Сe уште е непозната судбината на киднапираните Македонци и Албанци од конфликтот во 2001 во Македонија.
Зоран Андонов
„Поминаа 18 години од тој трагичен настан а мене уште душата ме боли секогаш кога ќе се присетам на тие моменти, на тој трагичен 24 јули 2001 година кога беше киднапиран а потоа и убиен мојот татко Крсто. Времето ги лечи раните, велат, можеби, но кај мене и моето семејство болката уште е присутна затоа што се уште не се откриени и казнети злосторниците кои го направија ова злодело“ ја започнува својата тажна приказна Војо Гоговски од тетовското село Непроштено чиј татко беше киднапиран а подоцна и убиен во конфликтот во 2001 година.
Конфликтот во Македонија помеѓу припадниците на ОНА (Ослободителна народна армија), милитантна организација составена од албанските бунтовници и полицијата и армијата на Македонија (АРМ) започна на 14 март 2001 година во Тетово.
Во јули 2001 година на тетовското подрачје воените дејствија беа насочени кон селата кои се наоѓаа на левата страна од патот од Тетово кон Јажинце и границата со Косово. „Вечерта на 23 јули, се заостри ситуацијата на делот кај Непроштено, па македонското население од селото беше упатено кон соседното село Ратае. Меѓу нив беше и целото мое семејство… Утредента мојот татко, крајно загрижен за нашата куќа и имот во Непроштено рече: „Јас одам дома. Сѐ што сум стекнал во животот таму ми е. Никому ништо лошо не сум му направил и нема причина да се плашам од некого.“ Околу 17,30 часот ни се јави по телефон и ни рече дека е добро и да не се грижиме. Тоа беше неговото последно јавување. Според сознанијата до кои дојдовме покасно, татко ми Крсто Гоговски е киднапиран од неговата куќа од униформирани припадници на ОНА попладнето на 24 јули 2001г. Од тогаш му се губи секој траг“ зборува Војо Гоговски.
Многу слична е судбината и на останатите киднапирани Македонци во периодот од јули до крајот на август 2001 г. Некои биле киднапирани додека работеле на нивите, некои од своите домови во Тетово или во околните села, а за неколку не се знае каде и како се случило тоа, туку само им се губи трагата.
Според официјалните податоци во периодот јули и август 2001 година, во тетовскиот регион беа киднапирани 12 мажи од македонска припадност. Тоа се: Крсто Гогоски (1934), Васко Михајловски (1963), Димитрија Димовски (1941), Симеон Јакимовски (1941), чии остатоци од телата се пронајдени во масовната гробница кај селото Требош, додека за телата на Андре Ристовски (роден 1967), Цветко Михајловски (1949), Бобан Јефтимовски (1972), Васко Трајчевски (1953), Илко Трајчевски (1953), Ѓоко Синадиновски (1954), Бошко Димитриевски (1945) и Славко Димитриевски (1952) се уште не им се знае судбината но се претпоставува дека и тие се киднапирани и убиени на сличен начин.
На 13 август 2001г. беше потпишан Охридскиот договор со кој се стави крај на конфликтот а веќе во октомври, македонските безбедносни сили вршат есхумација на масовната гробница во близина на селото Требош за која се претпоставувало дека има тела на некои од киднапираните лица. Кога стручните екипи од судска медицина дошле на местото можело да се види дека во меѓувреме некој со багери тука прекопувал за да ги однесе телата и да ги скрие трагите од злосторството. Но и покрај таму се пронајдени делови од тела односно коски од тројца мажи и едно речиси целосно тело.
Во лабораторијата на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) беше извршена ДНК анализа на пронајдените остатоци за да се утврди идентитетот на лицата. Иако институциите уверуваа дека наодите се 99 проценти точни, семејствата на киднапираните долго време не ги признаваа ДНК наодите па тие беа пратени во БиХ во Институтот во Тузла каде истите беа целосно потврдени. Но, и покрај овие резултати, семејствата одбиваа да ги подигнат посмртните останки и да ги погребаат. „Јас ги видов посмртните останки на мојот маж Димитрие но пронајдени се само 30% од неговите коски. Другите делови од телото ги нема. И сега што јас да правам? Да направиме погреб само на неколку коски од мажот ми? Ако ги погребаме, па после ако се пронајдат и други делови од телото, ќе правиме повторно погреби, еден, два, пет погреби? Тоа ќе бидат огромни трауми за мене и моето семејство по се она што го преживеавме“ со горчина во гласот зборува Вена Димовска, сопруга на киднапираниот и убиен Димитрија Димовски.
И семејството на Војо Гоговски долго време не ги подигаше посмртните останки на Крсто Гогоски.
„Телото на татко ми Крсто беше пронајдено нај одоздола во масовната гробница во Требош па кога злосторниците ја прекопувале гробницата не стасале до неговото тело. И покрај тоа долго време не сакавме да ги подигнеме посмртните остатоци пред се поради мајка ми. Таа не веруваше во наодите и до последен момент од нејзиниот живот веруваше дека нејзиниот маж е жив и дека еден ден ќе ѝ се врати. Погребот на татко ми Крсто го направивме дури минатата година, откако умре мајка ми“ вели Војо Гогоски.
Во 2014 г. во Непроштено беше изграден спомен парк посветен на жртвите од ова село во конфликтот од 2001 година. Посмртните останки на Крсто Гогоски и Васко Михајловски после 17 години се погребани на селските гробишта во Непроштено. Неколкуте пронајдени коски од Симеон Јакимоски и Димитрија Димоски и после 18 години се уште се наоѓаат во фрижидерите на Институтот за судска медицина во Скопје.
Неколку години подоцна, се вршени ископувања на место во близина на Непроштено но пребарувањата не дадоа никакви резултати. Од тогаш па до денес нема извршено никакви потраги по телата на преостанатите 8 киднапирани Македонци.
Роднините на киднапираните Македонци веднаш по киднапирањата почнуваат долготрајна битка со институциите на државата за да ја дознаат судбината на своите исчезнати. Бараат одговори од полицијата, од војската, од политичарите, од странските претставници кои во тој период престојуваат во Македонија, но никој ништо не им кажува.
„Нема со кого не сме збореле во државава и сме се карале и сме плачеле и сме молеле. Разговаравме и со тогашниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и со неговиот помошник, а сега претседател Стево Пендаровски и со лидерите од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, со албанските лидери, но одговори не добивме. “ растревожено се присетува Вена Димовска на тие тешки моменти.
Семејствата на киднапираните Македонци се обиделе правдата да ја добијат и по судски пат. Но ни ова не било ниту малку лесно и едноставно. Првиот удар им беше нанесен во 2002 година кога Собранието на Република Македонија го донесе Законот за амнестија. Вториот и најтежок удар им беше нанесен во јули 2011 година, по точно 10 години од извршените киднапирања и убиства, кога Собранието на Македонија го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија, со што се и амнестираа одговорните за случаите „Непроштено“ и „Раководство на ОНА“ кои се однесуваа за 12-те киднапираните и убиени Македонци од страна на ОНА.
„Во случајот со киднапираните Македонци во конфликтот од 2001 година имаше две постапки. Едната постапка беше граѓанска во која беше тужена државата за надомест на штета заради загрозување од тероризам. Државата во 2005 г. си го исплати долгот кон роднините на киднапираните и тие беа обесштетени со соодветни суми според одлука на судот. Беше поднесена и кривична постапка за воени злосторства против цивилно население и тоа за два предмети „Непроштено“ и „Раководството на ОНА“ кои се директно поврзани со 12 киднапирани Македонци. Кога во 2011 година Собранието на Македонија го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија сите припадници на ОНА беа амнестирани а со тоа беа затворени и овие предмети. Сепак треба да се знае дека делото Воени злосторства врз цивилно население не застарува па некогаш во некој период овој случај може повторно да се отвори“ вели адвокатот Ванчо Шехтански кој ги застапуваше семејствата на киднапираните пред судот.
Сите киднапирани Македонци формално судот во Тетово ги прогласи за мртви во 2005 година. Во конфликтот од 2001 не настрадаа само цивили Македонци, имаше жртви и меѓу Албанците. Како исчезнати Албанци се водеа: Хајредин Халими од Скопје, Султан Мехмети од Струга и Џелил Османи од Гостивар. Во 2004 година на неколку места беа пронајдени телата на: Ибрахим и Зеќирија Велиу од Скопје, на Ислам Велиу од Струга, на Ружди Велиу и на бугарскиот државјанин, Радослав Балев.
Во почетокот, семејствата на киднапираните Албанци заедно со семејствата на киднапираните Македонци со здружени сили ја бараа вистината за судбината на своите најблиски од властите во Македонија. Но набрзо, од засега нејасни причини, тие целосно се повлекоа и ја прекратија дотогашната соработка, престанаа да се обраќаат до институциите и останаа недостапни за разговор.
Иако поминаа 18 години, раните од воениот конфликт од 2001 година се уште не се залечени. Телата на осуммината киднапирани Македонци уште не се пронајдени. Не е утврдена ниту причината зошто биле убиени и седумте Албанци. По своите исчезнати и загинати жалат и Македонците и Албанците.
Зоран Андонов е новинар и работи како дописник од Тетово за порталот “Сакам да кажам”. Покрај 30 годишната кариера како новинар и дописник за весниците Вечер и Дневник, телевизијата Канал 5 и МТВ, тој е и фотограф и во неговата долга кариера има одржано неколку самостојни и групни изложби.
____________________________________________________
The article is published in the regional magazine Balkan.Perspectives number 12.
The magazine can be found on the link: https://dwp-balkan.org/mk/bpm.php?cat_id=6&text_id=2