тоа се доведува во прашање принципот на интеграција и инклузија на Ромите во општеството и да бидат соодветно и еднакво третирани во сите нивоа на системот, како и во периодот од 2001 па навака.
Од друга страна, ослабувањето на ромскиот политички блок, дополнително ја отежнува позицијата на ромската заедница во преговорите со поголемите политички партии, што претставува основен клуч за партиципација во системот и во институциите.
Единствен документ со кој се таргетира инклузијата на Ромите во Република Северна Македонија, е Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година. Оваа стратегија нема обврзувачки карактер и останува на слободна волја на Владата и на ресорните министерства да спроведуваат активности за поддршка на ромската заедница. Зошто го спомнувам ова!?
Ако земеме предвид дека Охридскиот рамковен договор веќе не е толку актуелен, односно правичната застапеност и не е толку голем фокус на политичките структури затоа што албанската заедница веќе е соодветно претставена во сите нивоа на системот, некако се губи фокусот на овој принцип во рамките на политичките преговори.
Тоа значи дека сега веќе ромското прашање е оставено единствено на Стратегијата за Роми 2022 – 2030, која воопшто нема политичка перспектива како ваков документ.
Тоа отвора следно прашање: Како и на кој начин ќе се продолжи поддршката за интеграцијата и инклузијата на ромската заедница во државата!?
Одговорот е многу едноставен, но политиката го комплицира до ниво да не може да се дојде до решението!
Стратегијата за Роми 2022 – 2030 треба да се преточи во задолжителен документ пандан на Охридскиот рамковен договор, но само за ромската заедница. Многумина ќе искоментираат – зошто само за Ромите? – Па видовме што се случи со Охридскиот рамковен договор, најмал прогрес во правичната застапеност има кај ромската заедница. Поради тоа, непходно е да се обезбеди таргетирана легислатива и политика да се поддржи интеграцијата и инклузијата на ромската заедница.
Во спротивно, оваа заедница ќе продолжи да живее на маргините, во социјален ризик, кој на долг рок носи голема штета на целото општество, не само на ромската заедница. А за тоа, вината е кај сите нас!!!
Сите вие што ќе го прочитате овој текст, дали би можеле да замислите да живеете еден ден во овие услови во кои живеат илјадници ромски деца??? Само еден ден!!!
И во никој случај политичарите не смеат да креваат рамена и да немаат соодветни одговори зошто децениски проблеми се игнорираат, дискриминацијата и антизиганизмот кон Ромите се зајакнува од ден на ден, и на крај целата вина се префрла само на оваа заедница! Во отсуство на желба и на конкретни решенија, секогаш вперувањето на прст кон другата страна е најлесниот начин!
Ова општество мора да биде поодговорно кон тие кои живеат во историска изолација и сегрегација, а не да ги остави на работ на времето, да исчезнат како магла после изгрејсонце.
Сосема на крај, дали сите ние ќе сфатиме дека имаме одговорност и должност кон најслабите!? Или треба да се случи уште еден конфликт за да се направат промени!?
Себихан Демировски
Генерален менаџер на ЗГ „Ромски Ресурсен Центар“ Скопје (РРЦ).
М-р по менаџмент на човечки ресурси
[1] Извештај на Народниот правобранител за следење на примената на начелото на соодветна и правична застапеност: https://ombudsman.mk/CMS/Upload/NarodenPravobranitel/upload/documents/SPZ/SPZ-2023-Mak.pdf




